Фото: Пиксабеј

Медицински совет

Ниски концентрации на витамин Д во крвта може да се очекуваат кај разни болести, на пример кај остеопороза, малапсорпција од различна етиологија, автоимуни заболувања, акутни и хронични заболувања на бубрезите и црниот дроб, малигни тумори, невролошки, ендокрини и психијатриски заболувања. Знаците на недостиг од витамин Д може да се манифестираат со симптоми на замор, промени во расположението, чувство на слабост и грчеви во мускулите, болки во коските и зглобовите, но многу често нема знаци и симптоми.
Внесувањето прекумерни количества витамин Д или интоксикација со витамин Д е ретка, но многу сериозна ситуација бидејќи може да доведе до покачени нивоа на калциум во крвта, т.е. хиперкалцемија. Тоа се манифестира со симптоми на гадење, изразено чувство на жед, често мокрење, слаб апетит, запек, слабост, а во потешки случаи конфузија, нарушување на рамнотежата и координацијата и дизартрија, т.е. нејасен говор.
Колку витамин Д произведува телото за време на сончањето и колку треба да се сончате на ден, дали и изложувањето на лицето и рацете на сонце во зима може да биде корисно и во кој временски интервал? На луѓето со посветла кожа им треба околу 15 минути изложување на сонце за да произведат витамин Д, додека на луѓето со потемна кожа им треба од три до пет пати подолго. Количеството на произведен витамин зависи од големината на површината на изложената кожа, употребата на кремови за сончање, надморската височина на која се наоѓаме, степенот на загаденост на воздухот… Секако мора да внимаваме кога се изложуваме на сонце, бидејќи прекумерното изложување носи ризик од рак на кожата.
Главниот извор на витамин Д кај луѓето е неговата синтеза во кожата под влијание на изложеност на сончева светлина. Храната богата со витамин Д3 вклучува риба (туна, сардини, скуша, бакалар, харинга, лосос), морска храна, печурки шитаке, говедски црн дроб и жолчки од јајце. Сепак, вкупното внесување витамин Д во храната е во просек многу ниско и изнесува само 20 проценти од вкупните дневни потреби. Затоа, се препорачува суплементација на витамин Д и следење на концентрациите на витамин Д во крвта.