Есмералда и Квазимодо се разбудија меѓу палми

И покрај тмурното и врнежливо време, во широкиот и елегантен простор од дворот на Елисејската палата во Париз, црвениот тепих беше послан, Републиканската гарда стоеше построена во свечена униформа пред влезот во седиштето на претседателот Емануел Макрон. Според едвај видливата возбуда на дел од персоналот, се чини очекуваат некого што очигледно доцни. На вакви помпезни приеми, особено кога се врзани за значајни политички или културни настани, неоправданото доцнење се смета за недипломатски потег, освен ако за доцнењето се врзани големи оправдани причини.
Поводот за ваква меѓународна политичка средба е, како што се вели овде во Париз, новото воскресение на катедралата „Нотр Дам“ или, по наше, новото воскресение на Богородичната црква во Париз. Личноста што доцнеше повеќе од половина час беше никој друг туку новиот претседател на Соединетите Американски Држави, господинот Доналд Трамп. Неговото доцнење излезе како оправдано или смислено, бидејќи доцнењето на Трамп придонесе да се види со господинот од Украина, Володимир Зеленски, така што на Макрон случајно или судбината му направи непредвидлива дипломатска тројка, потребна за секој од нив, да си поразговараат за многу пријатни и непријатни состојби во кој се наоѓа денешниот свет. Во обележувањето на новото воскресение на старата дама од Париз беа дојдени и други педесетина политички личности од разни страни на светов. Меѓу нив се најде сопругата на актуелниот претседател на САД, Бајден, како и чудесниот милијардер и иден министер во владата на Трамп, господинот Илон Маск.
Трамп беше дојден во Париз и на 15 април 2019 година, кога катедралата беше зафатена со темни пламени јазици, кои ја обвиткуваа и обезличуваа одвнатре и однадвор познатата вековна катедрала од Париз, кога се веруваше дека овој историски објект, според тоа што му се случува, изгорена и јагленосана целата дрвена конструкција, во таква состојба не ќе може повеќе да заживее и фаталната судбина ќе го однесе во темниот простор од непостоењето.
Речиси пред два века, во февруари 1831 година, писателот Виктор Иго има напишано: Пред неколку години, качувајќи се по скалите на една од кулите на „Нотр Дам“, во еден темен агол, врз камен го забележав изрезбаниот збор, АНАГКН. Се запрашав која сила го натера авторот на овој старогрчки збор длабоко да го забележи врз камен од катедралата? Дали станува збор за судбина или фаталност? Човекот што го напиша овој мистериозен збор на ѕид од катедралата исчезна пред неколку века. Зборот по редот на нештата се избриша од ѕидот на катедралата, по таков еден ред и катедралата наскоро можеби ќе исчезне од просторот на Земјата.


Според овој збор е напишана оваа книга, забележува Виктор Иго, во воведот на „Богородичната црква од Париз“. Дали можните погубни предвидувања што ги замислуваше Виктор Иго се и овие што се случија на 15 април 2019 година? Дали ваквите премрежиња се дело на судбината или на фаталноста? И дали на 15 април 2019 година можеа во пламенот што ја зафати катедралата „Нотр Дам“ да исчезнат и главните личности од книгата на Иго, Есмералда и Квазимодо, како што избледоа човекот и зборот напишан врз камен од катедралата? Некои велат зборовите напишани во книга траат подолго отколку оние што се издлабени врз камен или ѕид. Кој да знае, тоа се прашања на судбината и фаталноста. Во творештвото претставуваат убав материјал за градење уметничко дело, книга, слика или гравура.
На 7 декември годинава, кога се обележуваше новото воскресение на „Нотр Дам“, кога катедралата доби ново лице, исчистено, измиено од патината на изминатите векови, се чинеше дека со тоа се будат и личностите што се врзани за бујната историја на „Нотр Дам“. Есмералда и Квазимодо сигурно ќе бидат едни од многуте што ќе се разбудат во поинаков простор, во нов свет, ќе заживеат во шумата на „Нотр Дам“, бидејќи за реновирањето на катедралата се исечени илјадници дрвја, изделкани на старински начин, за да се создаде простор каде што Квазимодо ќе може спокојно да ги удира камбаните на катедралата, од чиј звук, според Иго, Квазимодо го изгубил слухот.
„Нотр Дам“ гледана од подалеку, од мостот наречен Мал мост, каде што не се посадени туку се поставени во големи саксии дваесетина палми, кои не се во програмата за „Нотр Дам“, туку се елементи од Олимписките игри што годинава се одржаа во Париз. Така судбината се претвори во чудесна магија, во која се чини како Квазимодо сакајќи да ја одбрани Есмералда од лошите луѓе, кои постојат и дејствуваат во разни временски периоди, оди под олимписките палми, кои изгледаат како убав простор за будење по преспан сон.
На свечениот миг, Емануел Макрон ги поздрави гостите дојдени од секаде и им се заблагодари на мноштвото групи и екипи совршени мајстори од секаква дејност, на инженери, архитекти, ликовни дејци, кои учествуваа во обновата, а со тоа и во новото воскресение на старата дама од Париз.
„Нотр Дам“ ја чека уште долга професионална работа за нејзина крајна обнова и реставрација.
Дел од витражите се предвидува да биде готов за некоја година, задниот дел од катедралата сѐ уште е под железно скеле. Понекогаш и не мора да се заврши сѐ наеднаш, нека остане понекоја ваква радост и за други години, но не многу далечни, и покрај тоа што „Нотр Дам“ е научена да живее на долги обични и олимписки патеки.