Фото: „Нова Македонија“

Доколку се земе предвид дека Вселенската патријаршија е институција со исклучително голема специфична тежина во православниот свет, како и фактот дека екуменскиот патријарх Вартоломеј Први има статус на прв меѓу еднаквите од другите православни достоинственици низ светот, тогаш навистина изразеното сочувство оттаму (до МПЦ-ОА и архиепископот г.г. Стефан) пристигна на начин што дава за право да се заклучи дека во заднината на таквата постапка има некаква (скриена) порака. Точно е дека меѓу Македонската православна црква – Охридска архиепископија и Вселенската патријаршија останаа неодговорени одредени прашања, кои широко се отворија по испорачаните барања на Вселенската патријаршија кон Македонската православна црква. Но, навистина, дали упокојувањето на владиката Тимотеј беше можност навистина за да се потсети на недоразбирањата на таков начин?

До Македонската православна црква – Охридска архиепископија и Јустинијана Прима, како и до архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан пристигнаа голем број телеграми и писма со сочувство за упокојувањето на почитуваниот митрополит г. Тимотеј. Меѓу првите што изразија сочувство беа рускиот патријарх г.г. Кирил и српскиот патријарх Порфириј, како и други црковни достоинственици и општественици. Меѓутоа, недостигаше едно клучно изразување сочувство од високото правосвештенство, односно од институцијата што е „прва меѓу еднаквите“: сочувство од вселенскиот патријарх Вартоломеј. Владиката Тимотеј почина на 19 ноември, закопот беше на 28 ноември, а сочувството од Вселенската патријаршија пристигна на 3 декември. Што е невообичаено долг период. Некои соговорници толкуваа дека тоа се должи на пропусти во самата Вселенска патријаршија, но повеќето толкуваат дека тоа е една сериозна порака од Фанарот до МПЦ. За каква порака се работи?

(Пре)големи амбиции на Вселенската патријаршија

Соговорниците со кои се консултиравме, а се упатени во оваа проблематика, посочуваат дека релациите помеѓу МПЦ-ОА и Вселенската патријаршија во моментов не се на посакуваното ниво, особено поради последните испорачани барања од страна на Вселенската патријаршија упатени до нашата црква, а тоа се:
– Прашањето за промена на името на Македонска православна црква – Охридска архиепископија и Јустинијана Прима;
– Второ, прашањето за (откажување од) управувањето на епархиите на МПЦ што се надвор од границите на државава;
– Трето, прашањето врзано за признавањето на Украинската православна црква – Киевска патријаршија од страна на МПЦ.
Дека постојат недоразбирања потврдија неколку претставници на МПЦ-ОА, а меѓу нив беше и владиката Петар, митрополит Преспанско-пелагониски. Тој нѐ потсети дека во синодалниот акт на Вселенската патријаршија има условувања за името МПЦ-ОА, односно Вселенската патријаршија бара „име за севкупна употреба што нема да го содржи зборот Македонија“ или изведенка од него за Македонската православна црква. Дополнително на ова, Вселенската патријаршија бара „јурисдикцијата на МПЦ-ОА да биде ограничена само на политичките граници на македонската држава, а надвор од неа македонските православни верници би се нашле под надлежност на некоја друга православна црква“. Овие барања, според владиката Петар, биле категорично отфрлени. Тој за ова посочи дека пласираните барања се услови (ултиматум) на Вселенската патријаршија, со што уште еднаш се потврдило стојалиштето дека „прашањето за добивањето томос било само политичко, а не канонско прашање“. За потсетување, исклучително е значајно и дека став по ова прашање јавно искажа и архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан. Тој јасно посочи дека се неприфатливи барањата на Вселенската патријаршија, односно откажување од името Македонска православна црква и отстапувањето од македонската дијаспора!
– Името ние си го имаме, тоа име е наше на никој друг не припаѓа и затоа не треба никој да бара да се откажуваме ние од нашето име, а името на нашата црква е Македонската православна црква возобновена Охридска архиепископија, затоа се содржат и двете имиња во името на нашата црква. Дијаспората, кога ќе преземат од сите други народи православни што имаат своја дијаспора тогаш нека биде и нашава, но тоа прашање тешко ќе биде реализирано односно одговорено во позитивна насока кон барањата на Цариградската патријаршија – нагласи архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан за овие прашања.

Дали децидниот одговор на МПЦ создаде амбиент на нетрпеливост,
непризнавање и неуважување кај Вартоломеј?

Според повеќе наши соговорници, двонеделното доцнење на искажаното сочувство на Вартоломеј за упокојувањето на македонскиот владика Тимотеј не е случајно. Тоа воопшто не се должи на некаква „грешка или административен пропуст“ на Фанарот, туку е порака, па дури и според некои соговорници „мека закана“ до нашата МПЦ.
Соговорниците најпрво го изразуваат својот став дека во духот на христијанството и православието е промптно упатување сочувство, кое Вартоломеј, без разлика на одредените несогласувања, било неопходно да го стори. Високото ниво на духовна, па и административна позиција и својство, не дозволуваат вакви „земски“ калкулации и политики, велат нашите соговорници. Можеби ваквиот потег на владиката Вартоломеј не се судира со каноните, но од морален аспект е проблематичен. Кај „православното стадо“, високото првосвештенство се смета за поблиску до бога од она што се обичните верници. Затоа, ваквите потези како што се „човечката суета, копнеж за моќ и влијание“ се многу поблиску до „земските грешници“ отколку до бога, толкуваат нашите соговорници, додавајќи дека Вартоломеј многу повеќе се доближува до политика, калкулации и политикантство отколку до чистите црковни канони и високи верски морални и етички вредности.
Но пораката (испратена премолчено од владиката Вартоломеј, во пакет со јавно изразеното сочувство), протолкувана од страна на нашите соговорници, звучи многу посурово и фрапирачки.
Вартоломеј и Вселенската патријаршија нема да ѝ го дадат томосот на МПЦ доколку не се исполнат испратените барања, дека тој едвај се решил да испрати допис на сочувство (со доцнење од две недели), бидејќи сѐ уште смета дека нашата црква не е во канонско единство со другите православни цркви. И трето, дека нашата црква ја смета како дел од за него спротивставената групација на православни цркви, на чие чело е Руската православна црква.
Во целиот галиматијас на влијанија, соговорниците го поздравуваат и го поддржуваат непоколебливиот став на нашиот архиепископ г.г. Стефан, како и на Синод на МПЦ (што одлучува самостојно и без надворешни замешателства, а одлуките се во согласност со канонот), дека се неприфатливи барањата на Вселенската патријаршија, односно не доаѓа предвид откажување од името Македонија (и придавката македонска) и дека нашето име е Македонска православна црква. Наедно дека отстапувањето на македонската дијаспора на некоја друга црква не доаѓа предвид, бидејќи православните македонски верници надвор од државата се нараскинлив дел од македонскиот народ и македонскиот национален супстрат, а со тоа дел од нашата МПЦ. Д.Ст.