Фото: „Нова Македонија“

Она што во последно време внесе извесна доза на нервоза кај официјална Софија се пристапот на новата македонска влада и засилените активности на македонската дипломатија, кои работат заедно со стратегиските партнери и земјите пријатели во ЕУ на заштита на македонските интереси, исклучувајќи ја Бугарија од тие процеси, откако таа претходно одби каква било можност за дијалог со македонската страна. Со тоа падна во вода досегашната практика на која се навикнаа водечките бугарски политичари, тие да кажуваат што може, а што не може да прави земјава, а македонската влада беспоговорно да го исполнува тоа

Зошто поранешниот бугарски премиер притиска неговата земја што поскоро да избере влада

Уставните измени што Бугарија успеа да ги наметне како услов во преговарачката рамка се само една капка во морето на барања што официјална Софија има намера да ѝ ги испорача на земјава во текот на преговарачкиот процес со Европската Унија.
Впрочем, тоа не го кријат ниту бугарските политичари, кои јасно истакнуваат дека уставните измени се само првиот чекор што треба да го направи земјава, а дека понатаму ќе треба да спроведе уште многу од преземените обврски со преговарачката рамка и протоколите во неа, во кои се наведени сите точки од декларацијата усвоена во бугарското Народно собрание.
Она што во последно време внесе извесна доза на нервоза кај официјална Софија се пристапот на новата македонска влада и засилените активности на македонската дипломатија, кои работат заедно со стратегиските партнери и земјите пријатели во ЕУ на заштита на македонските интереси, исклучувајќи ја Бугарија од тие процеси, откако таа претходно одби каква било можност за дијалог со македонската страна. Со тоа падна во вода досегашната практика на која се навикнаа водечките бугарски политичари, тие да кажуваат што може, а што не може да прави земјава, а македонската влада беспоговорно да го исполнува тоа.
Поранешниот бугарски премиер и победник на последните парламентарни избори во Бугарија, Бојко Борисов, завчера пред почетокот на самитот ЕУ-Западен Балкан се пожали дека многу процеси поврзани со Македонија се одвивале без присуство на Бугарија и најави дека неговата земја треба повторно да си ја зајакне позицијата во регионот.
– Од разговорот (со Кошта) разбрав дека во текот на овие години имаше многу процеси за С. Македонија во Брисел, во нашите партнерски земји во НАТО, без учество на Бугарија и се изгуби многу време. Едноставно бев изненаден од објаснувањата што требаше да ги дадам. Мораме да формираме влада и да застанеме многу цврсто на својот став – изјави Борисов пред новинарите во бугарскиот парламент.
Борисов учеството на самитот ЕУ-Западен Балкан го виде како добра можност повторно да ја врати Бугарија во игра на регионалната сцена, особено во однос на Македонија.
– Влијанието на Србија, Грција и Турција е огромно. Унгарија сè помоќно е вклучена во овој процес, а ние како лидери на Балканот сега само ги набљудуваме процесите и не нè чека ништо добро. Бугарија може и треба да се врати и да застане таму каде што беше пред четири години – рече Борисов.
Несомнено, од она што го порача поранешниот и потенцијален кандидат за иден бугарски премиер може да се заклучи дека Бугарија сака целосна контрола на процесите што се однесуваат на Македонија. Тоа истовремено е и јасна потврда дека бугарската страна нема намера да отстапи ниту милиметар од поставените позиции и дека уставните измени се само првото скалило што земјава треба да го искачи, по што ќе следуваат нови и нови условувања.
Познавачите на регионалните состојби сметаат дека ваквите изјави на Борисов можат да се набљудуваат од два аспекта.
– Првиот аспект е намерата на Борисов да испрати порака до домашната политичка сцена дека додека сите се закопани во политички ровови, Бугарија со години не може да формира политичка влада и процесите течат без нејзино присуство и влијание. На тој начин сака да каже дека е време да се закопаат суетите и тој да добие можност за застане на чело на новата влада за да ги заштити бугарските позиции. Станува збор за еден вид самопромоција и притисок во кој прашањето за Македонија се користи за конечно да се изгласа влада. Втор аспект е дека Бугарија сака да ја задржи контролата што ја доби на подарок од Македонија со прифаќањето на францускиот предлог и преговарачката рамка, да не дозволи притисокот да се насочи врз официјална Софија, за да може во иднина во текот на преговарачкиот процес да ги дозира сите барања што ги поставила во својата декларација од 2019 година – појаснуваат познавачите.


Орбан во ненајавена посета на Бугарија

Унгарскиот премиер и претседавач со ЕУ, Виктор Орбан, денеска се очекува да престојува во ненајавена посета на Бугарија, при што е предвидено да има средби со бугарскиот претседател Румен Радев, а не е исклучена можност да се сретне и со Бојко Борисов, лидерот на партијата што победи на последните парламентарни избори во земјата.
Понатамошното продлабочување на пријателските билатерални односи меѓу Бугарија и Унгарија, темите на агендата на Европската Унија и безбедносното опкружување во регионот се очекува да бидат во фокусот на разговорот, соопштија од прес-секретаријатот на шефот на државата.
Сепак, главна тема се очекува да биде транзитот на руски природен гас преку Балканскиот тек за земјите од ЕУ, вклучувајќи ја и Унгарија. Плаќањето на овие давачки се врши преку Газпромбанк, на која САД ѝ воведоа санкции.
Некои од медиумите во земјава пренесоа дека посетата на Орбан можеби е во функција на повторен обид за унгарско медијаторство меѓу Македонија и Бугарија, откако Унгарија одигра успешна медијаторска улога во тргањето на австриското вето за влезот на Бугарија во шенген-зоната. Сепак, сето ова е во доменот на шпекулации, со оглед на тоа што интенцијата на посетата на унгарскиот премиер е да се реши проблемот со транзитот на гасот. С.Т.


За време на завчерашната расправа во Европскиот парламент, во пресрет на самитот ЕУ-Западен Балкан, стигнаа реакции од повеќе европарламентарци, кои го вперија прстот кон Бугарија и побараа од официјален Брисел да ги тргне настрана билатералните прашања од преговарачкиот процес, но и да ѝ даде гаранции на Македонија дека ако ги направи уставните измени, понатаму нема да има нови пречки

Засилените активности на македонската дипломатија даваат резултати

Сѐ повеќе европарламентарци застануваат на страната на Македонија

Активностите на новата македонска дипломатија во последните месеци веќе ги даваат првите резултати, а тоа може да се насети во сѐ погласните повици од страна на повеќе европски политичари, функционери, европратеници, аналитички центри и слични тела, кои бараат да се престане со условување на Македонија со билатерални прашања и да ѝ се овозможи да преговара со Европската Унија во согласност со востановените критериуми.
Имено, за време на завчерашната расправа во Европскиот парламент, во пресрет на самитот ЕУ-Западен Балкан, стигнаа реакции од повеќе европарламентарци, кои го вперија прстот кон Бугарија и побараа од официјален Брисел да ги тргне настрана билатералните прашања од преговарачкиот процес, но и да ѝ даде гаранции на Македонија дека ако ги направи уставните измени, понатаму нема да има нови пречки.
Холандскиот европратеник Тајс Ројтен порача дека е доста од празни зборови за проширувањето и дека е крајно време ЕУ да преземе храбри чекори и да покаже политичка волја за процесот на проширување.
– Дајте ѝ јасни гаранции на С. Македонија дека со уставните измени ќе се отстранат бугарските барања и нема да водат кон нови приговори. Не наградувајте го назадувањето на Србија за суштинските начела. Ни треба промена во тактиката и ангажманот. Можни се една или две земји во ЕУ пред 2029-та. Не ни треба уште една прес-конференција за проширувањето – бла, бла. Ве молам. Туку мобилизирање на политичката волја – истакна Ројтен.
Билатералните прашања, како што пренесе ТВ 24, да не се користат во процесот на преговори побара и новиот известувач за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц.
– Ве молам да ги разјасниме билатералните прашања на билатерална основа и да не го користиме пристапниот процес за да зборуваме за билатерални прашања. Да наоѓаме компромиси и да им посакаме добредојде на земјите од Западен Балкан најбрзо што е можно – порача Вајц.
На иста линија беше и хрватската европратеничка Желјана Зовко, која ја посочи Македонија како пример за долгото стоење во чекалницата на ЕУ.
– Ќе ве потсетам, во 2005-та Македонија доби кандидатски статус заедно со Хрватска. Каде е сега Македонија – праша таа.
Очигледно аргументите што во последно време ги изнесуваат македонските власти на многубројните турнеи и лобирања меѓу земјите пријатели даваат плод, а неаргументираната бугарска блокада е под сѐ поголем притисок. Европратениците ја поздравуваат намерата на Македонија да ги направи уставните измени, но во исто време ги поддржуваат македонските позиции дека се потребни јасни и прецизни гаранции дека тоа ќе биде последното условување на земјава. С.Т.