Сместен во мрачниот валкан дел на Њујорк, Себастијан Стен е Едвард, актер почетник, со деформирана глава покриена со многу тумори (неврофиброматоза). И покрај тоа, општеството го прифаќа како таков, тој е добар сосед и колега и никој не покажува никакви знаци на нервоза во негово присуство, а да не зборуваме за социјално отфрлање или нешто слично. Па, дури речиси започнува емотивна врска. Некој би рекол дека Едвард, и покрај неговиот хендикеп, е среќно човечко суштество
Рецензија
Сигурно веќе голем дел од филмските обожаватели имале можност да го гледаат фамозниот „Супстанција“, кој е еден од најголемите филмски хитови за 2024 година. Овој филм предизвика многу контроверзии во филмските кругови и страв и паника со своите сцени во кои преовладува жесток телесен хорор. Но ако мислевте дека „Супстанција“ е чуден телесен хорор, дали го гледавте „Поинаков човек“? Овој филм сериозно претендира да му го одземе епитетот „најчуден филм“ за годинава.
„Поинаков човек“ е тивок филм. Тој ги немаше медиумската поддршка и агресивната маркетиншка кампања со која располагаше „Супстанција“, но се чини дека такво нешто на овој филм и не му е потребно. Тој во себе содржи доволно компоненти со кои несомнено го привлече интересот на филмската јавност.
Оваа драма/трилер (под чудни околности некој го сместил овој филм во категоријата комедија) е победник на 34. филмски награди „Готам“, кои се одржаа на 2 декември во Њујорк. Тоа беше дури четврта награда за ова остварување по триумфот на фестивалите во Берлин (најдобра машка улога), Стигес (најдобро сценарио) и Палм Спрингс (најдобар режисер).
Сместен во мрачниот валкан дел на Њујорк, Себастијан Стен е Едвард, актер почетник, со деформирана глава покриена со многу тумори (неврофиброматоза). И покрај тоа, општеството го прифаќа како таков, тој е добар сосед и колега и никој не покажува никакви знаци на нервоза во негово присуство, а да не зборуваме за социјално отфрлање или нешто слично. Па, дури речиси започнува и емотивна врска. Некој би рекол дека Едвард, и покрај неговиот хендикеп, е среќно човечко суштество.
Сепак, се чини дека Едвард сака повеќе. Кога ќе дознае за експериментален лек што може целосно да го излечи, тој оди на терапија. И, навистина, се случува чудо. Лекот дејствува и Едвард повторно изгледа сосема нормално. Меѓутоа, како можете да ѝ ја објасните таквата промена на околината? Едвард одлучува да земе нов идентитет. Иако на прв поглед изгледа како пат кон подобар живот, реалноста носи многу непремостливи предизвици. А сè кулминира кога Освалд, човек со исклучителна интелигенција и навистина деформирано лице поради неизлечива неврофиброматоза (величествениот Адам Пирсон), интервенира во неговиот нов живот.
„Поинаков човек“ можеби и малку невешто е сместен во категоријата трилер. Во некоја далечна конотација ова е трилер за граничните области на човековата свест, но ако го кажеме тоа, тогаш е попрво хорор, бидејќи филмот предизвикува многу повеќе емоции како онаа во класикот „Човекот слон“, награден со „оскар“, отколку во некој криминален елемент. Шимберг, кој е и сценарист, храбро направи парафраза на човечката етика, поставувајќи ни прашања за кревкоста на нашите предрасуди и, како такво, го рангира ова дело на самиот врв на (годинашната) продукција.
Сепак, за разлика од гореспоменатиот „Човекот слон“, јасно е видливо дека „Поинаков човек“ не сака да ги надмине границите на независната продукција, што е можеби штета со оглед на потенцијалот што го има. Поради тоа, едноставно кажано, многумина можеби би ја пропуштиле можноста да ја видат сета „убавина на едноставноста“ на овој филм, отфрлајќи ја како нединамична, интелектуалистичка и претенциозна драма со шмек на таканаречените „халмарк-драми“ од Б-класа.
Овој анинтенционален психолошки хорор многу суптилно навлегува во потсвеста на умот, од каде што ги вади на површина најголемите човекови стравови. Многу сличности можат да се пронајдат во раните филмови на Кроненберг („Мува“, „Морници“…). Всушност, колку повеќе го гледате, споредувајќи ги кастингот, начинот на изведба на актерите, колоритот на сцените, овој филм сѐ повеќе ве убедува дека е дело на Кроненберг. Донекаде потсетува и на „Адаптација“, каде што главната улога ја играше Николас Кејџ, но можеби најмногу сличности и паралели можат да се повлечат со мрачната драма/комедија на Чарли Кауфман од 2008 година, насловена „Синегдош Њујорк“.
Интересен податок го следи овој филм, имено дури и самиот Себастијан Стен шетал по улиците на Њујорк во оваа детална убедлива шминка, дури и застанувал на своето вообичаено кафе, за да почувствува како неговиот лик Едвард ќе се движи низ светот.
Во најголемиот дел од времето во оваа мрачна комедија на писателот и режисер Арон Шимберг, Стен е под слоеви протетика за да глуми човек со сериозно изобличено лице. Работата на Арон Шимберг во основа се сумира како мрачно, сатирично и Кауфманово искуство со прекрасно чувство за атмосфера што се протега низ целиот наративен, силно ангажиран дијалог и силни изведби од актерската екипа.
„Поинаков човек“, дело на американскиот режисер Арон Шимберг, познат и по неколку други филма, меѓу кои и драмата „Доживотно оковани“ од 2018 година, е чуден и мистериозен од повеќе аспекти.
Прво, зошто вакво име? Нејасно е што всушност сакал режисерот да истакне како порака. Второ, гледајќи го овој филм, лесно ќе западнете во недоумица, дали станува збор за ремек-дело или пак за пропуштена шанса за нешто што би можело да биде многу подобро. Но, сепак, кога предизвикува ваква дилема, тогаш сосема е сигурно дека тој филм го оправдува своето постоење. На крајот на краиштата, наградите што ги има освоено кажуваат за квалитетот на ова дело многу повеќе од која било критика.
Интимниот и ненаметлив начин на кој Шимберг ја раскажува приказната на Едвард се совпаѓа со однесувањето на ликот. Снимен во супер 16 мм од кинематограферот Вајат Гарфилд, „Поинаков човек“ има боја и текстура на њујоршката инди од 1970-тите и итар, апсурден хумор на филмовите на Вуди Ален од таа ера. Ова е особено точно штом Ренате Реинсве ќе влезе во сликата како сосетка на Едвард, Ингрид, драматург што штотуку се преселила таму од Норвешка.
И покрај врвните перформанси на актерите, очигледно е дека шоуто во овој филм го украде британскиот актер Адам Пирсон. Актерот што ја преплаши филмската публика со својот реален фацијален деформитет во еден од најбизарните филмови некогаш направени, „Под кожата“ од 2013 година, каде што глумеше заедно со занесната Скарлет Јохансон, е блескаво самоуверен. Тој, и покрај ужасниот деформитет, глуми жесток маж, кој освојува сѐ пред себе. Неговиот карактер се одликува со духовитост и брз испитувачки пристап кон животот, што го доведува Едвард во уште поочајна состојба.
Во оваа интригантна, но распрскана визија, која сѐ повеќе се насочува кон надреалното во својата потрага да ги истражи темите на идентитетот, автентичноста и природата на убавината, се развиваат многу идеи. Но, сепак, ова е филм чие значење и тон не можат лесно да се одгатнат. Дефинитивно нема да сакате да го гледате вторпат.