Гледајќи го овој филм, не е тешко да се види зошто „Под кожата“ е вид на филм што во исто време едни гледачи ќе задоволи, а други ќе разочара. Ако сте некој што сака научна фантастика, овој филм може високо да котира на вашата филмска листа. Судејќи според поделената реакција на публиката и колку беа жестоки некои од негативните реакции, несомнено станува збор за дело што ја поттикна имагинацијата на филмската јавност и дефинитивно ја помести замислената граница на возможното. „Под кожата“ е моќно, страшно, необично еротично филмско дело, кое без сомнеж ќе ве остави во шок

Првиот блесок на филмското платно на Адам Пирсон

Британскиот актер Адам Пирсон блескаше во филмот „Поинаков човек“ на режисерот Арон Шимберг. Тој се најде меѓу номинираните на многу филмски фестивали, а на независните филмски награди „Готам“, каде што „Поинаков човек“ ја доби наградата за најдобар филм, Пирсон беше номиниран во категоријата за извонредна споредна изведба.
Адам Пирсон е познат и наградуван активист, актер, водител и говорник. Адам беше номиниран за документарен презентер на годината во Обединетото Кралство на наградите „Грирсон“ во 2016 година.
Тој работеше како истражувач за Би-би-си и Канал 4 пред да стане презентер на првата серија на „Убавицата и ѕверот: грдото лице на предрасуди“ на Канал 4. Тој исто така ги водеше документарните филмови „Хоризонт: Мојот неверојатен близнак“ (Би-би-си 2), „Адам Пирсон – фрик шоу“ (Би-би-си 3) и „Грдото лице на криминалот од омраза за попреченост“ (Би-би-си 3), како и многу други телевизиски проекти.
Роден со неврофиброматоза тип 1, генетска состојба што создава бенигни тумори на кожата по целото лице, тој не размислувал за кариера во шоу-бизнисот. Неговото прво појавување на филмското платно се случи во 2013 година, каде што тој беше избран заедно со фантастичната актерка Скарлет Јохансон во филмот на Џонатан Глејзер „Под кожата“. Тој рече дека се надева дека улогата ќе предизвика стигма за обезличување и ќе ги натера луѓето да почнат да гледаат пошироко на овие појави. Токму во овој филм Пирсон го откри своето уживање во глумата.
Во 2019 година Пирсон глуми во филмот „Доживотно оковани“, во режија на Арон Шимберг, за во 2024 година да му биде доделена водечката споредна улога во филмот на истоимениот режисер, наградуваниот „Поинаков човек“. Пирсон за филмот рече: „За да се оспорат стереотипите, прво треба да се утврди дека постојат“.
Адам Пирсон за првпат се појави во натприродната научнофантастична хорор/драма „Под кожата“ на наградуваниот режисер Џонатан Глејзер (доби „оскар“ за неговиот филм „Зона на интерес“) и веднаш предизвика бура реакции кај филмската публика, од шок поради неговиот физички изглед до восхит поради талентот и глумата. Во овој филм тој се појавува во епизодна улога, каде што го толкува „деформираниот човек“.
И покрај тоа што имаше неуспех на благајните, „Под кожа“ постигна успех кај критиката, а многу од нив го наведоа како незаборавно филмско искуство и еден од најдобрите филмови на годината. Реакцијата на публиката, како што може да се види овде, беше многу поделена.
Гледајќи го овој филм, не е тешко да се види зошто „Под кожата“ е вид на филм што во исто време едни гледачи ќе задоволи, а други ќе разочара. Ако сте некој што сака научна фантастика, овој филм може високо да котира на вашата филмска листа. Судејќи според поделената реакција на публиката и колку беа жестоки некои од негативните реакции, несомнено станува збор за дело што ја поттикна имагинацијата на филмската јавност и дефинитивно ја помести замислената граница на возможното.
„Под кожата“ е моќно, страшно, необично еротично филмско дело, кое без сомнеж ќе ве остави во шок.

Научнофантастичниот хорор-филм на Џонатан Глејзер, во кој заводливата Скарлет Јохансон глуми вонземјанка што шета низ улиците на Глазгов во бело комбе и „киднапира“ мажи, дејствува визуелно зачудувачки и длабоко вознемирувачки.
Хероината е вонземјанка предатор на слобода во Шкотска. Таа е егзотична вонземјанка во хуманоидна форма, со мек лондонски акцент, разбушавена црна перика и секси лажно крзно, и вози скапано бело комбе околу морничавите празни улици на Глазгов. Приказната за вонземјанката започнува со мистериозна, навидум кјубриковска сцена на раѓање во брилијантно прикажан бездимензионален друг свет. Вонземјанката е префрлена во темните дождливи улици на Шкотска. Возејќи се во својот стар „форд транзит“, заведувајќи мажи со ококорени очи, кои не можат да си поверуваат на својата среќа и имаат право да не веруваат. Наместо да запливаат во дивите води на еротиката и страста, оваа девојка ги носи овие наивни души директно во мракот и подземјето, каде што завршуваат проголтани од темнината.
На морскиот брег таа е сведок на сложена спасувачка сцена во која се прикажани земните емоции на сожалување и сочувство – чувства што таа не ги споделува. Најневеројатната сцена е онаа во која вонземјанката зема млад човек со изобличување на лицето, кого го игра Адам Пирсон. Вонземјанката суштински не прави разлика помеѓу неговиот изглед и изгледот на другите нејзини жртви, но постои криза, а вонземјанката станува ранлива правејќи го така потенцијална жртва.
„Под кожата“ е филм со многу бавно темпо, па може да се претпостави од каде доаѓаат сите лоши критики за овој филм. Некои критичари сметаат дека овој филм повеќе би функционирал како краток, отколку како дејство што е развлечено во повеќе од час и половина. Филмот содржи делови и секвенци што не го прават толку многу привлечен за широката филмска публика. Приказната структурно е многу мала и нема конвенционален наратив. И додека основниот концепт има јасна кохезија, приказната се сведува на секундарно значење, додека визуелниот момент го зазема приматот. Па, аналогно на тоа, „Под кожата“ сепак изгледа неверојатно, со некои зачудувачки оригинални слики што навистина го прогонуваат умот. Кинематографијата и морничавото осветлување и прекрасните но строги шкотски пејзажи помагаат да стане еден од визуелно најубавите филмови годинава. Голема ѕвезда е електронската партитура на Мика Леви, која се потпира на тапани и жици и со која тој вешто си игра со нервите на гледачот.
Овој филм е триумф на расположението и атмосферата. Постои вистинско чувство на мачен ужас, морници и паралелни светови. Извонредна сцена овде е впечатливата космичка секвенца, која потсетува на „2001: Одисеја во вселената“, кошмарна и исполнета со напнатост, сензуално, но многу морничаво заведување на вашите чувства. Џонатан Глејзер одлично се занимава со режија, особено во потопување на гледачот во овој свет. Сценариото е минималистичко, но со доволна тежина и вредност.
Скарлет Јохансон е хипнотизирачка, во една од нејзините најдобри изведби. Таа, и покрај нејзината екстремна сензуалност со која располага, во ретко кој друг филм е посензуална и покажува мајсторство што пренесува толку многу, додека кажува многу малку. Адам Пирсон исто така дава вознемирувачка, но потресна изведба. Освен нив, другата глума е компетентна, но не е достојна или незаборавна и не е катастрофална или лоша.