Фото: ЕПА

Сликите што доаѓаат од Мајот по ударот на циклонот Чидо се застрашувачки. Штетите се најголеми во дивите населби изградени од пронајден материјал – лим, картони, штици или најлони, во кои најчесто живеат илегалните имигранти дојдени од соседните Коморски Острови, кои избраа независност, за разлика од Мајот, кој остана во Франција и стана најсиромашниот француски департман. Не се поштедени ниту јавните установи, особено болниците. Островот изгледа како некој да фрлил атомска бомба. Спасувачките екипи од метрополитанска Франција и од најблискиот француски департман Реунион веќе пристигнаа на островот

Островот Мајот се справува со последиците од тешката временска непогода

Последниот доставен извештај во понеделникот зборува за 14 смртни случаи откако циклонот Чидо помина низ најсиромашниот француски департман, кој се наоѓа на влезот од каналот на Мозамбик во близината на бројот на жртвите ќе биде многу поголем. Конечната бројка на човечките жртви ќе биде многу тешко да се утврди (се стравува дека има стотици загинати), бидејќи муслиманската традиција, жива во Мајот, бара покојникот да биде погребан во рок од 24 часа, објасни во неделата префектот Франсоа-Ксавиер Биевил. Дополнително, илегалното население на територијата надминува 100.000 лица, според Министерството за внатрешни работи на Франција, од официјално избројани околу 320.000 жители, што го прави речиси невозможно пребројување на загинатите.
Сликите што доаѓаат од Мајот се застрашувачки, речиси сите живеалишта се оштетени или уништени, па дури и оние што се направени од цврст материјал. Штетите се најголеми во дивите населби изградени од пронајден материјал – лим, картони, штици или најлони, во кои живеат најчесто илегалните имигранти дојдени од соседните Коморски Острови, кои избраа независност, за разлика од Мајот, кој остана во Франција и стана најсиромашниот француски департман. Не се поштедени ниту јавните установи, особено болниците. Островот изгледа како некој да фрлил атомска бомба. Спасувачките екипи од метрополитанска Франција и од најблискиот француски департман Реунион веќе пристигнаа на островот.

Мајот, 101. департман и најранлива територија на француската република

Миграциски притисок, несигурност, ограничувања на водата за пиење… архипелагот Мајот е најсиромашниот департман во Франција и соочен е со огромни тешкотии, дури и пред да помине циклонот што го опустоши.
Илегална имиграција. Мајот се наоѓа на влезот на каналот Мозамбик, 1.700 километри од Реунион и 350 километри од Мадагаскар. Архипелагот се наоѓа на помалку од 70 километри од Анжуан, еден од трите големи острови што ја сочинуваат Унијата на Коморите, независна држава од 1975 година, која сè уште тврди дека има право на суверенитет над Мајот. Оваа близина ја олеснува илегалната имиграција од Коморите, една од најсиромашните земји во светот. Најчесто имигрантите пристигнуваат на големи традиционални рибарски чамци, кваса-кваса. Имигрантите од Коморите и државјаните на многу африкански земји сочинуваат речиси половина од населението на департманот. Во 2023 година беа извршени околу 22.000 гранични депортации, во споредба со нешто повеќе од 25.000 претходната година.

Неконтролирана демографија

Мајот е францускиот департман со најголем пораст на населението, пред Гвајана. Оваа површина од 375 квадратни километри имаше 321.000 жители на 1 јануари 2024 година, според процената на Националниот институт за статистика (ИНСЕЕ). Но, според извештајот на регионалната комора за ревизија на јавните сметки од 2022 година, „многубројните показатели“ сугерираат дека бројот на населението е „премногу потценет“ од официјалните процени. Според ИНСЕЕ, речиси половина од жителите на Мајот немаат француско државјанство, но една третина од странците се родени таму. Населението на архипелагот проектирано од ИНСЕЕ до 2050 година би било помеѓу 440.000 и 760.000 жители, а главната детерминанта е еволуцијата на миграциските текови.

Во Мајот дува ветер на парадокс: Марин Ле Пен доби плебисцит

Лидерката на крајната десница, Марин Ле Пен, повторно ја користи контроверзноста за „вистинскиот“ број жители на департманот. Таа ја нападна веродостојноста на статистиката на ИНСЕЕ, тврдејќи, без докази, дека островот веројатно има „повеќе од двојно“ жители од оние што ги забележал институтот. Ле Пен и нејзиниот Национален собир го претворија островот во своја лабораторија, добивајќи 59 отсто од гласовите на претседателските избори во 2022 година.
Така, за време на првиот круг од француските претседателски избори, кандидатката на крајната десница, Марин Ле Пен, доби 42,6 отсто од гласовите (во споредба со 27,2 отсто во првиот круг во 2017 година), повеќе од Жан-Лук Меланшон (Бунтовна Франција, 23,9 отсто) и Емануел Макрон (Републиката во марш, 16,9 отсто). Па, како можеме да објасниме дека оваа политичарка, „најостар противник за исламот со години“, излегува на врвот на популарноста според гласовите во архипелагот „каде што 95 отсто од населението се муслимани“?
За набљудувачите, „жестокиот говор за имиграцијата и безбедноста“ на водачот на Националниот собир ја прави разликата кај Махораите. Претседателот во заминување, Емануел Макрон, сепак беше прв во вториот круг во 2017 година, со 57,1 отсто од гласовите, но „не ги оправда очекувањата“ за време на неговиот петгодишен мандат во очите на околу 290.000 жители на Мајот.
Во 2018 година, неколку месеци откако Макрон ја презеде функцијата, островот Мајот беше потресен од протестно движење поттикнато од несигурноста и нерегуларната имиграција од Коморите. Социјалниот протест продолжи следната година во февруари.
Во декември 2021 година, Марин Ле Пен го посети архипелагот и беше пречекана со „песни и цвеќиња“. Шефицата на РН рече дека таа е за „многу цврста“ позиција за илегалната имиграција и ја квалификувала несигурноста во Мајот како „застрашувачка“.
Успехот на Ле Пен во овој „сиромашен и муслимански“ архипелаг се заснова и на „фактот дека профилот на нејзините гласачи е многу поблизок, во споредба со оној на гласачите на Макрон, до оној на населението на архипелагот: работничка класа, слабо образовани, со ниски приходи и рурални“. Во Мајот, 77 отсто од населението живее под прагот на сиромаштија, според извештајот на Опсерваторијата на нееднаквости, објавен во јуни 2021 година. Ова е повеќе од кое било друго место на француската територија.

Ендемска сиромаштија

Во 2022 година, само 30 отсто од лицата од 15 до 64 години имале работа во Мајот. Според ИНСЕЕ, 42 отсто од населението живее со помалку од 160 евра месечно. Повеќе од три четвртини од жителите се под националната линија на сиромаштија. И околу една третина од домувањето е „неформално“, често составено од нехигиенски сиромашни квартови. Францускиот архипелаг, сепак, се чини дека е богата територија во споредба со неговите непосредни соседи, Коморите и Мадагаскар. Жителите на Мајот се три пати повеќе жртви на кражба, со или без насилство, отколку оние на континентална Франција, според податоците на ИНСЕЕ, кои ги покриваат 2018 и 2019 година. Населението на архипелагот исто така е предмет на сериозни ограничувања на водата за пиење, последица на повторени епизоди на суша и очигледен инфраструктурен дефицит.
По кризата со вода во Мајот, предизвикана од сушата 2016-2017 година, департманот се соочи со тешка ситуација. Според документите што ги разгледа „Ле монд“, државата не ја презеде контролата во услови на предвидлива катастрофа.

Тони Гламчевски, дописник на „Нова Македонија“ од Стразбур