Моралниот идеал на загубените соништа

Рецензија

Пред нешто повеќе од месец и половина имавме убава можност на програмата во Кинотеката да ја погледнеме одличната грчка љубовна мелодрама „Мала Англија“ на докажаниот маг на подвижните слики Пантелис Вулгарис, кого го паметиме по неговите најзначајни дела како „Невести“, „Последната белешка“, „Долг пат“ и неговиот најнаградуван филм „Свршувачката на Ана“ од богатиот опус, кој се закити со статуетка на еминентните интернационални филмски фестивали во Берлин и во Лондон, а многумина критичари го сметаат за негово најдобро дело.
Тематски сличен на некои од неговите претходни филмови, тука ги обединува во поетичното јадро емоциите специфични за медитативните, носталгичните и љубовните стории. Основните постулати за работниот наслов на книгата „Мала Англија“ се дело на Јоана Каристани, која подоцна ќе ја преточи нејзината идеја и во филмско сценарио. Воведните кадри од сцената со брановите укажуваат за возбудливата содржина и имаат сличен интензитет со оној на ритамот од морските бранови. Дејството започнува на островот Андрос кон крајот на 1930-тите и почетокот на 1940-тите години, за време на Втората светска војна, а централни личности во филмот се двете сестри, постарата Орса, која ја толкува Пенелопе Цилика, едно од најталентираните актерски имиња во грчкиот филм, и помалата сестра Мосха, за која улогата ѝ е доделена на Софија Кокали, исто така реномирано актерско име.
Меѓу мечтателските идеали за остварување на животните соништа на ќерките стои егоистичната мајка Мина, која нема ниту грам емпатичност во себе и за остварување на своите осмислени цели се раководи по своите инструкции, не дозволувајќи никој да ѝ застане на патот. Таа е олицетворение на монструозно-малициозна природа, не ја интересира дали во сензибилните срца на нејзините ќерки е разгорен факелот на љубовта и страста, но затоа многу повеќе нејзиното уво е магнетизирано за звукот на златниците. Орса има љубовна врска со младиот капетан Спиро, со кого по завршената работна мисија заедно одлучуваат љубовта да ја крунисаат со брак. Но, за жал, очекувањата се едно, а реалноста во животот сосема друго, па Орса е принудена да стапи во брак со богатиот капетан Никос против нејзина волја, по желба на мајка си. Од друга страна, Мосха полетно и восхитено им раскажува на своите пријателки за нејзината тајна врска со Англичанецот, која наскоро повторно ќе биде прекината и овој пат од страна на мајката. По извесно време се враќа разочараниот Спирос дома, но и со помислата на неисполнетото ветување од страна на Орса; вистински молскавични реакции следуваат во моментот кога Мосха ѝ го претставува Спирос, својот свршеник, на сестра си, а таа веќе е во исчекување на трето дете со Никос. Од моментот кога повторно ќе се сретнат нивните погледи за неа ништо не е исто како претходно, а чувствителната Орса почнува да венее психички и духовно.

Слична природа на саможивост покажува и нивниот татко, вкотвен далеку од Грција, на тлото на Јужна Америка, каде што престојува повеќе од две децении и има син од љубовната врска со Аргентинка, а ќерките речиси ги има избришано, единственото сеќавање на нив се пожолтените фотографии. Иако веќе одамна треба да се врати дома, при средбата со ќерката Орса, од разбирливи причини, од неа добива арсенал на ладнокрвни стрели и станува безгласна буква во нивната конверзација. Во првите борбени редови далеку од Грција на грчкиот кораб „Мала Англија“, кој го предводи храбриот капетан Спирос, и во најтешките моменти не покажува ни промил на слабост, туку, напротив, оддава витален порив на сила непосредно пред да бидат совладани од непријателот, но затоа успева голем дел од своите соборци да вгнезди кон патеките на слободата. Од друга страна, во опуштена атмосфера на Андрос сестрите со своите пријателки опуштено уживаат во ритамот на музичките акорди од пијаното, но така е сѐ до моментот кога ќе ја чујат стравотната вест од гласничката што соопштува за потопените грчки бродови, меѓу кои е и „Мала Англија“ и загубениот живот на Спирос.

Во сцената кога Орса дознава за загубата на љубовта на својот живот, во музичката заднина се зголемува децибелната јачина, но и нервната агонија на Орса, која во одличниот интерпретаторски перформанс, предизвикан од почетно смеење за потоа миговно да премине во френетичен крик, би можеле да ја компарираме само со ремек-делото „Крик“ од Мунк. Ова е една од најдобрите сцени на изведен чемер не само во грчкиот туку и во европскиот филм. Кон крајот од војната сопругот на Орса, Никос, доаѓа дома и дознава од Мосха, која не разговара со сестра си повеќе од три години. Никос одлучно заминува со трите деца за Њујорк, со надеж дека ќе пронајде посветла иднина, а Мосха како вистинска сестра со прометејска сила ѝ простува за неверството на Орса, која од олицетворение на пиреј постепено ја губи борбата со животот, а покрај неа останува цврстата Мосха до последен здив.