Се покажа дека сценаријата за инкорпорирање билатерални прашања во процесот на пристапување на земјите кандидати им овозможуваат на земјите членки да ги задоволуваат своите интереси од позиција на моќ, а тоа најдобро го почувствува Македонија, која иако беше лидер на Балканот во евроинтеграциите, остана заглавена токму поради билатералните условувања од Грција и од Бугарија. Сега истиот модел го користат и други земји членки и го водат процесот на проширување кон целосна блокада… Кон каде ќе тргне Унијата, кон свое затворање или кон проширување?
Самит на ЕУ: Претстои утврдување на курсот на Унијата – кон проширување или кон затворање?!
Декемврискиот самит на Европската Унија треба да покаже дали Унијата ќе се издигне над себичните позиции на одделни земји членки или, пак, дефинитивно ќе го запечати процесот на проширување без оглед на сите досегашни наративи дека Европа е подготвена за проширување.
Во пресрет на самитот на ЕУ
Во пресрет на самитот нема никакви сигнали дека Бугарија би можела да ја омекне позицијата околу блокадата на почетокот на пристапниот процес на Македонија, иако во заднина и натаму се одвива засилена дипломатска офанзива.
Потврда дека нешто се случува зад дипломатските кулиси неодамна стигна и од евроамбасадорот Михалис Рокас, кој рече дека се прават извесни напори да се откочи македонскиот евроинтегративен процес.
Тој посочи дека во моментот во тек се повеќе дипломатски активности во врска со ова прашање, потенцирајќи дека новото раководство на ЕУ прави многу напори за Македонија да стане дел од европското семејство.
– Премиерот на С. Македонија беше во посета на Брисел, каде што се сретна со новото раководство на ЕУ, а следната недела, на 18 декември, ќе има уште една можност да го посети Брисел, во рамките на Самитот на ЕУ и земјите од Западен Балкан. Јас мислам дека од страна на новото раководство на ЕУ е јасно кажано дека процесот на проширување е врвен приоритет, вклучувајќи и со С. Македонија“ – изјави Рокас.
Од своја страна, македонскиот премиер Христијан Мицкоски заминува за Брисел со ставот дека Македонија направила премногу отстапки и дека нема намера да прави дополнителни отстапки за процес за кој никој не дава гаранции дека нема да има нови блокади поради билатерални прашања.
– Ние ќе продолжиме да промовираме европски вредности и да ги исполниме домашните задачи. Ако ЕУ е подготвена да најдеме конструктивно решение, ние сме подготвени позитивно да одговориме. Во спротивно, можам да заклучам дека Балканот, за жал, не е во фокусот на оваа администрација на Брисел – изјави премиерот.
И министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски изнесе јасен став дека Македонија направила доволно отстапки и дека е потребен јасен пат за ЕУ, со гаранции дека нема да имаме нови условувања од Бугарија или од други земји.
– Дали е ова последната отстапка што се бара од нас? Треба да исцртаме мапа за јасно членство, предвидлив пат. Нема да биде лесно, ова ќе биде тешко решение, но базирано на принципи. Процесот ќе биде значаен и за кредибилитетот на ЕУ, која верувам дека не смее да си дозволи земјите кандидати да имаат сомнеж дека Унијата не е искрена во своите намери – изјави Муцунски одговарајќи на новинарско прашање.
Тој потврдува дека имало дијалог меѓу страните во последните шест месеци, но и дека Владата јасно и гласно зборувала за своите идеи за решенија со челниците во Европа.
Премиерот Мицкоски и министерот за надворешни работи денеска ќе одат на самит во Брисел, каде што треба да ги повторат своите позиции и предлози за европскиот пат на земјата.
Билатералните прашања на кандидатите за ЕУ со некои од земјите членки на Унијата сѐ уште со огромна специфична (интегративна) тежина
Новата Европска комисија најави дека следува период на проширувања што ќе се случат во мандатот на оваа комисија, но сигналите од терен не одат во прилог на ваквите оптимистички најави.
Имено, додека се очекува Албанија да ги отвори преговорите за првите кластери, Црна Гора веќе затвори три, но не успеа да го затвори четвртото поради противењето на Хрватска. Од друга страна, Бугарија, заедно со уште седум земји, го блокира отворањето на третиот кластер, со што дополнително го забавува пристапниот процес на Србија.
Се покажа дека сценаријата за инкорпорирање билатерални прашања во процесот на пристапување на земјите кандидати им овозможуваат на земјите членки да ги задоволуваат своите интереси од позиција на моќ, а тоа најдобро го почувствува Македонија, која иако беше лидер на Балканот во евроинтеграциите, остана заглавена токму поради билатералните условувања од Грција и од Бугарија. Сега истиот урнек го користат и други земји членки и го водат процесот на проширување кон целосна блокада.
Словенечко-германскиот нон-пејпер
Во насока на спречување на ваквите уценувачки политики од страна на земјите членки, Словенија и Германија подготвија нон-пејпер што предвидува дека во претпристапниот процес на Европската Унија нема можност за вето или блокада поради билатерални прашања со соседните земји.
– Тоа е иницијатива за забрзување на целиот процес на проширување, односно на претпристапниот процес, за да немаме премногу можности да ставиме вето и да ги блокираме соседите поради билатерални прашања и да ја искористиме можноста за гласање со квалификувано мнозинство (QMV) неколкупати во текот на процесот – изјави министерката за надворешни и европски работи на Словенија, Тања Фајон.
Според неа, Словенија и Германија работат за да создадат ефикасен механизам што ќе го одржи овој процес без пречки и ќе го поддржи напредокот на земјите од Западен Балкан кон ЕУ.
На прашањето за коментарот за нон-пејперот на Хрватска испратен до Црна Гора, Фајон рече дека искуството на Словенија покажува дека билатералните прашања секогаш треба да се решаваат во добрососедски дух.
– Билатералните прашања секогаш треба да бидат решени пред влезот во ЕУ. Не сакам да зборувам за конкретни случаи, но мислам дека сите земји треба да имаат толку добри односи што ќе можат да ги затворат овие прашања на пријателски начин и да се фокусираат на нивниот евроатлантски пат – изјави Фајон.
Таа додаде уште и дека Словенија и Хрватска имале слични предизвици кога станува збор за билатерални прашања и дека тој процес треба да биде пример за другите земји во регионот.
– Хрватска беше последната земја што влезе во ЕУ, а сега треба да биде искрен партнер на сите земји од Западен Балкан – рече Фајон, додавајќи дека колку побрзо една земја ги исполни потребните услови, толку побрзо ќе влезе во ЕУ.
Mинистрите одговорни за надворешни и европски прашања на Австрија, Хрватска, Чешка, Грција, Италија, Словачка и Словенија, кои се дел од групата Пријатели на Западен Балкан, испратија писмо до претставниците на ЕУ во кое се наведува дека е време за одлучувачки напредок во интеграцијата на Западен Балкан.
Во писмото се наведува дека Западен Балкан ќе биде „геостратегиски лакмус-тест за Европската Унија“ и дека само со интегрирање на овој регион во семејството на ЕУ може да се обезбедат стабилност и просперитет на целиот континент.