Новиот американски претседател од 25 јануари 2025 година ќе почне со својата државнополитичка програма под слоганот „Да ја направиме Америка повторно голема“. А ние треба да ги завршуваме последните подготовки за почеток на новата глобална трка кон целта, која би значела сеопшт (и наш) просперитет, благосостојба и мирен претстоен период, почнувајќи од 2025 година, во нова констелација на глобални односи, со наша државнополитичка платформа што ќе ги фати во полн капацитет промените отаде океанот, од САД, но и со суверенистичките движења низ Европа
Анализа на „Атлантскиот совет“: „Трамп победи, Европа ќе мора да се промени и да го исцрта својот пат напред!“ Македонија исто така!
Само еден месец по победата на Доналд Трамп на американските претседателски избори, низ европскиот континент и поодделно низ Балканот, веќе кружат дилемите, а кај некои и стравувањата, каква позиционираност да се заземе наспроти второто претседателствување на Трамп. Сево ова произлегува од веќе најавените значителни промени во новата американска политика, особено кон Балканот. Новиот американски претседател од 25 јануари 2025 година ќе почне со својата државнополитичка програма под слоганот „Да ја направиме Америка повторно голема“. А ние треба да ги завршуваме последните подготовки за почеток на новата глобална трка кон целта, која би значела сеопшт (и наш) просперитет, благосостојба и мирен претстоен период, почнувајќи од новата 2025 година, во нова констелација на глобални односи, со наша државнополитичка платформа што ќе ги фати во полн капацитет промените отаде океанот, од САД, но и со суверенистичките движења низ Европа.
Марио де Пицо, угледен италијански новинар и истражувач за политиката на Европа и нејзините односи во европскиот центар при американската глобална истражувачка организација „Атлантски совет“, порачува дека „Трамп победи и Европа ќе мора да се промени и да го исцрта својот пат напред“.
– Европа се соочува со голем предизвик: зајакнување на нејзината интеграција, а во исто време преобликување на врските со САД. За успех ќе бидат потребни стратегиско предвидување, единство и подготвеност да се приспособат кон мултиполарниот свет. Потребно е да се исцрта патот напред. Иако патот, несомнено, ќе вклучува обиди и грешки, тоа е предизвик, со кој европските земји ќе мора да се соочат заедно – укажа Марио де Пицо во заклучокот на својата аналитичка статија со наслов „Враќањето на Трамп е тест за решителноста и подемот на Европа“, објавена на 4 декември.
Еден ден пред Пицо, Филип Рикер, поранешниот висок функционер на американското Министерство за надворешни работи – Стејт департментот, конкретизираше во која насока ќе се движат дел од промените на новата надворешна политика под „диригентската палка“ на Доналд Трамп: се менуваат американските надворешнополитички приоритети.
– Потрошивме многу време фокусирајќи се на Балканот, особено во текот на 90-тите години од минатиот век и во првата деценија од овој век, кога работев во регионот. Сега има и други предизвици. Тешко ми е да замислам дека Балканот би можел да биде приоритет за Соединетите Американски Држави, со оглед на сите вителни настани што се случуваат во светот. Новоизбраниот претседател Трамп истакна: „Америка е на прво место“ – изјави Рикер во интервју за српскиот информативен портал „Радар“ на 3 декември.
Овие зборови на Рикер ги навестуваат суштинските и коренити промени што претстојат во американската надворешна политика и кои можат да имаат сериозно значење за Македонија.
Германскиот совет за надворешни односи: „Улогата на САД на Западен Балкан ќе биде намалена“. Но дали ќе биде така?
Што може да се очекува откако Трамп повторно ќе влезе во Белата куќа, поврзано со можностите што се отвораат за Македонија и за нејзината опстојба и развој како држава во Балканот? Во секој случај, претстојат големи промени, можности, но и неизвесности.
Во обемната анализа со наслов „Како би можеле изборите во САД да го потресат Западен Балкан“, објавена на 16 октомври на интернет-страницата на Германскиот совет за надворешни односи (вонпартиска истражувачка организација во Германија), нејзините автори Милан Нич, научен истражувач и експерт за евроинтеграции и геополитика, и Фрауке Зебас, научен истражувач и експерт за проширување на ЕУ и за Западен Балкан, истакнуваат дека „улогата на САД на Западен Балкан ќе биде намалена“.
– Новото претседателствување на Трамп ќе донесе значителен прекин со сегашната американска политика на Западен Балкан, во овој регион со нерешени судири и закочен интегративен процес. Тоа ќе ја доведе во прашање и бриселската стратегија за користење нови пари и одредување услови за постепена евроинтеграција на земјите од Западен Балкан – констатираат Нич и Зебас.
Овие експерти од Германскиот совет за надворешни односи посочуваат дека Трамп, како деловен човек, ќе го внесе своето практично големо искуство како претприемач и во надворешната политика на САД кон Балканот.
– Ангажирањето на Вашингтон на високо ниво во Западен Балкан би било многу поселективно и трансакцискo (поврзано со политички и бизнис-зделки, н.з.). Ако ги задоволат деловните интереси на Трамп, тоа ќе ја зголеми геополитичката конкуренција во регионот на штета на ЕУ и Германија – истакнуваат Нич и Зебас во својата анализа.
Но, од друга страна, САД ќе го поттикнат практичното, претприемачко, ефикасно и прагматично дејствување на новиот Вашингтон, без дипломатски ракавици и политики на два колосека, каде што точно ќе се знае чија и која улога ќе треба секој да си ја одработи, наедно водејќи се од тоа дека ќе нема никаква толеранција за криминал, корупција, селективна правда, политикантство и калкулации… вклучувајќи и дека ќе нема толеранција за политики на кршење на меѓународното право, а особено на „јус когенс“, што е од исклучително значење за Македонија (во односите со официјална Софија).
Милан Нич, научен истражувач и експерт за евроинтеграции и геополитика, и Фрауке Зебас, научен истражувач и експерт за проширување на ЕУ и за Западен Балкан: „Македонскиот премиер веќе негува пошироки контакти со сојузниците на Трамп“…
Нич и Зебас изнесуваат еден момент интересен и важен за Македонија и за македонската јавност: ги потврдуваат информациите од најблиското политичко опкружување на македонскиот премиер Христијан Мицкоски дека тој веќе има директни и надежни контакти со дел од најблиските деловни и политички соработници на Трамп! Но првин да потсетиме на анализата со наслов „Македонија влегува во сферата на бизнис-интересите на Доналд Трамп“, објавена во „Нова Македонија“ на 24 јули, во која беше наведена изјавата на премиерот Мицкоски дека постои интерес за Македонија и за соработка со Владата од страна на корпорацијата на Трамп, но и на негови најблиски соработници.
– Соработници на Доналд Трамп сакаат да соработуваат со земјава и се разговара за можни проекти, бидејќи главен приоритет на оваа влада е дигиталната трансформација. Основачот и извршен директор на интернационалната компанија „Рамбл“, Хауард Лутник, моментно е еден од најбитните чинители на светскиот финансиски пазар, а го имавме во Македонија. Крис Павловски е организатор на оваа група и тој е со македонско потекло, работи заедно со тимот на Трамп во развивањето на „Рамбл“, која е многу важна компанија во процесот на дигитализација. Луѓето што беа тука, Хауард и Нунес, се од кругот на најблиските соработници на Доналд Трамп. Тоа се луѓе со големо корпоративно и политичко искуство во дигиталната трансформација. Станува збор за корпорации со годишен обрт од десетици милијарди долари – нагласи Мицкоски во изјавата, која беше цитирана во анализата во „Нова Македонија“.
Нич и Зебас укажуваат во анализата дека Мицкоски навистина веќе негува пошироки лични контакти со сојузниците на Трамп!
– Некои балкански лидери, особено српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама, ќе имаат поголем пристап и контакти на високо ниво во Вашингтон отколку во претходните години. Тројцата балкански лидери Вучиќ, Рама и Мицкоски веќе негуваат пошироки лични контакти со сојузниците на Трамп, меѓу кои сега се и двајцата шефови на неговиот транзициски тим – Хауард Лутник и Линда Мекмахон. Сојузот меѓу Трамп и европските нелиберални лидери, како што е и Орбан, би ја отворил вратата за дополнителна консолидација на моќта на балканските лидери во нивните земји – оценуваат двата експерта на Германскиот совет за надворешни односи, Милан Нич и Фрауке Зебас. Св.Т.
Д-р Џон Миршајмер од Чикашкиот универзитет: „Силата на националните држави честопати е таква што успева да одолее пред надворешните влијанија и мешања“
И македонската држава, како национална и унитарна, ќе има сила да одолее пред сите надворешни влијанија и мешања во внатрешните работи
Во оваа анализа донесуваме ставови и на два врвни американски научни авторитета, односно поради кои причини новиот американски претседател Доналд Трамп ќе биде принуден да почне од 2025 година „да ја враќа Америка дома“ и да не прави повеќе „скапи екскурзии“ низ светот: не само со оглед на тоа што огромниот долг на оваа сѐ уште водечка светска суперсила од дури 37 трилиони долари ја стави на патот на забрзаниот национален, државен и економско-финансиски колапс.
Во својата бележита научна студија „Големата заблуда: либералните сништа и меѓународните реалности“, култниот американски професор по меѓународни односи и политички науки д-р Џон Миршајмер од Чикашкиот универзитет, познат по исклучително критичкиот пристап кон американската надворешна и безбедносна политика, уште во 2018 година ќе укаже кои се причините за претстојниот коренит пресврт во американската надворешна политика – факт што ќе треба да го имаат предвид не само македонското државно раководство во натамошното осмислување и водење на надворешната политика на Македонија туку и сите домашни политичари.
Посебно го подвлекуваме ставот на американскиот политички експерт дека „силата на националните држави честопати е таква што успева да одолее пред надворешните влијанија и мешања“. Ова ќе треба да се има предвид и во Македонија како мотив и вдахновувачка порака отаде океанот, од САД, дека ќе мора да се одолее пред сите надворешни влијанија и мешања во внатрешните работи на македонската држава, дури и до степен да ѝ се наредува беспоговорно да менува свој устав.
Сега кога во Македонија се гледа на стратегиското партнерство со САД и на повторниот избор на Трамп како претседател на оваа светска сила како голема шанса за Македонија, авторот на оваа анализа ќе потсети на зборовите на прославениот американски претседател Џон Кенеди, искажани во неговото инаугуративно обраќање на 20 јануари 1961 година како нов шеф на американската држава: „Не прашувајте што може вашата земја Америка да направи за вас – прашајте се што можете вие да направите за вашата земја. Ние ќе платиме секаква цена, ќе понесеме каков било товар, ќе се соочиме со какви било тешкотии, ќе го поддржиме секој пријател, ќе му се спротивставиме на секој непријател, за да обезбедиме опстанок и успех на слободата“.
Парафразирано во случајот со Македонија, со македонскиот народ и сите други граѓани на македонската држава, овие зборови на Кенеди можат да имаат само едно единствено значење: не прашувајте што Америка може да направи за вас, ниту, пак, што Македонија може да направи за вас, туку поставете си го прашањето што вие можете да направите за Македонија. Вие ќе треба да платите секаква цена, да понесете каков било товар, да се соочите со какви било тешкотии, да го поддржите секој пријател, да му се спротивставите на секој непријател, за да го обезбедите својот опстанок и успехот на својата слобода на слободата!
Македонците и сите други граѓани на Македонија, нивното политичко и државно раководство можат и треба да гледаат со вперени очи и со зголемени очекувања кон Трамп и новата американска администрација, но тие самите ќе треба да го понесат, сите заедно, товарот за возобновувањето и воздигнувањето на Македонија како заеднички дом за сите, без да ѝ се отфрлаат нејзините државни симболи и без да се измислуваат какви било загрозувања на кого било во кој било поглед! Св.Т.
Денес, кога Мишел Барние не е повеќе француски премиер, а Французите ја бараат многу повеќе „претседателската глава“ на Макрон, како би требало да се постават Македонците и другите граѓани на Македонија во однос на отсечниот став на шефот на француската држава од пред 20 месеци дека „постои опасност да умре Европа“, а во тој „пакет“ бездруго оди и ЕУ? Дали Македонците и другите граѓани на Македонија ќе го отфрлат таканаречениот „француски предлог“, штом Французите го отфрлаат неговиот „татко“ – Макрон?
Дали македонските граѓани ќе го отфрлат
„францускиот предлог“, штом Французите ги отфрлаат досегашните неуспешни
политики на Макрон?
Како што пренесе Радио Слободна Европа на 25 април 2023 година, во говорот во Универзитетот „Сорбона“ во Париз, осврнувајќи се на иднината на Европа, францускиот претседател Макрон предупреди дека „постои опасност да умре нашата Европа“!
– Европскиот континент не смее да стане вазал на САД. Постои ризик нашата Европа да умре, а ние не сме подготвени да се соочиме со тие опасности – кажа во таа пригода Макрон.
Денес, кога Мишел Барние не е повеќе француски премиер, а Французите многу повеќе бараат напуштање на претседателската функција од Макрон, како би требало да се постават Македонците и другите граѓани на Македонија во однос на отсечниот став на шефот на француската држава од пред 20 месеци дека „постои опасност да умре Европа“, а во тој „пакет“ бездруго оди и ЕУ? Дали Македонците и другите граѓани на Македонија ќе го отфрлат таканаречениот „француски предлог“, штом Французите го отфрлаат неговиот „татко“ – Макрон?
Новиот американски претседател Трамп и САД нема целосно да го напуштат Балканот, ниту Западен Балкан: сепак, во една одредена мера САД ќе го задржат своето присуство во овој регион. Но голема е веројатноста да настане геополитички и безбедносен „вакуум“ – празен простор, во кој Македонија ќе треба да се уфрли и да почне со нова иновативна и офанзивна соседска политика, заснована врз јасно утврдените меѓународни принципи на вистинското добрососедство, како и врз основа на автентичните македонски државни и национални интереси и интересите на сите други македонски граѓани. Св.Т.
Македонија да биде упорна за да се избори за респектабилна позиција во светот
Со мудро, трпеливо и достоинствено приспособување кон новите геополитички околности на Балканот, во Европа и во светот, Македонија треба да се избори за своја респектабилна позиција во светот, во наредниот период исполнет со трампизам и мултиполарност.
Токму тоа ѝ го сугерира италијанскиот новинар истражувач Марио де Пицо на Европа, откако Трамп стана нов претседател на САД: да се приспособи кон новата мултиполарна ера во светот. Што важи и за Македонија како дел на Европа. Св.Т.