На годишно ниво околу 65 тони пестициди завршуваат во езерото и го убиваат живиот свет

Сите анализи и студии покажуваат дека проблемот со употребата на пестицидите е огромен и дека покрај агонијата со сушата што му се случува на езерото, човекот со своите дејства ја дополнува палетата на леталните атаки врз околината и природата, така што го уништува живиот свет. Имено, загадувањето на езерото доведува до цветање на алгите и намалување на кислородот во водата, така што не е исклучено во езерото да се создадат таканаречени мртви зони, кои, ако продолжи трендот на намалување на водата, ќе бидат во сѐ поголем број, додека во еден момент целото езеро не стане мртва зона и не ја доживее истата судбина како езерото Балатон во Унгарија

Уште една летална атака за Преспанско Езеро во чија заднина е човечкиот фактор

Еколошката катастрофа што му се случува на Преспанско Езеро ги опфаќа сите можни аспекти, почнувајќи од драстичното намалување на нивото на езерската вода, до уништување на езерската флора и фауна.
Ако на природните процеси околу намалувањето на нивото на водата поради долготрајните сушни периоди човекот нема никакво влијание, од друга страна човечкиот фактор во голема мера влијае во делот на уништувањето на живиот растителен и животински свет во езерото.
Поради сушата, земјоделците го зголемија исцрпувањето на водите од езерото и ја дуплираа употребата на пестициди, кои преку подземните води завршуваат во езерото и влијаат врз екосистемите.
Анализата што во 2021 година ја направи Министерството за животна средина покажа дека овоштарите употребуваат фунгициди, инсектициди и хербициди, па дури и планинските водотеци што се слеваат во езерото се под притисок од овој тип загадување, па наместо да носат чиста вода и да ја подобруваат состојбата, уште повеќе ги загадуваат езерските води. Истражувањата покажале дека околу 65 тони пестициди што годишно се користат во областа стигнуваат до водата преку истекување, при што под закана се речиси 2.000 ретки и ендемски видови риби, птици и цицачи, како и локалната флора.
И во студија објавена во 2017 година од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) се потврдува дека постои присуство на разновидни пестициди и други материјали и во горните текови на реките и покрај езерото.
Сите овие анализи и студии покажуваат дека проблемот со употребата на пестицидите е огромен и дека покрај агонијата со сушата што му се случува на езерото, човекот со своите дејства ја дополнува, така што го уништува живиот свет. Имено, загадувањето на езерото доведува до цветање на алгите и намалување на кислородот во водата, така што не е исклучено во езерото да се создадат таканаречени мртви зони, кои, ако продолжи трендот на намалување на водата, ќе бидат во сѐ поголем број, додека во еден момент целото езеро не стане мртва зона и не ја доживее истата судбина како езерото Балатон во Унгарија.

За да не дојде до таков непосакуван развој на настаните, активистите бараат преминување кон органско земјоделство и инвестирање во одржлив туризам за да се помогне во ширењето на свеста, а во таа насока е и обуката на преспанските овоштари како со употреба на помалку хемикалии да добијат успешен род.
Еден месец земјоделците од Преспа се обучуваа како успешно да одгледуваат и да произведуваат јаболка, а што помалку да користат хемиски средства. Обуката се спроведува преку програма на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) со пари од Европската Унија од проектот „ЕУ за Преспа“.
Во јуни, УНДП објави оглас за обука на земјоделци за тоа како да не се наруши природата, а да се добијат поголеми приходи. За обуките се пријавија 145 земјоделци, од кои 40 отсто се жени, а 43 отсто се млади.
– Во Преспа навистина е многу интересно колку земјоделците се отворени за нови технологии и учење. Имаме земјоделци што остануваат и по предавањата и разговараат со професорите. Покрај тоа што индивидуално ќе работат и ќе ги поминат обуките за кои ќе добијат сертификат, дел од нив, најмалку 55, ќе добијат грант за набавка на опрема за подобро менаџирање на производството. Откако ќе добијат грант, една сезона ќе поминат со професорите што се од Земјоделскиот факултет, за да ја имплементираат програмата под менторство – вели Маријана Милевска, проектна менаџерка во УНДП на проектот „ЕУ за Преспа“.
„Нова Македонија“ пред извесно време разговараше со дел од преспанските овоштари, кои се пожалија дека без прскање едноставно не можат да го зачуваат родот.
– Седум пати ги прскавме јаболката оти постојано нешто ги напаѓа. Ако не ги уништи град или друга временска непогода, ќе ги уништат разни болести што се појавуваат од година на година. И нам не ни се исплатува да трошиме огромни средства за купување пестициди, но ако не ги испрскаме, тогаш ништо од родот. Свесни сме дека тие отрови завршуваат во земјата и одат во подземните води, но друг излез немаме. Добро е што има вакви обуки, на кои може да се слушне дека постои можност со примена на нови технологии да се намали употребата на пестицидите и другите хемикалии – вели земјоделка од Преспанско.

Хемикалиите во водата на Преспанско Езеро влијаат и на појавата на нови езерски неавтохтони видови, кои дополнително би можеле да го уништат автохтониот жив свет.
Пред седум години риба мутант беше забележана во ова езеро, а експертите велат дека мутацијата може да е резултат на загадувањето со пестициди и хербициди.
– Една од причина за настанувањето на природните хибриди е влошувањето на животните услови на средината во која живеат организмите од кои настанал природниот хибрид. Како причина за создавањето на хибридот помеѓу преспанскиот грунец и преспанска белвица или нивичка може да е зголеменото загадување со хемиски материи, пестициди и хербициди во водите во Преспанско Езеро во изминатиов период, а со спуштањето на неговото ниво нивните концентрации уште повеќе се зголемија – објаснуваат експертите.


Апел за промптна и неодложна санација на хидросистемот „Ѓавато“

Слична судбина со намалување на нивото на водата пред три децении му се случи и на Дојранско Езеро, но благодарение на напорите на тогашната македонска влада беше изграден хидросистемот „Ѓавато“ преку кој се дополнуваше езерото со свежа вода.
Тоа придонесе да се спасат езерото и сиот животински и растителен свет во него, да се врати туризмот и езерото повторно да блесне со полн сјај.
Но повторно поради човечка негрижа системот беше исклучен, а објаснувањата беа дека сметките за струја биле премногу високи. Тригодишното исклучување на системот доведе до повторно намалување на нивото на езерото.
Сето тоа, дополнето со оштетување на опремата на хидросистемот, повторно го врати Дојранско Езеро пред сериозна еколошка закана.
Новата влада неодамна го рестартираше системот за водоснабдување на Дојранско Езеро, но мораше потоа да го исклучи бидејќи биле констатирани многубројни оштетувања. При увидот било констатирано дека има големи оштетувања на цевководот, како и оштетувања на спојот на цевките поради што загубите на вода би биле очекувани при пуштање на системот во работа. Според пресметката, со вклучени три пумпи месечно за потрошена струја ресорното министерство треба да плати околу 258 илјади евра.
Според градоначалникот на Дојран, Анго Ангов, хидросистемот за полнење на езерото не работи, но останува неодложната потреба за реконструкција и ставање во функција на „Ѓавато“. С.Т.