Oдбележани 80 години од основањето на АФЖ

Фондацијата „Фридрих Еберт – Скопје“ (ФЕС), во соработка со Региноналната феминистичка антифашистичка мрежа (ФАМа), организираше настан во Кинотеката на Македонија по повод одбележување на 80 години од основањето на Антифашистичкиот фронт на жените (АФЖ). Настанот го отвори и водеше менаџерката за програми и финансии во ФЕС, Нита Старова, а потоа се обратија експертки и активистки од регионот со цел заедничко одбележување на наследството и влијанието на АФЖ, осврнување на заедничката историја и на вредноста на антифашистичкиот фронт на жените во денешен контекст. Свои обраќања имаат учесничките од регионот од Феминистичката антифашистичка мрежа ФАМа: Аида Колидер Агиќ (БиХ), Каролина Леаковиќ (Хрватска), Вера Клопчиќ (Словенија) Аида Коровиќ (Србија) и Санела Шкријељ (Македонија), кои од бината на Кинотеката порачаа: „Да живее АФЖ, да живее женската солидарност!“

Нита Старова, менаџерка за програми и финансии во ФЕС / Фото: Маја Јаневска-Илиева
Фото: Маја Јаневска-Илиева

– Веруваме дека мирот нема алтернатива и дека е можен само со почитување на човековите права и одржлив развој. Со формирање на мрежата ФАМа потврдуваме дека жените остануваат поврзани, храбри и единствени во отпорот. Се обврзуваме дека врз темелите на антифашистичките вредности ќе градиме творечки општества на мирот, еднаквоста, правдата и солидарноста… Еманципацијата на жените е предуслов за еманципација на целото општество – беше кажано на собирот.

Македонскиот актер Никола Ристановски, инаку голем поборник за женските права, го изведе на сцената авторскиот текст „Таа“ на македонската теоретичарка на уметност Искра Гешовска. Својата сугестивна изведба Ристановски ја започна со зборовите: „Ова е приказна за она што било, е и сака да биде, не како аргумент на вистината и лагата, туку како течение на река понорница, низ која пловат храбро говорот, молкот и дејствувањето на ТАА која своето постоење сака светот да го прифати не како фрагмент, туку како целовистост, неретко исполнета со болка, но секогаш овенчана со волја и посветеност, кои историјата или воопшто не ги согледува или ги согледува како чуда, како отстапки, како исклучоци – никогаш како нејзин рбет…“

Фото: Маја Јаневска-Илиева
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Потоа, учениците од СУГС „Никола Карев“ под менторство на професорката по музичка уметност, Емилија Ристановска, ја донесоа на сцена изведбата со наслов „Духот на слободата“ – историско движење за правата на жените што започнале со антифашистичка солидарност во регионот. Изведбата се состои од извадоци од Крушевскиот манифест, како и литературни текстови од великаните Блаже Конески, Ацо Шопов, Горан Стефановски… В.Д.

Фото: Маја Јаневска-Илиева
Фото: Маја Јаневска-Илиева
Фото: Маја Јаневска-Илиева