Марта Кос / Фото: ЕПА

Тврдите ставови на еврокомесарката Марта Кос придонесуваат само за затегнување на политиката на ЕУ за евроинтеграциите

Марта Кос, новата еврокомесарка за проширување на ЕУ и блиска соработничка на Урсула фон дер Лајен, уште неседната на новата функција предизвика реакции во јавноста и медиумите, а особено кај политичките аналитичари од регионот на Балканот, поради нејзините тврди стојалишта и, во најмала рака, некомпромисни и недипломатски изјави.

Наместо префинета дипломатија, нетактичност и двосмисленост на Кос

Еврокомесарката Кос наместо да го омекне скорашниот став на некои од членките на ЕУ што се однесува до интеграциите (што не го почитуваат меѓународното перемпторно право) и да ги врати позициите на Брисел на утврдените политички копенхашки критериуми во врска со принципите и бенчмарковите за евроинтегрирањето, таа со своите несреќни изјави уште повеќе дава тон на радикализација на европската политика во однос на стратегијата кон Западен Балкан.
Имено, позната е нејзината изјава за Македонија во која таа бара „ништо повеќе и ништо помалку од промена на Уставот“!? Во сличен контекст е и изјавата на Кос дека „Албанија и Црна Гора, како и другите земји кандидати, ќе бидат наградени со прогрес во приемот, но и финансиски во некаква „украинска стратегија на Брисел“ за одбрана од настапувањето на Руската Федерација кон Балканот и државите на ЕУ“, што и да значи тоа?!
Во секој случај, факт е дека настапот на Кос и пред Парламентарното собрание на ЕУ, каде што таа одговараше на низа вкрстени прашања, а и од нејзините изјави за медиумите, предизвика вознемиреност, но и сомничавост за евентуално постоење на некакви заднински намери (на Брисел) за цената што треба да ја платат земјите кандидатки за влез во Унијата.

Конфузија кај еврокомесарката за проширување на темата билатерален спор Софија-Скопје и евроинтеграции на Македонија

Новата еврокомесарка за проширување Марта Кос не е сигурна дали уставните измени се последното бугарско барање, а од нејзината изјава „ништо помалку, ништо повеќе“ не може да се насети каква било гаранција дека Бугарија утре нема да побара „нешто повеќе“ и дека ЕУ повторно ќе застане на бугарска страна.
Да потсетиме, запрашана дали по евентуални уставни измени во Македонија, може да се дадaт гаранции дека нема да има други блокади, Кос рече дека таа не е онаа што може да даде одговор на тоа прашање!? Во однос на тоа како може да се реши проблемот со Бугарија, таа нагласи дека треба да се разговара што е можно повеќе.
– Да се зборува, што е можно повеќе, и со С. Македонија и со Бугарија. Мора да покажеме дека тоа е во наши раце, како да го решиме овој билатерален проблем. Без ова, а следејќи ги европските вредности, нема да можеме да го направиме она што е најдобро за ЕУ и, секако, што е најдобро за С. Македонија – истакна Кос.
Таа изјавува дека застанува зад заедничките позиции на членките на ЕУ (вклучувајќи ја и Бугарија), а тоа значи и дека „по автоматизам Брисел ќе застане зад барањата на Софија кон Скопје“ (што е надвор од критериумите, принципите и правото на ЕУ) и, аналогно, ќе ја поддржи блокадата на Бугарија над Македонија. Наедно таа е децидна дека Бугарија и Македонија имаат билатерален проблем и дека „ќе направи сѐ за билатералните спорови да се изземат од процесот на евроинтеграции на Западен Балкан“.
Според соговорниците, ова е неверојатно „салто мортале“ на новата евроамбасадорка за евроинтеграции и овие два става не само што не одат заедно во една изјава туку и се целосен антипод и се исклучуваат меѓусебно. Како е можно да се толкуваат овие политичко биполарни изјави, веројатно автентично толкување може да даде самата евроамбасадорка, или можеби претседателката на ЕК, Урсула Фон дер Лајeн.

И словенечката јавност поделена во врска со настапите на својата еврокомесарка

Во врска со новата комесарка на ЕУ Марта Кос, нашите соговорници и добри познавачи на човечките ресурси во врска со носителите на највисоките функции во ЕУ констатираа дека нејзините настапи не се ништо ново. Таа и досега била позната по својот бескомпромисен карактер, импулсивност и во повеќе наврати не толку дипломатски изјави што ги дава како политичарка. Соговорниците регистрирале дека еврокомесарката има „контрадикторна биографија“, поради што и словенечката јавност, а и европарламентарците при сослушувањето и гласањето за неа биле поделени во мислењето и ставовите за неа.
Соговорниците издвојуваат, на пример, дека „сѐ уште не се довршени постапките за утврдување на вистинските причини за нејзиното предвремено завршување на дипломатските обврски како амбасадорка на Словенија во Швајцарија и Германија“. Во врска со тоа, во медиумите во Словенија имало и пишувања и изјави од поранешни колеги на Кос дека причини за нејзиното разрешување од амбасадорската функција биле „недозволивиот однос и мобинг на дипломатскиот персонал на амбасадите“(?!).
Натаму, во Словенија јавно е отворена расправа поттикната од одредени информации за тесните врски на еврокомесарката со одредени безбедносни служби. Имено, според некои документи, во Словенија активно се отвори расправата за тоа каква функција имала сегашната еврокомесарка Кос, за која словенечкиот државен архив објави документација дека била на врска со Службата за државна безбедност на Југославија (СДБ). Во тој контекст е отворено прашањето „која е крајната цел на Марта Кос како досегашна словенечка политичарка и сега и во иднина како еврокомесарка“.

Илија Максимовски