ЦК „Марко Цепенков“ од Прилеп го објави најновиот јубилеен двоброј на списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“, кое годинава одбележува значаен јубилеј – 70 години печатење и објавување на внимателно избрани текстови од македонската и светската литература.
Во првиот дел од јубилејниот двоброј, со наслов „70 песни – стремежплов низ 70 години Стремеж“, се реобјавени 70 песни избрани од различните броеви што излегле во текот на седумдесетте години постоење. Некои од тие песни се книжевните првини на денес етаблирани македонски книжевници, некои го имаат веќе статусот на уникатни книжевни артефакти што биле поттик за следните писателски генерации, а некои се проблесоци на новите поетски ѕвезди на македонскиот книжевен хоризонт. Тоа игриво пловење низ децениите поетско творештво на ова тло е неодолива книжевна авантура и возбудливо читателско искуство за старо-новата публика читатели и состремежници.
– Во вториот дел од двобројот, кој ги содржи редовните рубрики, во рубриката Проза читателите ќе можат да прочитаат најнови раскази од Петре Димовски и од Блаже Миневски, како и извадоци од необјавените романи на Оливера Ќорвезироска („Три Марии“), Мирче Нешовски („Воскресение, experience, патот на духот“) и Михајло Свидерски („Арагон“). Рубриката Театар и филм ги донесува драмолетот на Ацо Гогов „Ноќни разговори“ и филмската рецензија на Никола Гелевски „Три филма на Ларс фон Трир, за попреченост“. Рубриката Критики есеи студии ги содржи есејот на Елизабета Шелева по повод 90 години од раѓањето на Петре М. Андреевски, рецензијата на Лидија Капушевска-Дракулевска за романот „Заборав“ на Томислав Османли, есејот на Марина Мијаковска „Поетските микросветови на Раде Силјан“ и студијата на Давид Стојаноски „Црн овен на Блаже Конески како збирка за животот, смртта и поезијата“ – вели главната и одговорна уредничка на списанието Габриела Стојаноска-Станоеска.
Ова долго опстојување на книжевната сцена, како едно од најстарите списанија во земјава го прави „Стремеж“ стамен светилник, кој низ децениите општествени промени ги осветлува и чува патот и растот на македонската литература.
– Незаменлива е неговата улога во афирмирањето, развојот и промоцијата на македонската книжевност, уметност и култура. Од редовите на соработниците на „Стремеж“ се излезени голем број еминентни македонски писатели, врвни научници и академици. Речиси нема автор во земјава што во одреден период од сопствената книжевна кариера не објавил свои текстови на страниците на списанието. Преку „Стремеж“ во континуитет се афирмираат и нови гласови, млади писатели, литературни критичари, есеисти, историографи и историчари на уметноста, а исто така, преку застапувањето на препевите и преводите, списанието врши функција и на едукатор на нашата јавност со актуелните книжевно-уметничките достигнувања, не само во Европа туку низ светот – додава уредничката на „Стремеж“
ЦК „Марко Цепенков“ од Прилеп го издава списанието со поддршка од Министерството за култура и туризам. Ка.М.