Професорката Лилјана Минова-Ѓуркова искажа сериозни предупредувања во серија свои социолингвистички огледи околу воведувањето втор официјален јазик на рамниште на државата Македонија паралелно со официјалниот македонски јазик. По повод навршувањето на 16 години од смртта на Минова-Ѓуркова, еден од најголемите научни авторитети за македонскиот јазик во историјата на Македонија по Втората светска војна, која почина на 12 декември 2008 година, потсетуваме на некои од нејзините најважни ставови и предупредувања во тој контекст
Повод: Навршување на 16 години од смртта на Лилјана Минова-Ѓуркова, еден од најголемите научни авторитети за македонскиот јазик
Во 2008 и 2018 година беа донесени два закона за јазиците, кои уште од тогаш предизвикуваат не само многу и тоа силни реакции во општествено-политичката јавност во Република Македонија, туку и во секојдневната комуникација и практичното функционирање на државните и јавните институции и органи. Уште на 4 септември 2017 година седумнаесет професори македонисти од Институтот за македонски јазик се огласија со обраќање до Законодавноправната комисија, Комисијата за уставни прашања и Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците при Собранието на Македонија, со категоричен став и барање: „Предлог-законот за употреба на јазиците треба да биде ПОВЛЕЧЕН од натамошна постапка“.
Игнорираното укажување од ИМЈ од 2017 година дека „албанскиот јазик е издигнат над македонскиот и сите други јазици во РМ“
Врвните експерти македонисти во тоа свое јавно истапување имаа напишано и аргументирано: „Се воведува двојазичност на целата територија на РМ, иако во две третини од неа нема албанско население. Македонскиот јазик станува еден од службените јазици во РМ, со што го губи својството на официјален јазик, на којшто ќе комуницираат сите етникуми во РМ… Се предлага формирање посебна агенција за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните на Македонија… …се формира и инспекторат за употреба на јазиците… Со ова албанскиот јазик се издига над сите други јазици во РМ, вклучувајќи го и македонскиот јазик, кои немаат посебна агенција и инспекторат со вакви надлежности“.
Ова барање од Институтот за македонски јазик наиде на игнорирање од политичарите и познато е дека веќе во наредната година беше донесен новиот Закон за јазиците со уште попроблематични одредби.
Пред овие отфрлени предупредувања на споменатите македонисти, уште во 2003 година професорката Лилјана Минова-Ѓуркова искажа уште посериозни предупредувања во серија свои социолингвистички огледи околу воведувањето втор официјален јазик на рамниште на државата Македонија, паралелно со официјалниот македонски јазик. По повод навршувањето на 16 години од смртта на Минова-Ѓуркова, еден од најголемите научни авторитети за македонскиот јазик во историјата на Македонија по Втората светска војна, која почина на 12 декември 2008 година, потсетуваме на некои од нејзините најважни ставови и предупредувања во овој контекст. Тие со еднаква сила и актуелност прозвучуваат и денес, кога Уставниот суд на Република Македонија започнува да расправа за уставноста на постојниот Закон за јазиците.
Минова-Ѓуркова: „Два официјални јазика – смртоносно прашање за Македонија!“
„Во членот 7 од Уставот на Македонија од 2001 година се вели: ‘Друг јазик, што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните е исто така службен јазик со неговото писмо’. Воведувањето втор службен јазик на рамниште на државата се однесува на албанското малцинство. Во текот на преговорите во врска со рамковниот договор на Македонците им се велеше, но и подоцна, па и во најново време им се вели дека ‘јазикот не е смртоносно прашање и не може да го наруши интегритетот на државата’. Напротив, точно е дека јазикот е смртоносно прашање за Македонија и оти може со вакво решение да се наруши интегритетот на државата!“, има нагласено проф. д-р Лилјана Минова-Ѓуркова во своите социолингвистички научни трудови и статии уште пред повеќе од 20 години, кои се дополнително собрани и отпечатени во единствена студија насловена „Лингвистички студии за македонскиот јазик“, во издание на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Уредник на оваа исклучително важна научна публикација е токму д-р Александра Ѓуркова, професорка во Институтот за македонски јазик и ќерка на Лилјана Минова-Ѓуркова.
Ѓуркова: „Македонците не смееја да дозволат да се деградира македонскиот
јазик во сопствената држава!“
Македонците со генерации носат доволен број трауми во врска со непризнавањето и забранувањето на нивниот јазик и пратениците во Собранието на Република Македонија не смееја да дозволат во сопствената држава македонскиот јазик да биде деградиран, критикуваше жестоко оваа исклучителна професорка-педагог и врвен научен авторитет за македонски јазик во нејзината спомената серија социолингвистички огледи.
Се нагласува фактот дека воведувањето втор службен јазик во македонската држава значи, во врска со инаку недозволивото, деградирање на единствениот официјален јазик – македонскиот јазик, а што, сепак, се случува, за што Лилјана Минова-Ѓуркова има посочено: „Наспрема околните еднонационални држави во Република Македонија со признавањето на правото на употреба на сопствениот јазик на секоја етничка група беше деградиран статусот на македонскиот јазик како службен во единствената држава каде што може да биде службен јазик. Ова е неприфатливо за Македонците, за кои токму јазикот претставува еден од чинителите што ги одржале низ вековите. Специјалистите по јазик знаат многу добро што значи воведување втор службен јазик во држава како што е Република Македонија и со такво опкружување какво што е нашево… Во случајот со Република Македонија вториот службен јазик е наложен отстрана: еден од заклучоците на светскиот конгрес за јазична политика, одржан во Барселона, во Шпанија, од 16 до 20 април 2002 година, гласи: ‘Во Македонија имаме ситуација кога со политички договор, наложен од надвор – се креира јазичната политика“.
Своите социолингвистички согледувања за соодносот меѓу македонскиот како службен јазик и албанскиот како втор службен јазик, во контекст на извршените уставни измени од 2001 година, Минова-Ѓуркова ги завршува со констатацијата дека Македонците се откажаа од својот мајчин македонски јазик како единствен службен јазик во сопствената држава и како кохезивен чинител за сите нејзини граѓани.
„Реџиналд де Бреј во својот ‘Водич низ словенските јазици’ (1951) ја започнува главата посветена на македонскиот јазик со следниве зборови: ‘По иронија на историјата, народот, чии претходници им го дадоа на Словените првиот литературен јазик, беше последен народ што го официјализира својот современ јазик како одделен словенски јазик и го определи како различен од соседните јазици: српскиот и бугарскиот јазик’. Денес можеме да кажеме дека, по иронија на историјата, Македонците, откако конечно се изборија за самостојна држава, се откажаа и од сопствениот јазик како единствен службен јазик во македонската држава и како кохезивен елемент за сите нејзини граѓани“, има констатирано Лилјана Минова-Ѓуркова.
Законот за јазиците – удар врз Балканскиот јазичен сојуз
Законот за јазиците е удар врз повеќејазичноста во Македонија и врз опстојувањето на Балканскиот јазичен сојуз (Balkan Sprachbund) – научен израз за повеќевековните силни спонтани меѓусебни влијанија и заемни проткајувања на јазиците и културите на народите на Балканот, поради заедничките текови на животот. Македонија и денес е центарот на Балканскиот јазичен сојуз. Во својата статија „Балканскиот јазичен сојуз во Република Македонија денес: Еврологијата како дисконтинуитет и дијалектологија“, Виктор Фридман, лингвист од Универзитетот во Чикаго, САД, вели: „Условите што го создадоа Балканскиот јазичен сојуз продолжуваат да опстојуваат… Од особено значење е сложеноста на повеќејазичноста во Република Македонија, каде што моделите на балканските (јазични – н.з.) иновации продолжуваат да функционираат дури и денес… Албанскиот и македонскиот јазик продолжуваат да влијаат еден на друг и покрај поделеноста на националните политики… …во зависност од различните социолингвистички околности“.
Сегашните социолингвистички околности, диктирани од Законот за јазиците, не содржат услови за спонтано влијаење и проткајување меѓу јазиците и културите на другите етникуми. Законот за јазиците ја запоставува еднаквата вредност на сите јазици во Македонија – реално се однесува само на албанскиот јазик – и тој го отстранува постоењето на заеднички јазичен чинител на кохезија (поврзаност) на општеството, улога што ја имаше македонскиот јазик досега на целата државна територија, во полза на сите етникуми со сите нивни јазици.
Франција со 66 милиони население и 70 регистрирани јазици има еден официјален јазик – двомилионска Македонија има два „државно официјални“ и четири локално официјални јазици!
Официјализирањето на албанскиот јазик на целата територија го отстранува и еден принцип што повеќе децении во оптимално приспособена форма го уредуваше статусот на македонскиот јазик во Македонија: „Cuius regio, eius lingua“ – „Чиј е регионот (територијата), негов е и јазикот“, односно, „Принципот на лингвистичката територијалност“ – „Linguistic territoriality principle“. Овој социолингвистички принцип е научно оспоруван, но, сепак, според него се уредени статусот и третманот на мнозинските јазици во голем број најразвиени и најголеми држави во светот. Главниот поборник на принципот на „лингвистичката територијалност“, Филип ван Паријс, белгиски лингвист и политички филозоф, во својата студија „Принципот на лингвистичката територијалност: кршење на правата, или еднаквост во почитта?“ вели: „…режимот на лингвистичката територијалност… е совршено спојлив не само со заштитата на јазиците различни од официјалниот јазик туку и со охрабрувањето на меѓугенерациското пренесување и на просперитетните културни активности на тие јазици. … територијалниот режим, кој го заштитува единствениот службен јазик, е совршено спојлив дури и со чувствителното толкување на Европската конвенција за правата на малцинствата. …тоа може да биде не само толеранција на јазичната разноличност туку дури и јавна поддршка за неа…“
Законот за јазиците и албанскиот како официјален ја претвораат Македонија во јазична федерација!
Со прогласувањето на албанскиот јазик како официјален во употреба во целата земја и формално повеќе не е во примена принципот на „лингвистичката територијалност“ на целата државна територија, поврзано со македонскиот јазик. Двојазичноста вообличува две „зони на лингвистичката територијалност“: сега постојат два државно официјални јазика – македонскиот и албанскиот, како и четири регионално официјални малцински јазици: српскиот, ромскиот, бошњачкиот и влашкиот јазик. Во значителен број општини и села исцело со албанско население и сега постојат „зони на еднојазичност“ – со употреба целосно, или во најголема мера само на албанскиот јазик. Законот за јазиците создава услови албанскиот јазик да си воспостави зони на сопствена „лингвистичка територијалност“. Поедноставно кажано, законот за јазиците ја претвора унитарната држава Македонија во своевидна „јазична федерација“ во практиката!
Свето Тоевски