Билатералните односи со САД се развиваат во нагорна линија, при што како клучен столб е стратегискиот дијалог, потоа армираното партнерство со поддршка на Вашингтон за изземање од Римскиот статут. Но забележливо е дека во последните години во дијалогот отсуствува промоција на македонските национални интереси, го нема македонскиот бренд, нема модерна артикулација на македонизмот. Имено, стратегиското партнерство со Америка, кое датира од 2008 година, е „голем портал во кој македонската дипломатија може и мора да влезе со сериозна подготвеност за артикулација на своите национални интереси и визија за развој на македонското општество и економија“!
ПО ИЗБОРОТ НА ТРАМП ВЕЌЕ СЕ ЧУВСТВУВААТ ПРОМЕНИТЕ, А ТОА Е ГОЛЕМА ШАНСА ЗА МАКЕДОНИЈА
Кога еден свет верски храм по некоја случајност или намера ќе биде пеплосан, тие што веруваат во Бога знаат дека само каменот и дрвото се уништени, но не и верата. Најдобар пример за тоа е речиси целосно уништената Богородична црква („Нотр Дам“) во Париз. Каменот се уништи, но не и верата и волјата „Нотр Дам“ да се крене од пепелта како феникс. И се крена. Ако сакате таков пример од кај нас, секако е урнатата во камен на камен црква од терористите на ОНА во Лешок во 2001 година. „Св. Атанасиј“ беше крената во воздух, но верата не беше уништена и црквата беше возобновена. Помогнаа и Американците, и со поддршка и со пари.
„Нотр Дам“ е доказ дека човекот со вера и солидарност може многу да постигне. Тоа го видовме на гала-свеченоста на повторното отворање за верниците и за туристите на „Нотр Дам“, во една ноќ на бурни ветришта и дождови во Париз. Ноќ што повеќе заличуваше на холивудска вечер на доделување политички оскари. Но, Западот сака спектакли, а светот го виде во „Нотр Дам“. И слушна за падот на Башар ал Асад. Премногу за една ноќ.
ЕДЕН ПОГЛЕД ЗАД БЛИЦОВИТЕ И НАСМЕВКИТЕ ВО „НОТР ДАМ“
Што беше важно таа вечер?
Дека францускиот претседател Емануел Макрон сака рокови и тежнее тие да се исполнат. Даде рок од пет години „Нотр Дам“ да се реставрира, и тоа беше испорачано од над 1.000 неимари, кои дел по дел ги вратија сјајот и оригиналноста на црквата, како и со потрошените 750 милиони евра. Потоа, дека на Макрон му требаше поддршка во време кога му ја соборија владата и се бори да му биде ставен и нему свилениот гајтан, а му го стегаат. Сега даде рок од 48 часа да се избере нов премиер. Опасна трка со времето. Дека блицовите светкаа кога се поздравуваше со новоизбраниот, сѐ уште неинаугуриран американски претседател Доналд Трамп, па дури и машки се поздравија со крепење раце. Блискост или порака ние сме заедно и во добро и во лошо?
Дека уште во првите редови на големи настани има место за претседателот на Украина, Влодимир Зеленски, но… Да, има нешто што забележале експертите на говорот на телото. Кој ако не Британците. Велат нема хемија меѓу Трамп и Зеленски, забележале студенило. Секако и реченицата од Трамп дека е доста губење човечки животи без потреба. А Макрон бил во улога на помирувач. Владее уверување дека новиот претседател на САД сака да стави крај на руско-украинскиот конфликт, па дури посебно место за такво нешто ѝ дава на Кина.
Како кус заклучок би можело да се каже: сетете се дека големите риби ги јадат малите и кога-тогаш ќе се случи тоа. Дека Трамп носи промени во светот. Можеби не е ураган, но дека дувнаа нови позитивни ветрови, секако. Падот на режимот во Сирија токму сега не е случаен и тој е последица на она што заткулисно со помош на тајната дипломатија и е најава за она што ќе следува со влегувањето во Белата куќа на Трамп во февруари 2025 година.
Коментаторот на „Ле монд“ објави анализа во која истакнува дека присуството на Трамп во Париз било „реквием“ за Макрон, најавувајќи ја неговата политичка смрт. А враќањето и влијанието на Трамп во европската, секако и на глобалната политика, Некои политички сили (вклучувајќи и во Франција) во многу други европски земји со нетрпение го чекаа неговото враќање.
ПОЛУПРАЗНАТА ДОГОВОРНА РАМКА СО САД ТРЕБА ДА СЕ ПОПОЛНИ
Враќањето на Трамп за Македонија е битно и тоа мора да биде фатено на нејзините дипломатски радари како сигнал за посветеност на билатералните односи. Она што беше направено како средби, консултации и разговори за соработка на повеќе нивоа во предизборниот период и во Македонија и во САД од партиска треба да се преточи и во владина соработка. Линковите што Македонија апсолутно ги има, и на политичко и на бизнис-ниво, сега ќе имаат уште поголема шанса да се најдат на масата и во Вашингтон и во Скопје во рамките на стратегискиот дијалог, произлезен од Декларацијата за стратегиско партнерство со Америка, која датира од 2008 година. Тоа е голем портал во кој македонската дипломатија може и мора да влезе со сериозна подготвеност за артикулација на своите национални интереси и визијата за развој на македонското општество и економија. Големи можности и за приватниот сектор.
Ако се анализира рамката на билатералните договори и спогодби, јасно е дека постојат многу празнини и ќе треба интензивна дипломатска активност за таа да се прошири. Како клучни столбови на таа соработка секако се Декларацијата за стратегиско партнерство и стратегискиот дијалог, но и македонскиот концепт за блискост со политиката на Вашингтон потврдена со договорот меѓу двете влади што се однесува на предавање лица на Меѓународниот кривичен суд во Хаг склучен во Скопје во 2003 година. Македонија се обврзува да не предава американски граѓани ако тоа го побара Судот во Хаг. А еден од последните договори што ги има склучено Македонија е тој со новото име на државата и е за безбедносни мерки за заштита на класифицирани информации, потпишан во 2021 година.
Она, пак, што изминативе денови ни го испратија од Вашингтон како сериозна порака е дека нивната црна листа, на која последен се најде еден од лидерите на ДУИ, Артан Груби, со сериозно сомневање за корупција, оди со дискретната опомена дека таквите случаи треба да имаат судска завршница во Македонија. Оти таа црна листа на санкционирани македонски граѓани не е за чување во рамка, а Македонија дури и се обврзала да ги следи таквите случаи што доаѓаат од Вашингтон и од Лондон. Нивното судско процесирање ќе ја крене меѓусебната доверба. Не треба да се заборават ниту хашките случаи, зашто и тие не се закопана тема, особено не во Стразбур и во Брисел.
Трамп веќе најави дека ќе има сериозни кастрења на финансирањето на невладините организации, околу 170 милиони долари ќе бидат секнати затоа што не ја оправдале својата функција и намена. Тоа ќе се почувствува и кај нас, а секако и влијанието на некои енџиоа што работеа надвор од својот регистриран делокруг на работа, а беа добро нафатирани и платени за такво нешто.
Од анализата на билатералните средби и разговори водени од претходната влада се гледа дека главно внимание е посветувано на безбедносниот сегмент, на НАТО и нашата обврска во таа организација, како и споделување на заедничките вредности, како и нашето членство во ЕУ. Во однос на евроинтегративниот процес се очекува засилен американски притисок кон Бугарија, која не само што тврдо застана на принципи и барања што не се засновани на копенхашките критериуми, ами на ретуширање на историјата и националниот код на Македонците, туку застана зад блокада и на Србија.
ПРОМОЦИЈА НА МАКЕДОНИЗМОТ
Во дијалогот со Вашингтон очигледно е дека отсуствувала прецизна артикулација на промоција на македонските вредности, специфики и национални интереси, а воопшто не се спомнува македонскиот бренд. Тоа мора да се врати и како идеја и како тема, а во тој контекст треба да се посветува особено внимание на положбата и правата на македонското малцинство во соседството. Притоа, како значаен фактор на раскажување и објаснување на македонската приказна може да одигра македонската дијаспора во САД (ова се однесува и на земјите каде што неа најмногу ја има, како во Австралија или Канада на пример).
Сето ова неминовно нѐ води и до заклучокот дека постојат многу можности за зајакната соработка, а тоа ќе значи и видливо зајакнување на македонската амбасада во Вашингтон. Дојдено е времето за засилена дипломатска активност, многу посериозно присуство во Вашингтон, Њујорк, Чикаго и во Њу Џерси, оти тоа ќе биде најдобриот одговор на американскиот унилатерализам.
Најважните точки од стратегиското партнерство
Според прегледот од стратегискиот дијалог одржан во јуни 2022 година, клучни точки се: регионалните иницијативи, при што американската страна истакнува дека за Македонија се важни Иницијативата VIII, Б6 и Иницијативата на трите мориња; одбрана и безбедност, при што во фокусот е соработката во рамките на НАТО, еден од проектите на САД е тренинг-центарот во Криволак; енергија и екологија, со нагласка на климатските промени; развивање на врските во образование, култура и професионална размена на кадри; билатерална соработка, добро владеење и владеење на правото, како и трговија и инвестиции. Х.И.
Македонија како земја на христијанството, земја што практично го шири христијанството во Европа, не смее да дозволи тој свој историски капитал да го пропушти. Особено не во соработката со тимот на Трамп за верски прашања, но и директно со Трамп
Зошто духовниот елемент би можел да биде интересна дипломатска алатка?
На отворањето на „Нотр Дам“ видовме што значи духовниот елемент и значењето на верата во политиката. Доналд Трамп, за кого се вели дека сега претпочита да се нарекува христијанин, без каква било деноминација (беше презбетаријанец) посветува особено внимание на религиозниот елемент и приватно и јавно. Тој гласно кажа дека само Господ го спасил кога со снајпер го погодија во увото. Не е празна реченица, зашто во неговиот претходен кабинет имаше едно силно советодавно тело за вера, при што клучна улога имаше Пола Вајт, главна пасторка на Христијанската црква на новата судбина во Апопка, црква без друга деноминација, која практично има цел да стане мегахристијанска црква. Македонија како земја на христијанството, земја што практично го шири христијанството во Европа, не смее да дозволи тој свој историски капитал да го пропушти. Особено не во соработката со тимот на Трамп за верски прашања, но и директно со Трамп. Искуството на покојниот претседател Борс Трајковски, како припадник на Методистичката црква, тоа најдобро го потврди во контактите со Џорџ Буш, со кого особено се почитуваа благодарение и на нивната верска блискост. Х.И.