Фото: Пиксабеј

Автор: Д-р Лулзим Јахоја, невролог

Лекувањето на болката претставува голем предизвик, а успешноста зависи од соодветното препознавање на етиологијата, патофизиологијата и клиничката слика.

Болка и поделба на болката

По својот патогенетски развој болката се дели на ноцицептивна, неуропатска и психогена.

Ноцицептивна болка настанува со активација на ноцицепторите сместени во соматските и висцеларните структури. Таа има заштитна улога и се дели на соматска површинска и длабинска- висцеларна болка.

Невропатската болка настанува со оштетување на соматосензорните делови на централниот и периферниот нервен систем без активација на ноцицепторите.

Психогена болка е кога болниот осет не одговара на објективните показатели на оштетување на ткивата. Болката е обично од хроничен карактер и трае долги години. Почеста е кај пациентите со неврози и психози.

Според јачината болката се дели на блага, умерена и јака, а според времето на траење се дели на акутна и хронична.

IASP (меѓународно здружение за изучување болка) болката ја дефинира како непријатно сензорно и емоционално искуство поврзано или слично на она што е поврзано со реално или потенцијално оштетување на ткивото. Според поновата ревизија ја дефинира невропатската болка како непријатно сетилно и емоционално искуство предизвикано од оштетување или болест на соматосензорниот дел на нервниот систем. Невропатската болка може да биде предизвикана од централно или периферно оштетување на соматосензорниот дел на нервниот систем.

За разлика од ноцицептивната болка, која е прободувачка и остра по природа, невропатската болка гори, зрачи – болка како електричен шок или боцкање со игла.

Во текот на прегледот пациентите можат истовремено да пројават истовремено негативни и позитивни симптоми. Позитивни симптоми вклучуваат парестезија, дисестезија, алодинија и хипералгезија. Негативните симптоми се хипоестезија, хипоалгезија, слабост и промена на рефлексите. Пациентите најчесто се жалат на болка која е провоцирана со додир или од ладно.

Најчестите причини за периферна невропатска болка се: болна дијабетична полиневропатија, постхерпетична и тригеминална невралгија. Потоа следуваат радикулопатии, паранеопластични невропатии, како и невропатии кои произлегуваат од радиотерапија и хемотерапија. Меѓу болестите што можат да доведат до невропатска болка се споменуваат и: компресивни невропатии, посттрауматска невралгија, фантомска болка, воспалителна демиелинизирачка полирадикулоневропатија, алкохолна полиневропатија, комплексни регионални синдроми на болка и последиците од ХИВ инфекцијата во смисла на сензорна невропатија.

Периферната и централната болка често можае да биде поврзана и со промена на расположението, нарушување на сонот, слабост (замор) и може да има влијание на физичкото и социјалното функционирање, како и квалитетот на живот во целина.

Дијагнозата на невропатската болка се поставува на темел на исцрпна анамнеза и невролошки преглед, со посебен осврт на функцијата на нервите како процена на чувството на нежен допир, вибрација и температура. Исто така потребно е да се направи крвна анализа која може да укажува на недостаток на витамини или пореметена функција на штитната жлезда. Доколку постои индикација потребно е да се направат понатамошни истраги вклучително и сликовни техники како магнетна резонанса или пет-скен.

Третман на невропатска болка

EFNS (Европска федерација на невролошки друштва) од 2010 година, ги препорачува следниве упатства за избор на фармакотерапија:

-Лекови: антиепилептици, трициклични антидепресиви, двојни антидепресиви, опиоиди, топички 5% лидокаински медицински фластер, локално капсаицин и тиоктична киселина во третманот на болна дијабетична полиневропатија и витамините B1+B6+B12
Витаминот Б1, Б6 и Б12 работат заедно за да ги заштитат нервите со правилна исхрана и вежбање. Б1 (тиамин) помага да се енергизираат нервните клетки. Б6 (пиридоксин) помага во обновувањето на нервните сигнали. Б12 (цијанокобалмин) помага во регенерација на нервните влакна.