ВЕСНИКОЧИТАЧ

Релативно добро ја препознавам топографијата на градовите во кои сум престојувал подолго време, но не можам точно да лоцирам во сеќавањето каде точно се наоѓаше зградата на госпоѓа Николиш. Мислам дека беше во некоја од оние паралелни улици со Пролетерских бригада (некогашна и сегашна Крунска), во која во тоа време живеев како потстанар кај Галиќеви, зашто ми требаа помалку од десет минути да стигнам до госпоѓа Николиш. Ја паметам и кафеаната во близината на нејзиниот стан, „Три листа дувана“, наспроти Пионерскиот парк и градското собрание, каде што, по читачката сеанса, навраќав на ручек. Еве не се сеќавам ниту на кој кат беше нејзиниот стан, но затоа можам лесно да ја визуализирам темната маса на расклопување од дабово дрво во пространата дневна соба, каде што ме сочекуваше г-ѓа Николиш, а пред неа уредно беа наредени најновите изданија на „Политика“, „Нин“ и „Илустрована“. Иако „Политика“ беше (и сѐ уште е) дневен весник, на масата ме чекаа по неколку броја, собрани меѓу читателските средби, кои се одржуваа двапати неделно.
Не знам дали живееше со некого г-ѓата Николиш и со кого, зашто за време на читателските сеанси не видов никој да се појави во дневната. Дури и за време на паузите, кои редовно, како на факултет, беа меѓу двата часа, таа, со своите темни очила, чекорејќи внимателно до ѕидот, ќе отидеше до кујната, за по неколку минути да се врати носејќи послужавник со две порцелански шолји за кафе, украсени со пасторални сликички, ѓезве со штотуку сварено кафе со кајмак и колачиња во кристален сад. Се прашував како можела да ги направи полуслепа сите тие разновидни, толку вкусни, толку ситни слатки. Понекогаш, наместо со колачињата, ме послужуваше со слатко од дуњи или вишни, задолжително со чаша вода.
Се случи, за време од речиси една година, колку траеја читањата на весниците, само трипати некој да заѕвони на влезната врата. Еднаш беше поштарот да донесе пензија, еднаш двајца внесоа тепих што бил кај нив на хемиско чистење. Госпоѓата Николиш ги прими и ги отпрати љубезно, а тие со почит заминаа од станот. Додека третата посета може да се нарече приватна.
Еден ден, додека правевме пауза, а г-ѓата Николиш појде кон кујната да свари кафе, ѕвончето го најави доаѓањето на гостинката, која, набргу ми стана јасно, имаше намера да остане подолго. Беше дваесетина години помлада од госпоѓата, без очила, брза во движењата и говорот, чиј нагласок откриваше дека, иако подолго време живее тука, е дојденка од странство.

Но првата бегла помисла дека е можеби отмена гувернанта (имено, двете постари госпоѓи од моите белградски студентски години што беа постари од мене шеесетина години, мојата прва газдарица, г-ѓата Ј., и г-ѓа Николиш, и според својата појавност, и според атмосферата во нивното живеалиште, дури и според мирисот на мебелот во нивните дневни салони, особено во очите на еден неискусен младич, имаа многу сличност, па помислив, мошне несмасно, дека наместо тета Лепа од „Змаја Огњена Вука“, тука се запознавам со посуптилната варијанта на придружничка на г-ѓа Николиш) веднаш се избриша пред семејната блискост во разговорот меѓу двете жени. Г-ѓа Николиш нѐ претстави, се ракувавме. Сепак погодив дека посетителката е странец, Французинка, Марго, втора сопруга на братот на г-ѓа Николиш, прочуениот партизански лекар со прекар Медико, шпански борец, народен херој, генерал и академик Гојко Николиш.
Разговорот меѓу г-ѓа Николиш и нејзината снаа во салонот беше жив, со префрлање од тема на тема, parlons d’autre chose без многу застој, ги слушав и ги гледав, седнат на аголот од дабовата маса, со неприкриен интерес, иако настојував да се придржувам на улогата на воспитан весникочитач, кој се затекнал сред раздвижениот дијалог меѓу две госпоѓи и понекогаш, со насмевка, кимнува со главата.
Тогаш (можеби за да ме вклучи во разговорот) г-ѓа Николиш, спонтано, се префрли на неодамнешната случка кога на една клупа на Таш ја заборавив торбичката, а кога по неколку минути го сфатив тоа и трчајќи се вратив, клупата беше празна.
– Му реков, увек кад устанете Александар, кажите довиѓења клупи – искоментира покровителски г-ѓа Николиш. Г-ѓата Марго и јас потврдивме. Сакав уште нешто да додадам, но бев некако посрамен, а тие продолжија на тема за новата фризура на г-ѓа Марго, од која не беше задоволна зашто била прекратка, иако мене баш ми се допаѓаше, ѝ даваше вистински француски шмек.
Но кога г-ѓа Николиш стана да го направи кафето, сега за тројца, додека беше во кујната, почувствував потреба, ослободувајќи го малку мојот презатегнат грб, да ѝ ја дополнам на Французинката приказната за изгубената торбичка. Колку што претходно се воздржував, сега ми потече поплава од зборови – дека во торбичката имав пенкало, тетратка со белешки од предавањата од Теорија на книжевноста кај Милошевиќ, плик со хонорарот од г-ѓа Николиш, внатре, не знам зошто а најважно, ја засилив загубата, имаше и паричник полн со пари, зборував така без престан…, но таа не покажа дека е изненадена од моето дрдорење. Ме сослуша со внимание: „Laisser faire, laissez passer, како што велат моите сонародници, нека си тече животот и понатаму, важно е вие да сте здрави и витални, а тоа се гледа, ќе ви пројде и нервозата, сигурна сум дека понатаму ве чекаат многу интересни работи“ – рече со насмевка.

Подоцна, во 1980-та, кога по белградската деценија заминував од градот, излезе првиот том од „Коријен, стабло, паветина“, мемоарите на Гојко Николиш. Авторот ја појаснува интригантната „паветина“ од насловот, што во неговиот роден крај, на Кордун значи билка ползавица, како бршлен: „Паветина може да го обвие, да го покрие целото стебло така што веќе не може да му се распознае неговата вистинска природа. Може да му го исцица целиот сок и да го уништи животот на дрвото. Полесно е да се искорени стеблото, отколку паветината“.
Во тоа време понекогаш и јас си се жалев како кутрото стебло, ми се чинеше дека судбината ме обвива како паветина и мојата доза несигурност лесно се зголемуваше кога ќе помислев што ме чека понатаму во животот.
Понекогаш ќе прошетав до Калиш или Таш да си го потсмирам умот. Иако беа поминати речиси осум години, клупата на Таш каде што ја изгубив торбичката беше на истото место. Ќе седнев и набргу, од длабочините на паркот, ќе ми шепнеше гласот на г-ѓата Марго: „Laisser faire, laissez passer“…
А кога ќе станев, не заборавав да ја поздравам клупата, со „до видување“…