Луѓето отсекогаш ги замислувале потенцијалните вонземски форми на живот како Марсовци. Црвената Планета, со својот загадочен изглед и недостапна природа, со векови е инспирација за приказни за вонземски цивилизации. Уште кога првите телескопи овозможија да се види неговата површина, Марс е синоним за непознатото и мистериозното. Со векови научниците, писателите и уметниците фантазираат за интелигентните суштества што би можеле да ја населат оваа планета, претворајќи ја во симбол на надеж, страв и научна љубопитност. Денес, кога технологијата овозможува сѐ поголемо и подетално истражување на вселената, прашањето дали навистина има живот таму – добива сосема нова димензија.
Неодамнешното истражување сугерира дека Марс може да има докази за живот во своето минато или дури и сегашност. Научниците од Универзитетот во Барселона, предводени од Андреа Бутурини, дојдоа до заклучок дека подземните слоеви на Марс можат да обезбедат услови за живот. Во студијата тие истакнаа дека тоа е ветувачка целна област за идните мисии за истражување можноста за живот под површината на Марс. Новите наоди ја отвораат вратата за подлабоко истражување на почвата на оваа планета, особено на слоевите што не се засегнати од екстремните површински услови, како што се радијацијата и ниските температури.
Едно од најинтересните откритија е присуството на ториум, редок елемент што може да послужи како потенцијален извор на енергија за микробните форми на живот. Тимот шпански истражувачи користеле податоци собрани преку сонди за да ги идентификуваат регионите богати со овој елемент. Ториумот може да им овозможи на живите организми на Марс, доколку ги има, да преживеат во средина во која ресурсите како кислород и вода се ограничени.
НАСА неодамна објави снимки од површината на Марс што покажуваат структури слични на пајакова мрежа. Овие формации, наречени „арахниформни структури“, би можеле да бидат резултат на геолошки процеси што ја поддржуваат хипотезата за постоење на подземни празнини или канали. Токму таквите места би можеле да станат целни точки за идните мисии. Планирањето на идните мисии не е само технолошки туку е и логистички предизвик. Секоја нова експедиција бара прецизно мапирање на потенцијално интересните области, како и развој на инструменти што можат да навлезат длабоко под површината. Роверите и дупчалките се очекува да играат клучна улога во истражувањето на површината на Црвената Планета во иднина.