БИБЛИСКОТО ИМЕ НА СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ (2)
Името Климент, кое се однесува на Свети Климент Охридски, ретко го среќаваме, а е запишано во неговите различни јазични и граматички форми. Го има само на неколку места во средновековната книжевност и уметност. Од она што е досега познато во науката и е проучувано во славистиката, историјата, филологијата и во историјата на уметноста, откриени се неколку варијанти на скратени и целосни форми на името Климент. Овие записи ги има во средновековните книжевни дела и по ѕидовите на црквите и манастирите, во фреските и иконите. Да видиме како е запишано ова свето име во средновековната книжевност и литература и како е поставено на светите икони и фрески.
Името Климент запишано во житијата
За Свети Климент Охридски се познати и досега се проучувани двете житија: Пространото житие на Свети Климента од Теофилакт и Краткото житие од Хоматијан. И двете се пишувани на грчки јазик, а потоа се преведувани на старословенски и на словенските книжевни јазици. Во нив го има запишано името Климент.
На основниот грчки текст во Пространото житие на Свети Климент, уште во насловот е напишано неговото име, дури трипати во текстот од Москополскиот зборник, а еднаш кај А. Милев. Москополскиот текст гласи: „Μηνι Νοεμρίω ΚΕ’. Μνήμη τοῦ Ἀγίοις Πατρός ἡμῶν Κλήμεντος Ἀρχιεπισκόπου Ἀχριδὼν“. = Месец ноември 25-ти. Спомен на нашиот меѓу светиите отец Климент, архиепископ охридски.
„Κλήμης τό κλῆμα τῆς ἀληϑοῦς ἀμπέλου“. = Климент, лозата од вистинското лозје.
„Ἔσταξε νέκταρ θειογνωσίης κτίσι“. = Искапа нектар за богосознанието на светот.
„Θέσκελος εἰσέπτη Κλήμης πόλιν εἰκάδι πέμπτη“. Божествениот Климент, отиде на небо, на дваесет и петти.
И во двата текста стои: „Βίος καὶ πολιτεία, ὁμολογία τε, καὶ μερική ϑαυμάτων διήγησις τοῠ ἐν Ἁγίοις Πατρὸς ἡμῶν Κλήμεντος Ἀρχιεπισκόπου…“ Живот, дејност, исповедание и изложување на некои чуда од нашиот отец меѓу светиите, Климент архиепископот…
Во Пространото житие на Свети Климента во превод на црковнословенски јазик има четири падежни форми на името, и тоа: Kli˜mentq на дванаесет места, Kli˜menta на осум места, Kli˜mentu четирипати и еднаш Kli˜mentomq.4 Вкупно дваесет и пет именувања.
Краткото житие на Свети Климента е наречено Охридска легенда (Legenda Ochridica), затоа што е суштински поврзано со Охрид: опишува светител најпознат во Охрид, се задржува главно на неговата дејност во Охрид и оној што го напишал е охридскиот архиепископ Димитриј Хоматијан. Таму се именува Свети Климент во насловот и само уште еднаш, кога вели дека бил издигнат на епископски престол. Ги има двете варијанти: Κλήμεντος и Κλήμης.
Во Пролошкото житие на Свети Наум од Москополскиот зборник, пишувано на грчки јазик, запишано е името на Свети Климента двапати со формата Κλήμης.
А во Второто житие на Свети Наума 7 го има запишано името Климент седумпати, и тоа: Kli˜mentq, Kli˜mentova и Kli˜menta – петпати.
Името Климент запишано во службите
Основната служба на Свети Климент е напишана на грчки јазик и е насловена: Κλημης Ακολουϑια. Του εν αγιοις πατρος ημων Κλήμεντος Ἀρχιεπισκόπου Ἀχριδὼν. = Климент служба. На нашиот меѓу светиите отец Климент, архиепископ охридски. Во неа е најчесто именувањето во петти падеж еднина, со молитвен повик кон светителот, при пеењето на стихирите во богослужбата. Повторувани се обраќањата: Κλήμη Πάτερ9 = Клименте, оче или παμμακάριστε Κλήμη, Πατὴρ ἡμῶν = преблажени Климете, оче наш. Во Службата за Свети Климента, на 25 ноември/8 декември, неговото име е запишано четириесетпати низ богослужбената содржина и еднаш во насловот. Во однос на бројот и значењето на симболиката за седумпати запишаното името на Свети Климент во Службата за Седмочислениците и четириесетпати во Службата за светителот е повеќе од очигледно. Оние што ги пишувале службите сакале и на тој начин да ја остварат симболиката на полнота, големина, светост и изобилство на благодатта Божја и силата на чудотворството на светиот рамнапостолен просветител, учител и првојерарх.
Во Службата за Седмочислениците 12, каде што е запишан Свети Климент седумпати, го има во насловот на богослужбата, при набројувањето на Седмочислениците, и како вообичаено правило, тој е секогаш трет – веднаш по Свети Кирил и Методиј или прв во набројувањето на учениците. Во насловот е напишана формата: Klimenta, а потоа, во третата стихира на Господи возвах од Малата вечерна богослужба е формата Kli˜mente , која се повторува и на Утрената, во деветтата песна од вториот канон, трета стихира. На истите стихири од Големата вечерна е запишано Kli˜menta, во седмата стихира , како и во тропарот на Седмочислениците и на Утрената, во четвртата стихира од третата песна на вториот канон, завршувајќи во светилниот, на слава. Со Седмочислениците е седумпати именуван свети Климент.
Во Службата за Свети Наума, на 23 декември/5 јануари , како и во онаа за 20 јуни/03 јули , името на Свети Климент е запишано петпати: во третата, петтата, осмата и деветтата песна од канонот, како Κλήμεντος, Κλήμης и трипати Κλήμεντι или на црковнословенски јазик: Kli˜mentu, Kli˜menta, Kli˜mentq и двапати Kli˜mentomq.
Името Климент запишано во акростих
Освен што другите го запишале значајното име на Свети Климент Охридски, тоа го направил и тој самиот, во скриена форма преку акростих низ неговите поетски творби. Покрај сè, тој е и нашиот прв средновековен поет со оригинални химнографски творби, заедно со Светите Методиј, Кирил и Наум. Во неговата богослужбена поезија напишал: KLIMENTA PѩSNI, акростих со првите букви од стихирите на Претпразнични трипеснеци на Рождество Христово. А во својата Општа служба за светител го напишал акростихот: KLIMENT. И во Канонот за Ефтимиј се открива скратеното KLIM , а KLM во Канонот за Успение на Богородица , за да се пронајде и најкратката форма на акростих во неговата Општа служба за пророк, запишан како KL. Кон светите апостоли Петар и Павле, пак, напишал два канона и во двата со своето име во акростих, и тоа: KLIM во оној на шести глас, а KLIMENTA во оној на осми глас. Не ги посочуваме сите пронајдени именувања во акростих, но јасно е и видно е неговото име во нив.
Името Климент запишано на фреските и иконите
Не само во книгите од средновековната книжевност туку името на Свети Климента го има и на ѕидовите од црквите и манастирите, по фреските и иконите. Тоа најдобро го проучил академикот Цветан Грозданов и ѝ го понудил на научната јавност. Најстарата фреска од Свети Климента ја има само по години од неговото упокоение, изобразена во олтарот на Соборната црква „Света Софија“ во Охрид, од 1045 година, и на неа е напишано: ΚΛΗΜΗΣ. Во олтар е неговата фреска и во манастирите „Свети Јован“-Канео и „Свети Никола“-Мариово. Потоа е онаа во Перивлепта во Охрид, со истото име ΚΛΗΜΗΣ, од 1295 година, во северниот дел од наосот и на ист начин напишано , а го има и низ сите цркви во неговиот град Охрид и во селото Лескоец, Охридско, од 1462 година. Истиот текст е и во Марков манастир кај Скопје и во параклисот „Свети Јован Претеча“ во Протатон, Света Гора, 1526 г., а во Костур е ΚΛΗΜΙΣ со јота. Во манастирот, пак, „Свети Андреј“-Матка ја има сигнатурата: ΚΛΗΜΕΝΤΟΣ, како и во „Свети Никола“-Топлички, Демир Хисар, 1537 г. Потоа започнуваат сигнатурите на црковнословенски јазик во Старо Нагоричане и во Пеќ: KLIMEN]T. Во композицијата Седмочисленици е именуван KLIMENTQ во Слимничкиот манастир, во Пречиста и во Вевчани. На иконите е со сигнатурите, споено напишани: ΚΛΗΜΗΣ на литиската икона од XIV век во Охрид, а ΚΛΙΜΗΣ на иконата од иконостасот во манастирот „Свети Наум“-Охридско 1711 и ΚΛΜИ во Перивлепта, од 1779 година.
Што значи името Климент
Тоа е сè каде што може да се најдат запишани сведоштва за името на Свети Климент Охридски. Но, ваквото именување на светителот во неговите житија и служба е општо и насловно име на хагиографијата и на службата, што, всушност, претставува вообичаено дури и задолжително запишување на името, кое, пак, истовремено: и многу кажува и ништо особено не ни кажува за неговото име. Дополнителни објасненија во житијните и во богослужбените текстови нема. Исто така, ни во научната мисла досега нема особена задршка на името и нема некое разјаснување на неговата форма, значење и происход.
Името Климент = Κλήμης, μεντος, ὁ = Clemens, Clement = значи: благ, благодатен, снисходлив, трпелив, мил, милостив, мирен, смирен, драг, давател, дарител, добродушен и лоза или од него би произлегле имињата: Благој, Благе, Трпе, Миле, Мирко, Драги, Дарко, Душко и Лозан.
Κλήμης е и во новозаветните библиски речници, од основата на поимот Κλήμ. Најпрво, сакам да нагласам дека во многу речници го нема името на библискиот Свети Климент. Тоа значи дека нему досега му е сосема малку посветувано внимание и проучување. Сепак, во некои речници го има, но податоците се многу скудни и основни.
Повеќе од речниците велат дека Климент значи: милостив – снисходительный, милостивый или благ, а потоа додаваат дека по дефиниција: Клеменс, Клемент е лично име, од латински происход, споменато во Библијата, во Посланието до Филипјаните. Тоа е грчко-англиската усогласеност за Κλήμης. Или друг вели дека Климент е од латинско потекло; милостив; Клемс (т.е. Клеменс). Тој е христијанин од Филипи. Во другиот, пак, пишува: Климент значи „терпеливый“, сотрудник ап. Павла в Филиппах.
Проф. д-р Ратомир Грозданоски
Продолжува