Фото: Маја Јаневска-Илиева

Автор: Проф. д-р Илија Велев

Проф. д-р Илија Велев

Патронското празнување на академските, научните или на културните институциикои го носат неговиот светителски и просветителски титулар го прифаќаат датумот 8 декември (25 ноември по стар стил), што претставува именден на св. Климент Охридски – кога се чествува празникот за св. Климент I папата Римски, чиишто мошти ги пронашол св. Константин – Кирил Филозоф во Херсон и литијно ги однел кај папата во Рим во 867 година. Се претпоставува дека во чест на споменот и славата за св. Климент Римски и кирилометодиевиот ученик св. Климент Охридски го добил свештеното име во Рим. Веќе од 2007 година и Република Македонија го прогласи празнувањето на именденот на св. Климент Охридски на 8 декември како државен празник.

Инаку, црковното календарско празнување на св. Климент Охридски се одвива на 9
август (27 јули по стар календар), кога литургиски се прославува неговото упокојувањето (†916 година). Црквата и културноисториската традиција го удостоиле споменот и славата за св. Климент на истиот празничен ден да е и празнувањето на светите Седмочисленици, св. Учители и нивните св. Ученици. На истиот ден богослужбено се слави и споменот за св. Пантелејмон, на кого св. Климент го посветил храмот при изградбата на својот манастир на Плаошник покрај Охридското Езеро.

* * *

1. Епохалното дело на св. Климент Охридски во сесловенската духовна и културноисториска традиција

Во духовната и во културната меморија св. Климент Охридски е засведочен како
најистакнат и најдоследен ученик или следбеник на св. Кирил и Методиј, а како таков
станал продолжувач и поттикнувач за развојот на изворните кирилометодиевски
мисионерски идеи при натамошната афирмација на словенската богослужба, писменост и просветителство. Без улогата и придонесот на св. Климент и на формираната од него Охридска духовна и книжевна школа, натамошниот тек на словенскиот духовен и просветителски развој ќе бил принуден да се пролонгира и да сочека нови историски околности во некои идни времиња за конечна афирмација на третата христијанска цивилизација и култура во Европа – словенската, веднаш по византиската и по римолатинската. На тој начин епохалното дело на св. Климент станало историска последователност на процесот што кирилометодиевската сесловенска мисија до крај не ги исполнила црковнополитичките и културноисториските очекувања на византискиот Константинопол и на папата во Рим. Токму од тие причини и воспоставувањето на светителскиот култ за св. Кирил и Методиј тесно се поврзал со афирмацијата на култот за св. Климент по неговата смрт на 27 јули/9 август †916 година, а со истиот празничен датум за неговата слава и спомен се мобилизирал и заедничкиот словенски просветителски култ за светителската група Седмочисленици – светите Учители и нивните свети Ученици.

* * *

2. Св. Климент Охридски во македонскиот словенски духовен и културноисториски идентитет

Во историски и цивилизациски контекст е важно што по крахот на Моравската
словенска мисија во 885 година св. Климент дошол или се вратил во Македонија на терен со ранохристијанска традиција, каде што можел да го продолжи сесловенското
просветителство во услови на независна црковнополитичка положба: еднакво
дистанцирана од Константинопол и од Рим. Уште во периодот при подготовките за
кирилометодиевската сесловенска мисија изворно се користеле македонските словенски говори од околината на Солун, врз чија основа се кодифицирал општиот словенски богослужбен и книжевен јазик – а и врз тамошниот македонословенски гласовен систем се устроила словенската фонетска азбука – глаголицата. Затоа и продолжувањето на изворната кирилометодиевска просветителска дејност од св. Климент влијаело да се еманципира нова словенска духовна и цивилизациска ренесанса во Македонија, од која проникнале самостојни словенски форми за афирмативно произнесување на верата и на културата. Притоа дејноста на св. Климент Охридски историски го продлабочило чувството меѓу тогашното македонско население за самостојно издвојување од феноменот на глобалниот византиски свет, но и за спуштање на историската завеса пред меморијата за домицилното класичномакедонско идентификување. Едноставно, воспоставената Светиклиментова традиција во Македонија почнала да еманципира своевидна генеза од која проникнало сопствено словенско себепрепознавање и себеидентификување во доживеан македонски словенски колективитет. Оттука и во нашата современа цивилизациска свест се наталожило чувството дека како Македонци сме словенски народ, со словенска духовна, културна и писмена традиција.

* * *

3. Демистификации на хегемонистичката атрибуција „старобългарски“ за личноста и епохалното дело на св. Климент Охридски

Култот и просветителското дело на св. Кирил и Методиј и на св. Климент Охридски
имаат општоцивилизациски вредности во втемелувањето и во афирмацијата на
словенската духовна и културна традиција кај сите словенски народи. Затоа од современа дистанца е беспредметно истакнатите сесловенски просветители да се присвојуваат како извор од кој ќе се напојува само една, условно – национална духовна и културноисториска традиција. Во последните децении откако руската палеославистика е дистанцирана од доминацијата врз славистичката наука, почна сѐ појасно да се демистифицирахегемонистичката атрибуција „старобугарска“ за кирилометодиевската и за светиклиментовата старословенска духовност, култура и писменост. Следствено и сѐ почесто во поновите истражувања ирилометодиевистиката се проследува преку глобалните цивилизациски процеси. Тоа овозможува поевидентно да се релативизираат произволните и национал-романтичарските толкувања на содржините од култно- легендарните житиеписни извори, кои се приспособувале кон византиските црковнополитички интереси во диецезата на Охридската архиепископија. Истражувањата докажуваат дека по Преславскиот собор во 893 година Светиклиментовата словенска црковна диецеза позиционирала независен јурисдикциски статус во однос на новоформираната Преславска словенска црква. Истовремено Охридската духовна и книжевна школа продолжила да ја афирмира изворната кирилометодиевска богослужбена и просветителска традиција, подредувајќи го Преславскиот духовен и книжевен центар во периферна позиција на влијание кон другите средновековни словенски традиции. Токму и во тоа лежи историската потврда на јасната одвоеност меѓу средновековната духовна и
културна традиција во Македонија, наспроти она во Бугарија.

* * *

Вечен спомен и слава за св. Климент Охридски, духовниот патрон на Македонската
православна црква – Охридска архиепископија, како и светителски заштитник на градот Охрид и на македонскиот народ.