Фото: „Нова Македонија“

Свети Климент е еден од најплодните и најзначајни писатели на старословенски јазик, а е заслужен и за Панонската хагиографија на Свети Кирил и Свети Методиј. Тој, исто така, го превел и „Цветниот триод“, кој содржи црковни песни што се пеат од Велигден до Педесетница, а се верува дека е и автор на „Светата служба и животот на Свети Климент Римски“, како и на најстарата служба посветена на Свети Кирил и Методиј. Тој е наедно и основач на Охридската книжевна школа, еден од најстарите универзитети во светот, од кој произлегле 3.500 ученици, како и покровител на образованието и словенскиот јазик

Утре се одбележува Денот на Свети Климент Охридски

Свети Климент ги придружувал Кирил и Методиј на нивното патување во Рим, каде што на папата му биле дадени моштите на Климент Римски. Во Рим, Климент и другите ученици на Кирил и Методиј биле поставени за свештеници. Во 869 година, Методиј бил поставен за архиепископ на Панонија и испратен во својство на папски легат, во придружба на Климент. Во Панонија дошле во судир со франечките свештеници и околу 200 свештеници и ѓакони, сите ученици на Методиј, биле подложени на прогон. Климент, како еден од главните свештеници, бил затворен, а подоцна и прогонет. Во зимата во 886 година, Климент пристигнал во Белград, кој тогаш се наоѓал во рамките на Првото бугарско царство.
Бугарскиот владетел Борис го испраќа Климент во Македонија, поточно Климентовата дејност била, пред сѐ, во градовите и околината на Охрид, Девол и Главеница. Во документот што потекнува од Ватиканската библиотека се посочува дека во титулирањето на Климент се споменуваат две епархии – Тивериополската и Величката. Врз основа на споменатиот документ се верува дека Климент добил чин епископ и дејствувал во Струмица до 906 година, а потоа ја добил Величката епископија каде што епископувал до крајот на животот.
По пристигнувањето во Македонија, Климент започнал активна дејност, првенствено кон зацврстување на христијанството, како и ширење на словенската писменост. Најспособните деца ги избирал за ученици и ги подготвувал за ракоположување. Во Охрид го основал манастирот посветен на Свети Пантелејмон, кој ќе послужи како основа за појава и развој на Охридската книжевна школа.
Во напредна возраст, Климент заминал во Преслав и побарал од царот Симеон да го ослободи од неговите должности како епископ, но бил одбиен. При враќањето од Преслав, Климент се разболел. Се верува дека Климент починал на речиси осумдесетгодишна возраст, на 27 јули 916 година во Охрид, и бил погребан во тремот на манастирската црква „Св. Пантелејмон“.

По смртта на Климент, неговите ученици оставиле литургиски сведоштва за неговата формална канонизација во светител. Подоцна, охридските архиепископи Теофилакт и Хоматијан напишале житија и химнографски творби, како на поткрепа на светителскиот култ за Климент Охридски.
Голем дел од моштите на Свети Климент се чуваат во Плаошник, како и во Бигорскиот манастир, во Митрополијата во Битола, во црквата „Рождество на Пресвета Богородица“ – Скопје, во црквата „Св. Климент Охридски“ – Скопје и во Поречкиот манастир. Исто така, во црквата на Светите Седмочисленици во Софија, има дел од неговите мошти, а неговиот череп се чува во манастирот „Св. Јован Претеча“ кај Бер во Егејска Македонија. Се верува дека черепот го зеле двајца монаси за време на пренесувањето на моштите на светецот од охридската црква „Св. Пантелејмон“, која Турците ја претвориле во џамија, во црквата „Мал Св. Климент“, а потоа во црквата „Св. Богородица Перивлепта“.

Зошто основната книжевна школа била токму во Охрид?

Според академик Ѓорги Поп-Атанасов, познато е дека по смртта на Свети Методиј, во 885 година, папата Стефан Петти (885–891 г.) ги забранува словенската писменост и словенското богослужение во Велика Моравија; словенските книги се уништувани, а учениците на словенските просветители се протерани од оваа западнословенска земја. Меѓу протераните Кирилометодиеви ученици биле и Светите Климент и Наум Охридски.
По кратко задржување во бугарската престолнина Плиска, тие дошле во западниот дел на Македонија, во областа Кутмичевица, која во тоа време била самостојна (независна) црковна област, и тука нашле поволни услови за продолжување на делото на Светите Кирил и Методиј и за зачувување на словенската писменост и на словенското богослужение. Во овој дел на Македонија тие формирале црковна организација, која во практиката функционирала како самостоен црковен субјект. За разлика од Плиска и Преслав, каде што се богослужело и проповедало на византиско-грчки јазик и каде што не само во црквата туку и во државната администрација се користеле византиско-грчкото писмо и византиско-грчкиот јазик, во Светиклиментовата црква официјално писмо била Кириловата глаголица, а во црковните храмови се богослужело и проповедало на словенски јазик, како што нагласува академик Ѓорги Поп-Атанасов.
За разлика од Плиска и Преслав, каде што во времето на Свети Климент немало услови за развој на словенската писменост и култура, во црквата на Свети Климент и во нејзини рамки формираната Охридска книжевна школа, се негувале, се ширеле и се надградувале Кирилометодиевата писмена традиција и книжевност. За самостојното функционирање на Светиклиментовата црковна организација говори и фактот што во официјалната бугарска црква се практикува константинополската, а во црквата на Свети Климент, солунската литургиска традиција. Поради оваа причина, за потребите на словенското богослужение во црквата на Свети Климент, во Охридската книжевна школа е оформен посебен комплекс од словенски богослужбени книги. Дел од текстовите на овие книги е преведен од византиските оригинали, а дел е авторско дело на Свети Климент и неговите најблиски соработници.
Според Поп-Атанасов, тоа на недвосмислен начин се потврдува од фактот што во текстот на Минејот и Октоихот се идентификувани повеќе химнографски творби на Свети Климент, со негов авторски потпис во вид на акростих, како и сведоштвото на Опширното житие на Свети Климент од Теофилакт Охридски, каде што се вели дека охридскиот светител кон крајот на својот живот од византиско-грчки на словенски јазик го превел „Цветниот триод“.
Во какви услови по Моравската мисија Свети Климент дошол на овие простори и ја основал Охридската книжевна школа? Зошто токму во Охрид? Според академик Ѓорѓи Поп Атанасов, теолог, изучувач на старословенската книжевност и на старите ракописи, по смртта на Свети Методиј во Велика Моравија биле забранети словенската писменост и богослужение, кои папата Стефан Петти ги забранил со декрет. Оние што биле следбеници на светите Кирил и Методиј биле протерани од Велика Моравија. Сè што имало, ракописи, богослужение на словенски јазик, било забрането, изгорено и уништено.
– Зачувани се два Прашки листа и седум Киевски листа. Само тоа останало, сè друго е уништено. Климент, Наум и Ангелариј доаѓаат во бугарската престолнина Плиска, но тука наишле на отпор затоа што Бугарската црква била раководена од Византијци – нагласува академик Поп Атанасов.


Охридската книжевна школа меѓу најстарите универзитети во светот

Во последните децении на деветтиот век, Охридската книжевна школа, која постепено се оформува во Климентовиот универзитет, придонесува Охрид и Македонија да се оформат како значајни центри на културата, образованието и религијата во поширокиот Балкански Регион, но и во Европа. Охридската книжевна школа е формирана во 886 година и е еден од најстарите универзитети во Европа, но и во светот. Зачетокот на Охридската книжевна школа е поврзан со дејноста на Свети Климент Охридски, како и неговиот наследник Наум Охридски Чудотворец. Повеќемина историчари и истражувачи нагласуваат дека благодарение на дејноста на Свети Климент и Свети Наум, Охридска книжевна школа станува првиот словенски универзитет на Балканскиот Полуостров. Климентовиот универзитет се наоѓал во Плаошник, односно околу манастирот и црквата од времето на Свети Климент. Тука Климент Охридски ги составувал своите литературни творби, меѓу кои и „Пофалното слово за Кирил“.
Климентовиот манастир уште од самиот зачеток бил замислен како културен центар на македонските Словени. Димче Коцо, истакнат македонски историчар на уметноста, кој многу години се занимаваше со проучување на средновековната македонска уметност и археологија, вели дека манастирот на Свети Климент или, поточно, манастирската црква била реставрирана неколкупати.
– Како свидетелство за тоа ни служат не само подовите на црквата, но и други аргументи што ќе бидат разгледани во вториот дел на нашава работа. Кога и по која причина станало уривањето и кој ги извршил реставрациите, со сигурност не може да се каже. Како сигурно може да се земе само тоа дека до времето на Теофилакт и во неговото владеење црквата не била урната, зашто во спротивен случај Теофилакт би го обележал тоа во Житието на Климент, како што е обележано дека „другата“ Климентова црква подоцна станала архиепископска катедра – нагласува Димче Коцо.
Во „Опширното житие“, составено во почетокот на 12 век од архиепископот охридски Теофилакт, се вели дека на Климент „мачно му стануело секогаш кога се навоѓал негде далеку“ од манастирот. Климент сакал да живее во него и поради убавината што „толку ја љубел“. Кога си направил според црковните закони завештание „како за своите книги, што ги напишал, така и за другиот свој имот“, тој ги разделил на два дела и ја оставил едната половина на Епископијата, а другата на манастирот, се вели во „Опширното житие“.
Од аспект на македонската култура и образование, Охридската книжевна школа е значајна затоа што во нејзините рамки се создавал свештенички и учителски кадар што ја ширел писменоста, но и го негувал христијанството, во еден поширок регион, вклучувајќи и територии на денешните современи држави Македонија, Албанија и Бугарија. Од Охридската книжевна школа произлегуваат повеќе глаголски ракописи, како што се „Асеманово евангелие“, „Синајски псалтир“ и „Синајски еухологиј“. Д.Ст.