Фото: „Нова Македонија“

Економската заедница едногласно посочува дека кредит за бизнис-заедницата со толку поволни услови досега немало, поради што оттаму очекуваат голем интерес од компаниите, но и силно влијание врз домашната економија поради очекувањата да се инвестира во проширување на производството или во нови инвестициски циклуси. Претставниците на стопанските комори укажуваат дека интересот за кредити од оваа кредитна линија е голем, поради што нивните сознанија говорат дека многу компании подготвуваат апликации за искористување на средствата

Поттикнување на економскиот раст, но и силно влијание врз економијата може да имаат инвестициите што би се реализирале со искористување на средствата од унгарскиот кредит. Економската заедница едногласно посочува дека кредит за бизнис-заедницата со толку поволни услови досега немало, поради што очекуваат голем интерес од компаниите, но и силно влијание врз домашната економија поради очекувањата да се инвестира во проширување на производството или во нови инвестициски циклуси.
Претставниците на стопанските комори укажуваат дека интересот за кредити од оваа кредитна линија е голем, поради што очекуваат многу компании да аплицираат за искористување на средствата.
– Интересот на компаниите за оваа кредитна линија е значителен, што е секако поврзано со мошне поволните услови. Резултатите од анкетата што ја спроведе Стопанската комора на Македонија меѓу членките укажуваат на вкупна побарувачка за кредити од ова кредитна линија од околу 150 милиони евра. Со напомена дека во моментот на спроведување на анкетата, најавената каматна стапка изнесуваше 3,25 проценти.
Така што, може да се очекува и повисока побарувачка со оглед на пониската каматна стапка, која беше испреговарана помеѓу владата и комерцијалните банки. Најголем интерес за кредитите изразија компаниите од преработувачката индустрија, земјоделството и прехранбената индустрија, металургијата и електроиндустријата – посочуваат претставниците на Стопанската комора на Македонија.
Од СКМ посочуваат дека кредитите ќе се користат за инвестиции што би опфатиле модернизација на постојните технологии, инсталација на автоматизирани производствени линии и изградба на нови капацитети (погони и административни згради).
– Поволните услови, како што се каматната стапка од само 1,95 процент, во однос на просечната каматна стапка од 4,9 отсто, и долгиот рок на отплата од 15 години со вклучен грејс-период од три години, се клучен фактор за големиот интерес. Овие услови овозможуваат пристап до финансии по многу пониска цена од вообичаената на пазарот, што ги прави привлечни за компаниите што бараат средства за развој и раст, иновации, зголемување на продуктивноста и ефикасноста – нагласуваат од СКМ.
Потврда дека има голем интерес за искористување на средствата од кредитот пристигна и од Сојузот на стопански комори, чиј претседател посочува дека договорените услови за користење на кредитот од унгарскиот заем за домашните компании се меѓу најповолните што досега биле обезбедени.
– Интересот за користење е огромен. Условите за компаниите се навистина поволни, поради што има голем интерес за инвестиции во производствените капацитети, во опрема или други планирани инвестиции. Сосема е очекувано овие инвестиции, по сите економски логики, да придонесат за раст на економијата. Секогаш кога се инвестира во основни средства има позитивен напредок – нагласува Трајан Ангелов, претседател на ССМ и нагласува дека толку поволни услови за инвестирање на компаниите не биле обезбедени изминативе 30 години, поради што очекува средствата целосно да бидат искористени поради големиот интерес од компаниите.
Од Стопанската комора на Македонија нагласуваат дека иако условите за користење на средствата веќе се најавени од Владата, истите тие треба дополнително да се разработат, поради што очекуваат дека во овој сегмент ќе бидат направени консултации и со стопанските комори.
– Стопанската комора на Македонија уште пред околу два месеца разработи детални критериуми, кои, според нас, треба да важат за селекција на компаниите. Истите тие беа споделени со Владата и се надеваме дека ќе бидат применети. Во овој процес, Стопанската комора има две цели.
Прво, ги претставува интересите на своите членки, а тоа се здрави компании што имаат аспирација, планови и способност за раст, било на домашниот било на меѓународниот пазар. За реализација на плановите на компаниите, пристапот до евтини и поволни финансиски средства е мошне важен.
Второ, во интерес на сите нас, на компаниите, на граѓаните, на земјата е да се отвори нов инвестициски циклус што ќе ја придвижи економијата и ќе донесе повисоки стапки на економски раст, осовременување на производството, примена на високи технологии и зголемување на продуктивноста – објаснуваат од СКМ.
Од комората додаваат дека нивните заложби се со цел да се поддржат производни компании, компании со доминантна македонска сопственост, од различна големина (мали, средни и големи), компании со позитивни финансиски резултати што немаат ненамирени обврски кон државата итн. Е.Р.


Значителен раст на домашната економија

Претставниците на Стопанската комора посочуваат дека средствата имаат потенцијал за значителен позитивен ефект врз економијата. Доколку кредитната линија од 250 милиони евра се искористи целосно за инвестициски активности, нашите проекции покажуваат дека тоа би придонело кон:
– Пораст на бруто-домашниот производ (БДП): инвестициите би довеле до пораст на БДП од 1,8 процент годишно, на среден рок, што е значителен придонес за македонската економија.
– Зголемени даночни приходи: зголемениот раст на БДП од 1,8 отсто ќе значи зголемени даночни приходи од 1,8 процент (ceteris paribus). Или конкретно, ако вкупните даночни приходи за 2024 година изнесуваат 83 милијарди денари, на среден рок растот на даночните приходи би изнесувал 1,5 милијарда денари годишно (или 25 милиони евра), што би ги покрило обврските за отплата на заемот.
– Поттикнување на иновациите и модернизацијата: кредитите ќе овозможат компаниите да инвестираат во нова опрема, технологии и автоматизација, што ќе доведе до подобрена продуктивност и конкурентност на пазарот. Веруваме дека инвестициите ќе помогнат во создавање на нови извозници, со оглед на тоа дека само пет отсто од македонските компании во моментов се извозници. Тука би додале дека Стопанската комора посветено работи на поддршка на членките да започнат со извоз или да го зголемат извозот преку т.н. Институт на извозници.


Зголемена продуктивност со поголема искористеност на парите од извозните и иновативните компании

Компаниите што се занимаваат со иновации или извозно ориентирани активности, но и традиционалните сектори што покажуваат намера за модернизација, треба да имаат предност, сметаат од Стопанската комора на Македонија.
– Критериумите треба да обезбедат ефикасна употреба на средствата, што би водело до зголемена продуктивност, иновации и конкурентност, но и да ја минимизираат можноста за погрешно пласирани средства, нефункционални заеми. Во последните изјави на владините претставници може да се препознаат токму овие критериуми, со додавање и на можноста за инвестиции во обновливи извори на енергија, со што комплетно се согласуваме и сметаме дека е инвестиција во сегашноста и иднината. Дополнително, поставената горна линија, односно максимален износ на кредитите (осум милиони евра и дополнителни два милиони сопствено учество) е оптимална од аспект на задоволување на потребите на компаниите (особено на големите компании, кои се најчесто и извозници) – нагласуваат од комората.
Оттаму додаваат дека нивен предлог е Владата да постави рок за аплицирање на компаниите, а доколку останат неискористени средства од унгарскиот заем, тие да бидат искористени за инвестиции во процеси или инфраструктура што би биле од корист за компаниите, сѐ со цел да се создадат поповолни деловни услови и опкружување.
– Ова е особено важно поради фактот што државата плаќа камата на позајмените средства, без разлика дали истите тие ќе бидат пласирани (и оплодени) или ќе стојат депонирани на сметка со мошне низок принос – појаснуваат од СКМ.


Акциско намалување на цените на одделни прехранбени производи со владината акција „Помалку трошоци, повеќе за тебе, се грижиме!“

Пониски цени во „mojakosnica.mk“

Акциско намалување на цените на одделни прехранбени производи, алкохолни и безалкохолни пијалаци за 10 и повеќе отсто ќе донесе владиното спакувано „новогодишно пакетче“. Временската рамка на акциското намалување е предвидена да биде од 15 декември до 15 јануари. Со мерката се опфатени 675 артикли од 59 компании, од различни групи на производи: леб и жита, пекарски производи, месо и преработки од месо, риба, млеко и млечни производи, кондиторски производи, свежо, замрзнато и конзервирано овошје и зеленчук, безалкохолни газирани и негазирани пијалаци, како и алкохолни пијалаци.
Предвидено е производите со намалени цени да бидат брендирани со налепници на кои ќе пишува „Помалку трошоци, повеќе за тебе, се грижиме“. Листата на производите што се понудени од страна на производителите и дистрибутерите може да се види на веб-страницата „mojakosnica.mk“.
Листата на прехранбени производи не е конечна и може постојано да се дополнува со нови производи и нови компании во пресрет на акцијата, како и нејзиното траење. Државниот пазарен инспекторат ќе биде на терен за да утврди дали се обележани сите производи што се на листата со намалени цени, во согласност со Законот за потрошувачи.

Дел од производите со намалени цени

– млечни производи: млеко, јогурт, урда, сирење, кашкавал, путер, кисела павлака
– месни производи: шунка, печеница, сланина, салама, мортадела, виршли, колбаси, паштета, чајна, мелено месо, пилешко, јунешко месо, риба
– пекарски производи и тестенини: брашно, леб, макарони, шпагети
– пијалаци (алкохолни и безалкохолни): минерална вода, газирани сокови, пиво, вино
– други прехранбени производи: јајца, ориз, супа, овесна каша, житарки, кечап, мајонез, ајвар, лутеница, пинџур, замрзнат зеленчук и овошје, мед, џем