Во деновите при одбележувањето на црковниот и државен празник 8 Декември – Денот на Свети Климент Охридски, „Нова Македонија“ почнува со објавување на еден навистина значаен авторски текст од долгогодишно истражување, кој е поделен во серијал од седум дела, посветен на македонскиот светец и сесловенски просветител. Автор на текстот е реномираниот проф. д-р Ратомир Грозданоски. Врз основа на свои истражувања и студија, професорот Грозданоски изнесува нови и досега необјавени сознанија од областа на неразделивото единство на Свети Климент и Библијата, како и за врската со Македонија. За оваа студија со колосален научен и духовен потенцијал, самиот автор ќе се изјасни: „Се радувам што имам можност да го дадам ова како сосема нов прилог во науката… во МАНУ, на значајниот научен симпозиум по повод 1.100 години од упокоението на Свети Климента, а сега и овде – на страниците во македонскиот првовесник ’Нова Македонија‘ – нашиот јасноглас кон светот…“
Научната мисла во досегашните истражувања за Свети Климента, во однос на неговото име, како да застана, го задоволи своето љубопитство и остана без некој нов предизвик за натамошни проучувања и продлабочувања. Престанаа желбите за откривање на други врски на неговото име со нова значајност, смисла и суштина. Тоа, пак, кај мене направи уште поголем предизвик за размислувања и истражувања, особено, во областа на неразделивото единство на Свети Климент и Библијата. Често се навраќам на неговото библиољубие, светооткровенско богословие и на изобилното богатство во неговиот лик и дело, неговиот светолик, оформениот иконолик и севкупната негова евангелска, библиска димензија. А во тој набој на мојата мисла, на силната желба и посветеност, се открива името Климент во Библијата. И не дека беше досега скриено и невидно, туку никој не беше застанал на тој библиски текст и не го видел библиското име Климент. А тоа е таму и чека. Ги чекаше откритието и конкретната врска со светителот. Свети Климент Охридски е именосец на библиско име. Тој е библискоименит. Неговото име го има во Библијата. Тој го носи името на својот библиски и апостолски свет претходник Климент. И тоа не е кој било и не од каде и да е, туку е од кај нас, одовде. Од Македонија е библискиот Климент.
Токму на тоа ја посветувам оваа студија и се радувам што имам можност да го дадам ова како сосема нов прилог во науката, најпрво, во Македонската академија на науките и уметностите, на значајниот научен симпозиум по повод 1.100 години од упокоението на Свети Климента – на таа Меѓународна научна конференција, а сега и овде – на страниците во македонскиот првовесник „Нова Македонија“ – нашиот јасноглас кон светот.
А во Светата Библија името Климент не е често име и тоа не се споменува стопати и во многу книги, туку го нема ни двапати, а само еднаш. Запишано е во една библиска книга од апостолот Павле – во едно од посланијата што ги упатил во Македонија. А тој испратил три посланија до црквите во Македонија. Тоа се библиските писма што ги пратил до првоформираните цркви во Европа од него, кога првпат дојде на овој континент, влегувајќи прво во оваа земја. Дојде прво кај нас. Нам ни беше дадено тоа првенство пред другите народи во Европа, бидејќи од Азија апостолот беше повикан од човек Македонец, како што сведочи библиската вистина, запишана со зборовите: „Преку ноќта имаше Павле видение: стоеше пред него еден човек, Македонец, кој го молеше и му велеше: ’Премини во Македонија и помогни ни!’“.Ете, таму, во едно од тие Павлови посланија во Библијата е запишано името Климент. Кој е тој Климент и зошто го има неговото име во Библијата, ќе се обидеме да разоткриеме, колку што е можно тоа, при ова прво навраќање на него. Затоа, пак, се отвора вратата на идни истражувања и одговори на многуте прашања поврзани со оваа тема. Неколкуте поднаслови во оваа студија може да бидат идни засебни студии, богати со исцрпни податоци, кои ќе ги направат следните истражувачи. Првиот чекор е исчекорен и одот е тргнат по долгиот пат на пронаоѓањето и сведоштвата за научната вистина.
Целата студија е поделена на 7 (седум) дела со предговорот и заклучокот. Големо е и значењето на бројот седум во библиските и христијанските толкувања и симболика, кое може основано да се поврзе и со Свети Климента.
Продолжува
Проф. д-р Ратомир Грозданоски, протоѓакон, теолог, библист и филолог
За авторот
Роден е во 1959 година во селото Брест, Македонски Брод. Во 1978 година завршува Македонска православна богословија, а во 1983 г. дипломира на Православниот богословскиот факултет во Скопје. Во 1994 г. магистрира, а во 2001 докторира на Филолошкиот факултет, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. За подобро совладување на грчкиот јазик, на кој биле напишани новозаветните библиски книги, студира на Аристотеловиот универзитет во Солун и на Филолошкиот факултет при Универзитетот во Атина. Посетува настава и на Богословскиот факултет во Атина. Бил на студиски престој и во Даблин, Р Ирска.
По враќањето во Скопје работи како референт за просвета во Скопската митрополија, а потоа е поставен за професор во Македонската православна богословија, каде што останува седум години, па во 1990 г. е избран за наставник на Православниот богословски факултет во Скопје. Предава Библија – Свето писмо на Новиот завет и старогрчки јазик. Д-р Ратомир Грозданоски е редовен професор, а во 2006 година е избран и за декан на факултетот.
Учествува на многубројни научни симпозиуми, во Македонија и во странство: од Скопје, Битола, Охрид и Струга, до Софија, Белград, Приштина, Сараево, Загреб, Виена, Букурешт, Минск, Даблин, Белфаст, Сеул, Филаделфија, Њујорк, Вашингтон, Ерусалим и др.
Д-р Ратомир Грозданоски е член на Друштвото на писателите на Р Македонија. Пишува, редактира, рецензира, уредува и лекторира изданија со богословска содржина. Користи литература на старогрчки, грчки, англиски, руски, црковнословенски и на сите словенски јазици. Проф. д-р Грозданоски во својата истражувачка и научна дејност, како теолог и филолог ја проучува Библијата. Овој познат библист посебно ги обработува тематските подрачја од егзегетиката и исагогиката на Новиот завет. За тоа пишува повеќе статии и дела. Во оваа област тој има дадено значаен придонес и има напишано голем број научни трудови. Автор е на повеќе од 300 текста, од кои 200 се стручни, а 100 научни трудови, објавени во зборници од симпозиуми. Напишал и 23 книги, кои многу значат за новата литература во Македонија и претставуваат голем придонес во развојот на библиската мисла кај нас, искажана на македонски јазик, во духот на Свети Климент Охридски и Охридската книжевна школа. Затоа, неговите дела се барано четиво за збогатување на образованието и воспитанието на луѓето.
При преводот на Библијата на македонски јазик учествува во коригирањето на текстот, а значаен е неговиот придонес и во преводите на главните, основни, богослужбени книги на македонски јазик, и тоа во првите нивни преводи и изданија. Тој е во Комисијата од Синодот на Македонската православна црква за првиот официјален превод на Служебникот и на Требникот од црковнословенски на македонски јазик, како и во последниот ревидиран превод на богослужбеното Евангелие на македонски јазик, кое претставува најнов и најсолиден библиски текст. Преведува од старогрчки, од грчки и од руски јазик и редактира преводи. Го преведе од руски капиталното дело на Александар Мењ, „Историја на религиите“, четири тома со над 1.000 страници, а редактор е на најзначајното и обемно дело „Добротољубие“ во пет тома, со над 3.000 страници, пишувано на старогрчки јазик, а преведено од руски на македонски јазик, од архиепископот Михаил.
Проф. д-р Ратомир Грозданоски е протоѓакон и е активно вклучен во дејностите на Македонската православна црква. Тој е близок соработник на поглаварите на Црквата: архиепископите Ангелариј, Гаврил, Михаил и Стефан, а од 1994 до 2006 година е и секретар на Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква. Тогаш Синодот раководи со епархиите во странство: со Европската и со Австралиската епархија, а тој како секретар ја води и таа администрација и ги знае и тамошните состојби. Ги запознава и одблизу, со посети на нашите цркви во дијаспората, а особено во Америка и Канада, бидејќи беше шест години и секретар на таа епархија, во периодот кога архиепископот Михаил раководеше со Американско-канадската епархија (1994-1999).
Членува во разни синодски комисии и учествува во многу значајни црковни делегации. Дел е од Комисијата за разговори на Македонската православна црква за нејзиното канонско единство и признавање од другите цркви и учествувал на последните дводецениски разговори по ова прашање, кои се воделе со комисии и претставници на Белград, Цариград, Москва, Тирана, Атина, Букурешт, Софија и др. (1994-2015). Член е на Советот за меѓурелигиска соработка во Р Македонија и негов прв претседател од 2002 до 2006 година.
Овој плоден творец, научник, современ теолог-библист и филолог ги збогати книжевноста, науката, образованието и воспитанието со значајни дела и текстови, кои се богат придонес во нашето општество, татковината и Црквата. Д-р Грозданоски е познат професор и педагог чија мисла и дело се особено значајни и високоценети во теологијата и науката, образованието и воспитанието, верата и моралот, Црквата и општеството денес. Забележителни се неговите учества и на дебатите по општозначајните и современи теми, присуствувајќи и во медиумите и во општествената јавност преку свои искажувања, стручни мислења и настапи за прашања од тие области.
Добитник е на две највисоки државни награди: државната награда „Гоце Делчев“, за наука, во 2014 година – како општествено признание за особено значајни остварувања од интерес на Р Македонија во областа на науката, и највисоката државна награда „Свети Климент Охридски“, за образование и воспитание, во 2015 г. – со која се оддава највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието и образованието.