Фото: „Нова Македонија“

Деновиве повторно се актуализира старата народна добро позната басна за моќникот. За волкот кому некој му ја мати водата низводно… Во тој дух беше и изјавата на грчкиот премиер Мицотакис: „…Скопје да не прави проблеми…“, која тој ја изнесе деновиве во јавноста. Тоа е позиција презентирана од положба на моќ, односно од позиција на земја членка на Европската Унија што си зема право ексклузивно таа да ја толкува Преспанската спогодба онака како што нејзе ѝ одговара. Тоа го правеше и досега, најавува дека ќе го прави и отсега, при што Грција антиципира и закани, толкувајќи еднострано, пристрасно и субјективно одредени политички чекори на македонските државни лидери, со неоснован заклучок во констатацијата: „Скопје прави проблеми“… Така, според логичниот заклучок на нашите соговорници, тоа ќе значи дека какво било поинакво толкување од македонска страна, за официјална Атина (што нејзе нема да ѝ се бендиса) е „правење проблеми“, при што „меѓу редови може да се насети нова грчка блокада доколку Бугарија се откаже од понатамошно блокирање на земјава“!?

Субјективното толкување на Атина во врска со „Преспа“ прави во секој момент Грција да може да каже дека „Скопје прави проблеми“, па да активира блокади и опструкции

Несогледливите последици од потпишувањето на Преспанската спогодба сѐ повеќе излегуваат на површина, а она што станува повеќе од јасно е дипломатското оружје што на подарок го доби Грција и со кое постојано може да ја уценува земјава доколку нешто не ѝ се допаѓа во имплементацијата на спогодбата.
Ексклузивноста врз македонскиот идентитет, која на Грција ѝ ја додели Владата што ја потпиша Спогодбата од Нивици во 2018 година, ѝ овозможува на секоја грчка влада во иднина да оценува исклучиво низ сопствена призма дали Македонија со некои свои толкувања на точките од договорот ѝ создава проблем на Грција, па во таа насока и да реагира.
Имено, тоа значи дека Грција во секое време (слободно) може да каже дека „Македонија ѝ прави некаков проблем“ и тоа да биде основа за некоја нова следна блокада во рамките на евроинтегративниот процес на земјата.
Токму таква порака неодамна за време на свеченоста на отворањето на метрото во Солун испрати грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.
– Верувам дека земјата ќе сфати дека не е во нејзин интерес да инсистира на ставот што создава проблеми со нејзиниот најголем сосед, кој исто така е и голем инвеститор во земјата и од кого очекува поддршка на европски пат – рече грчкиот премиер Мицотакис во интервјуто за телевизијата Антена, говорејќи за односите со Македонија и уште еднаш ја повтори позицијата дека очекува јасен став од државниот и политичкиот врв дека го почитува Договорот од Преспа.

Според него, ова „во голема мера се случи со актуелната влада на С. Македонија, и во предизборниот период, но до одреден степен и по изборите“ (?!).
Мицотакис уште еднаш посочи дека „името на државата е С. Македонија, тоа не се оспорува, без разлика дали се претставува во странство или името се користи за внатрешна употреба“.
Изјавата на грчкиот премиер Мицотакис за телевизијата Антена: „…Скопје да не прави проблеми…“, која тој ја даде деновиве во јавноста, е позиција презентирана од положба на моќ, односно од позиција на земја членка на Европската Унија, која си зема право ексклузивно таа да ја толкува Преспанската спогодба онака како што нејзе ѝ одговара. Тоа го правеше и досега, најавува дека ќе го прави и отсега, при што Грција антиципира и закани толкувајќи еднострано, пристрасно и субјективно одредени политички чекори на македонските државни лидери, со неоснован заклучок во констатацијата: „Скопје прави проблеми“… Според логичниот заклучок на нашите соговорници, тоа значи дека „какво било поинакво толкување од македонска страна, за официјална Атина (што нејзе нема да ѝ се бендиса) е „правење проблеми“, при што „меѓу редови може да се насети нова грчка блокада доколку Бугарија се откаже од понатамошно блокирање на земјава“!?
Токму ваквата позиција во која се најде земјава ги прави беспредметни сите отстапки што беа досега направени, но и кои и сега се бараат, бидејќи очигледно Грција е решена да ја притиска Македонија во целост да ја спроведе Спогодбата од Нивици онака како што грчката страна смета дека е исправно.
Тоа што официјална Атина досега нема спроведено ништо од договореното покажува дека Грција настапува исклучиво од позиција на моќ и дека нема да дозволи Македонија да прави какви било проблеми на грчките проекции за бришење на македонскиот идентитет.

Професорот по меѓународно право на Институтот за политички студии во Белград, Игор Јанев, нема никакви дилеми дека Грција со Преспанската спогодба го доби сиот ексклузивитет на терминот „Македонија“ и затоа сега е во позиција низ субјективна призма да оценува дали земјава создава некакви проблеми со начинот на кој таа го толкува договореното.
– Флагрантната модификација на Уставот и законите со задолжителен деноминатор („Северна“) на идентитетот докажува дека со имплементација на „идентификационите модификатори“ државата се става во зависност од друга држава и дека не е во состојбата независно и суверено да води ниту надворешна ниту внатрешна политика, и се става под идентитетска контрола – објаснува професорот Јанев, што од друга страна ѝ овозможува на Грција да биде единствен контролор за имплементација на договорот од македонска страна и во кој било момент, ако нешто не е задоволна, да тврди дека Македонија прави проблеми со непочитување на меѓународните договори.


Премиерот Мицкоски од Брисел: Очекувам дополнително да се развијат определени можни решенија

Имав квалитетни средби, меѓу кои и билатерална средба со комесарката за проширување Марта Кос, со новиот претседател на Европскиот совет, Антонио Кошта, и со Јан Копман. За време на вечерата ни се придружи Каја Калас, новата висока претставничка на ЕУ за надворешната и безбедносната политика. Разговаравме за сите теми што се од суштинско значење. Поминувавме низ аргументите, дебатиравме, дававме нови аргументи. Треба да имаме предвид дека се работи за комплетно нов состав на Европската комисија. Вчера им беше вториот работен ден. Голем дел од информациите што сега ги примаат за нив се практично нови информации. Врз основа на тие дискусии очекувам дополнително да се развијат определени можни решенија. На 17 декември има редовен самит ЕУ-Западен Балкан и пак ќе бидам таму, рече премиерот Христијан Мицкоски и додаде дека Владата има жестоки и цврсти аргументи, но не верува во инстант-решенија. П.Р.


Симптоматично е зошто грчкиот премиер токму сега ја спомнува билатерализацијата, особено во фонот на сѐ погласните најави од страна на официјален Брисел дека сака да ги тргне билатералните прашања од европската агенда и да ги остави земјите сами да си ги решаваат надвор од евроинтегративните процеси

Ишкајќи ја мувата од својата капа, грчкиот премиер укажа на она што им е јасно на сите

Македонија е блокирана поради билатерални прашања!

Негативните ефекти на билатерализацијата во пристапниот процес што Европската Унија ја наметна како критериум за Македонија стануваат јасно видливи и токму оние што ги наметнаа билатералните спорови на земјава, Грција и Бугарија, сега се обидуваат да го претстават тоа како поширок европски, а не билатерален проблем.
Во таа насока може да се толкува и неодамнешната изјава на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис дадена во рамките на интервјуто за грчката телевизија Антена, во која јасно кажува дека Грција немала билатерален спор со Македонија.
– Она што го очекувам, не само јас, бидејќи прашањето не е билатерално, се однесува и на Европа, до одреден степен се однесува и на НАТО, е многу јасна изјава на државниот и политичкиот врв дека почитувањето на Договорот од Преспа е целосно и дека името на земјата е С. Македонија, без разлика дали го користат надвор од земјата или во внатрешноста на земјата. Верувам дека се движиме во вистинската насока – рече Мицотакис.
Симптоматично е зошто грчкиот премиер токму сега ја спомнува билатерализацијата, особено во фонот на сѐ погласните најави од страна на официјален Брисел дека сака да ги тргне билатералните прашања од европската агенда и да ги остави земјите сами да си ги решаваат надвор од евроинтегративните процеси.
Очигледно Мицотакис е повеќе од свесен дека проблемот за името, поради кој земјава беше закочена две децении во евроатлантските интеграции, е исклучиво билатерален, бидејќи ниту една друга земја во светот не го проблематизираше, знае дека е тоа недопустливо и меѓународноправен нонсенс, па сега се обидува да го прикаже како небилатерално прашање.
Од друга страна, со ваквите изјави дека прашањето за името не е билатерално, Мицотакис посредно признава дека на Македонија ѝ се прават дополнителни проблеми во евроинтеграциите исклучиво со билатерални прашања.
– Со ваквите изјави, Мицотакис де факто го демаскира билатералниот проблем со Бугарија, односно јасно потврди дека Македонија има билатерален спор со Бугарија, иако официјална Софија се обидува да го претстави тоа како прашање што Македонија треба да го решава со ЕУ. Несомнено, демистифицирани се и Грција и Бугарија, а впрочем тоа го знаат и сите членки на ЕУ и САД, дека официјална Атина и Софија ги искористија својата шанса и позиција на членови на клубот да наметнат билатерални прашања во процес што треба да се води според исполнувањето исклучиво на Копенхашките критериуми. Прашањата за името на државата, за историјата, јазикот и културата на еден народ не се ништо друго освен билатерални прашања. Сите се свесни дека билатерализацијата на пристапниот процес нема да води никаде и затоа сега сите се оградуваат, а во суштина токму тоа ѝ се направи на Македонија и упорно се инсистира таа да направи уставни измени за да почне да отвора преговарачки поглавја, иако повторно се работи исклучиво за билатерално прашање за кое треба да разговараат Скопје и Софија, надвор од пристапниот процес – заклучуваат некои од соговорниците. С.Т.