„За мене вресокот се појави како неопходен премин од парализираност, немоќ и страв во оживеаност. Не би можела да збoрувам во име на други жени, но вресокот, како и темнината, е застрашувачки затоа што е моќен. Токму затоа и ја врамувам оживеаноста како одговорност“
Изложбата „Не си одам дома“ на младата уметница Клелија Живковиќ ќе се одржи вечерва (3 декември) во националната галерија „Мала станица“, со почеток во 20 часот.
Изложбата ќе биде отворена до 14 декември, и е дел од наградата „ДЕНЕС“, која ја организира „Факултет за работи што не се учат“ (ФРУ). Содржи дела создадени во периодот од 2023 – 2024 година.
Клелија Живковиќ, родена во 1989 година, е трансдисциплинарна уметница од Скопје. Таа е формално образована во неколку дизајн-дисциплини, а нејзината работа е теоретски, материјален и искуствен увид во границите, физичките, психолошките, емотивните и духовните бариери што ги создаваме за да се спознаеме себеси како битија што зафаќаат простор и кои ни овозможуваат површина за контакт со опкружувањето.
Во 2021 година, студиото „Приватен принт“ ја издаде нејзината прва уметничка книга „Prototyping tenderness: a personal log of a dying world”, каде се одржа и нејзината прва самостојна изложба со истото име.
Таа ја доби наградата „Ладислав Баришиќ“ од АИКА Македонија за нејзиното предлог-истражување „Дизајн за оживување“ во 2022 година, а во 2023 година ја доби наградата „ДЕНЕС“ за млади визуелни уметници. Има учествувано на неколку групни изложби во Македонија и меѓународно, вклучувајќи го Биеналето за Западен Балкан во Јанина, „Под земја полесно се дише“ во Скопје, Биеналето на млади уметници и „Настан од една нишка: Глобални наративи во текстил“ во Музејот на современата уметност – Скопје.
Изложбата тематски ти е врзана за крикот и врисокот на жената. За каков врисок се работи?
– Пред сѐ, изложбата тематски е врзана за оживувањето, во многу широка смисла, а содржи три од делата што произлегоа од моето неколкугодишно истражување на оживеаноста, која авторката Ана Цинг ја опишува како неуништивата животна сила која протекува низ целиот жив свет и која од почетокот на времето се јавува како одговор на уништувањето како што се природните катастрофи, а подоцна и човековите влијанија. Кога првпат читав за ова во нејзината книга „Печурката од крајот на светот“, во тој збор го препознав она што ми беше потребно да го почувствувам и разберам во тој момент: дека таа животна сила постои во мене, ме обединува со светот, не ме изолира од него и дека токму поради тоа што таа оживеаност не ми припаѓа само мене, туку на целиот жив свет, мојата должност и привилегија континуирано и бунтовно да ја избирам својата оживеаност не е само во служба на мојот живот, туку на животот воопшто, на животот на сите заедници на кои припаѓам.
Изложбата е, исто така, и за темнината, која ги содржи сите аспекти од нашата оживеаност, кои општеството ги категоризира како срамни, погрешни, мрачни, а кои многу често се всушност изворот на нашата моќ. Во текот на изминативе години често се навраќав на Одри Лорд и нејзината прецизност и луцидност во „Примените на еротското“: за да се одржи себеси, секоја опресија мора да ги корумпира или изобличи оние различни извори на моќ во културата на угнетуваните кои можат да создадат енергија за некаква промена (прев. Душица Лазова).
Во овој процес, за мене вресокот се појави како неопходен премин од парализираност, немоќ и страв во оживеаност. Не би можела да збoрувам во име на други жени, но вресокот, како и темнината, е застрашувачки затоа што е моќен. Токму затоа и ја врамувам оживеаноста како одговорност.
Позицијата на жената во општестовото сѐ уште не онаму каде што заслужува да биде. Колку треба да се „вреска“ за тоа да се промени?
– Многу. Гласно и постојано. Но, подеднакво важни се и одморот и заемната грижа, особено оние што ги наоѓаме преку солидарност и здружување со други жени, а без кои секоја борба е залудна.
Какво е твоето искуство како жена што се занимава со уметност?
– Мојот идентитет како жена се провлекува низ мојата работа и е еден од најважните фактори кои го сочинуваат контекстот во кој таа се создава. За мене е многу важна паралелата помеѓу нашиот однос кон женските тела и нашиот однос кон планетата, која е веќе детално документирана и обработувана во научни трудови и уметнички дела низ цел свет. Мојата пракса содржи и фолклорни елементи кои често се занимаваат со женската лоза и како таа се пренесува преку нашите тела, како се штитиме една со друга од насилство, но и како често го проголтуваме и продолжуваме ланецот на насилство преку нашите односи.
Зошто „Не си одам дома“?
– Името на изложбата е еден од начините да кажам, пред сѐ на себе си, дека не отстапувам од својата вистина, не се враќам назад во четири ѕида, не бегам од непријатноста. Особено кога зборуваме за оживеаност, сметам дека е поважно од сѐ да ја обзнаниме реалноста во која живееме, во којашто е привилегија да имаш избор да оживееш.
Колку се важни наградите за младите уметници, колку се стимулативни и помагаат ли некако македонските уметници да се претстават и пред светот?
– Наградите се еден од начините преку кои меѓусебно се поддржуваме. Понекогаш тие се единствениот начин да создадеме можности и да активираме дел од ресурсите што се достапни, затоа што како уметници навистина работиме со оскудни ресурси во секаква смисла. Иако натпреварувачката природа на наградите е предизвикувачка, целиот процес овозможува простор за раст во дисциплината во која работиш, созревање во процесите на продукција и начините на кои го комуницираме тоа што го работиме. Наградите практично се платформи кои го надополнуваат недостатокот на континуирана и одржлива системска поддршка за уметниците, а во многу случаи се одличен начин да стапиш во контакт со средини кои можеби инаку не би ни биле лесно достапни како поединци.