Фото: Маја Јаневска-Илиева

Мерки за фискална одржливост на Фондот на ПИОМ

Од 2026 година да се зголеми старосната граница за пензионирање за мажи и жени на 67 години и истовремено да се зголеми стапката за пензиско осигурување за 0,7 процентни поени, односно да изнесува 19,5 проценти, препорачува Фискалниот совет како предлог на Фискалната стратегија 2025-2029 година.
Од Фискалниот совет, кој е независно тело што изработува анализи и мислења за макроекономските и за фискалните претпоставки користени за изработка на буџетот на државата и фискалната стратегија, нагласуваат дека ваквите мерки се потребни за одржување на Фондот на ПИОМ, намалување на фискалните ризици и за консолидација на буџетот во наредниот среднорочен период.
– Фискалниот совет е на мислење дека за одржување на Фондот на ПИОМ, намалување на фискалните ризици и консолидација на буџетот во наредниот среднорочен период се потребни дополнителни мерки, како зголемување на работниот век на вработените и постепено зголемување на придонесот на пензиско и инвалидско осигурување (тековно е на 18,8 проценти, што е намалување од 2,4 проценти во однос на 2008 година, кога изнесуваше 21,2 проценти). Кога на тоа би се додало стареењето на населението, а со тоа и секоја година зголемувањето на бројот на пензионери за околу 1.500-1.700 нови пензионери секоја година, придружувано и со преференцијата за емигрирање на младите во странство, а со тоа и релативно намалување на покриеноста на пензиските приходи со наплатените придонеси, проблемот уште повеќе станува комплексен. Оттука, фискалната одржливост на Фондот на ПИОМ претставува посебен фискален ризик, се наведува во мислењето од Фискалниот совет.
Во однос на зголемувањето на стапката за пензиско осигурување, од Фискалниот совет препорачуваат во 2027 година да се направи анализа за фискалната одржливост на Фондот на ПИОМ и во зависност од трендот и потребата, постепено да се зголемува придонесот до 21 процент до 2029 година. Е.Р.