Фото: Принтскрин

Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамевска, денеска поднесе неотповиклива оставка од функцијата претседател на Советот, поради, како што рече, немањето слух кај извршната и законодавната власт да се обезбеди брза и ефикасна правда, како и обидите за нарушување на нејзиниот интегритет од страна на високи функционери од власта.

-Кога нема слух за подобрување на состојбата во судството и истото е опструирано од власта и на разно разни начин и претседателот на Владата и политичарите од владејачката гарнитура, од собраниска говорница или преку прес службата изразуваат негативен став спрема Судскиот совет, спрема членови во Советот, но најпоразително од се е што изразуваат негативен став кон судиите, од кои поголемиот број навистина не го заслужуваат тоа, сметам дека единствено што ми останува е да го заштитам мојот личен интегритет и мирот и спокојството и мое и на моето семејство, поради што поднесувам неотповиклива оставка од функцијата претседател на Судскиот совет на Република Северна Македонија – изјави Дамевска.

Наводите кои од собраниска говорница ги изнесе претседателот на Владата Христијан Мицкоски за фалсификување на записници во Судскиот совет, Дамевска рече дека имаат за цел да биде нарушен угледот на Советот и во јавноста да биде прикажан дека не ја извршува совесно својата работа.

-Претседателот на Владата Христијан Мицкоски токму од собраниската говорница изнесе наводи дека во Судскиот совет, со кој раководам, има некави кланови и се фалсификуваат записници. Воедно, во неколку наврати тој, како и политичари од сегашната власт се обраќаа со негативни ставови за членови на Судскиот совет, нивна поврзаност со одредени политичари од претходната власт и сето тоа во насока да се претстави во јавноста дека јас или пак членовите на Советот не ја извршуваме функцијата професионално, стручно, совесно и одговорно, а Судскиот совет, заедно со Советот на јавни обвинители беа посочени како тела кои треба да бидат распуштени. Дури, во телевизиско гостување истакна и дека на нашето место, на местото на постојаните членови на советите, треба да дојдат „нивни“ луѓе, претпоставувам дека тоа се однесува на судии или обвинители кои се блиски до владеачката политичка партија. И ова, во една демократска држава е многу сериозно, да не речам поразително – порача Дамевска.

Советот за да го зачува угледот, вели, во неколку наврати не реагирал на изјавите од страна на политичари, кои како што рече, посочувале одредени судии во јавноста и толкувале правни ситуации.

-Судскиот совет во неколку наврати не реагираше кога од страна на политичари јавно се толкуваа судски одлуки и беа посочувани одредени судии, не затоа што се повлече и не сакаше да пркоси, туку за да го зачува угледот, а воедно и да ги заштити судиите од продолжување на споменување на нивното име и презиме во јавноста, да не даде шанса по секој демант или реакција на Советот, повторно да има обраќање од прес-службата на било која политичка партија, која не се согласува со судската одлука – рече Дамевска.

Таа уште еднаш се осврна и на траењето на нејзиниот мандат.

-Ова го истакнувам поради сензитивноста на овој случај, инициран од поединци од Советот на кои не им одговара законското постапување и одлучување во Советот, ниту пак беа целосно посветени на активностите кои беа спроведени, а се резултат на макотрпната работа на мнозинството членови и вработените во Советот … Се одело дури и дотаму да се споделуваат информации од размислувања, ставови на членови истакнати на работен состанок, кое право е утврдено со закон. На тие работни состаноци и сега и во иднина се носеле и ќе се носат заклучоци за сите прашања за кои не треба да се одлучува на седница. Затоа, прашањето дали треба да се констатира престанок на мандатот на функцијата престедател не беше ставено како точка на дневен ред, бидејќи по истекот на мандатот, кое не е во конкретниот случај, како точка на дневен ред се става избор на претседател – рече Дамевска.

Мандатот на функцијата претседател на Судскиот совет трае две години. Дамева беше разрешена во април минатата година откако сакаше да ја стави одговорноста на апелациониот судија Енвер Беџети на дневен ред. Нејзиниот заменик Селим Адеми тогаш повика на гласање за нејзино разрешување, при што седум члена го поддржаа, по што тој констатира дека Дамева е разрешена и во нејзино присуство го презеде раководењето со седницата. Таа поднесе тужба на одлуката за разрешување до Управниот суд и тој на 3 јануари таа одлука ја укина и ја врати Дамева на функцијата.

Дамева уште минатата недела изјави дека мандатот на претседателот на Судскиот совет е во траење од две години, согласно член 8 став 2 од Законот за Судскиот сове. Таа рече дека изненадуваат толкувањата за наводно продолжување на мандатот надвор од утврдениот законски период од две години, при постоење на неспорен факт дека постои прекин.