Од периодот на Св. Климент Охридски, па наваму, во Македонија е создадено огромно ракописно книжевно наследство. Колку точно ракописи се создадени не може со сигурност да се каже, но според Јордан Хаџи Константинов-Џинот, кој објавувал во „Цариградски вестник“, создадени се 150.000 ракописи. Секако, оваа бројка е преголема, но според неа може да се заклучи дека Македонија имала огромно ракописно наследство, кое во текот на 19 и 20 век е разграбано од разни „собирачи“. Македонија континуирано била ограбувана! Oгромен број наши скапоцени ракописни книги сега се во најрепрезентативните збирки на најугледните европски музеи, библиотеки и други културни институции. Но благодарејќи на личните залагања на неколкумина македонски истражувачи, досега се регистрирани дел од нашите стари ракописи, заедно со земјите и институциите каде што се наоѓаат

Почетоците на создавањето словенски ракописи во Македонија се исплетени во епохалното дело на солунските браќа, светите Кирил и Методиј. Тие, непосредно пред да појдат во Моравија, ги превеле најнеопходните богослужбени книги од грчки на словенски јазик. Но процветот на словенската писменост и култура во Македонија доаѓа по 885 година кога во Охрид се враќа Свети Климент Охридски. Од периодот на Св. Климент Охридски, па наваму, во Македонија е создадено огромно ракописно книжевно наследство. Колку точно ракописи се создадени не може со сигурност да се каже, но според Јордан Хаџи Константинов-Џинот кој објавувал во „Цариградски вестник“, создадени се 150.000 ракописи. Секако, оваа бројка е преголема, но според неа може да се заклучи дека Македонија имала огромно ракописно наследство, кое во текот на 19 и 20 век е разграбано од разни „собирачи“.
Македонија континуирано била ограбувана. Oгромен број наши скапоцени ракописни книги сега се во најрепрезентативните збирки на најугледните европски музеи, библиотеки и други културни институции. Но благодарејќи на личните залагања на неколкумина македонски истражувачи, досега се регистрирани дел од нашите стари ракописи, заедно со земјите и институциите каде што се наоѓаат. Одреден број од нив како копии веќе ги имаме и во Македонија. Како и да е, најважно е да се обезбеди континуиран фонд за истражувачки проекти, преку кој ќе се овозможи комплетирање барем на фотокопии или електронски изданија на сите македонски стари ракописи расеани низ Европа. Паралелно со тоа, се разбира, би продолжила стручната обработка на сите стари ракописи или збирки на македонски ракописни книги, што е многу важно за македонската книжевна историја. Од друга страна, ќе се комплетира досието за тоа како, кога и на кој начин од македонските манастири и скрипториуми се крадени, носени, продавани и препродавани скапоцените ракописни книги со кои сега се гордеат голем број европски музеи, библиотеки и други врвни културни институции во странство.
Во Музејот на Српската православна црква во Белград се чува ракописен Пентикостар од 1493 година. Овој ракопис, како што тврди д-р Ѓорѓи Поп Атанасов, е еден од врвните македонски авторитети од областа на ракописното и книжевно наследство, кој во Србија е однесен директно од манастирот „Свети Пантелејмон“ во Нерези, Скопско. Со потекло од овој наш манастир е и Празничниот минеј, кој сега е во Народната библиотека во Софија.
Според она што досега е откриено и евидентирано, многу наши книги има и во Санктпетербуршката градска библиотека, потоа во библиотеката на Академијата на науките на Русија, во Државно-историскиот музеј во Москва, во народните библиотеки во Киев и во Одеса, потоа во Софиската народна библиотека, во библиотеката на Бугарската академија на науките и уметностите, во Народната библиотека во Пловдив, како и во Софискиот црковен музеј.
Исклучително вредни македонски ракописни книги има и во Националната библиотека во Париз, во Ватиканската библиотека, во Виенската државна библиотека, во Народниот музеј во Прага, во Народната библиотека во Букурешт, во Романската патријаршија, во библиотеката на Јагелонскиот универзитет во Краков, но и во Атинската национална библиотека, како и во Британскиот музеј во Лондон и во уште десетина други институции на Балканот и во Европа. Ова скапоцено богатство денес е гордост на оние што го имаат, но, се разбира, и обврска за Македонија да бара да ѝ се врати она што ѝ припаѓало и ѝ припаѓа.
Многумина истражувачи од оваа област, престојувајќи во нашите манастири во 19 и 20 век, често без никаков надомест изнесувале од Македонија цели товари стари книги, но и многу вредни икони. Така, Антон Миханович, кој бил австриски конзул во Солун, мошне често патувал низ Македонија и притоа успеал да собере исклучително вредна ракописна колекција од нашите манастири. Тие 38 наши ракописни книги, кои Миханович ги собрал служејќи се со дипломатија, но и со други средства, сега се во репрезентативната збирка од вакви ретки книги во Хрватската академија на науките и уметностите во Загреб. Речиси истовремено со австрискиот конзул Миханович, низ Македонија шетал и собирал стари ракописни книги и рускиот научник Виктор Григорович. Тие примероци сега се во Државната библиотека во Москва, потоа во народната библиотека „Максим Горки“ во Одеса, во библиотеката на Казањскиот универзитет, како и во Казањската духовна академија.

Автор: д-р Марјан Патлиџанковски

(Продолжува)