Фото: „Нова Македонија“

Вкупните депозити на населението или на граѓаните во Македонија надминуваат шест милијарди евра или, попрецизно, дури 374,889 милијарди денари. Тоа е официјална информација на Народната банка на Македонија за октомври

Граѓаните во деловните банки чуваат над шест милијарди евра

Депозитите на граѓаните и на компаниите во домашните банки континуирано растат. Најновите податоци покажуваат дека вкупните депозити надминуваат девет милијарди евра или, поточно, сумата достигнува 564,962 милијарди денари. Тоа се суми на граѓаните и на компаниите и се однесуваат на вкупните штедни влогови, и краткорочни и долгорочни. Притоа, податоците покажуваат дека повеќе растат банкарските влогови на граѓаните отколку на компаниите.
Имено, вкупните депозити на населението или на граѓаните во Македонија надминуваат шест милијарди евра или, попрецизно, дури 374,889 милијарди денари чуваат граѓаните во банките според последните податоци на Народната банка за октомври.
Притоа податоците покажуваат дека повеќе се штеди во денари отколку во странски валути. Имено, од вкупните штедни влогови, 3,1 милијарда евра се во денари, додека преостанатите се во девизи.
– Вкупните депозити, во октомври, забележаа месечно зголемување од 1,7 отсто поради растот на депозитите кај двата сектора, којшто е поизразен кај корпоративниот сектор. Годишниот раст на вкупните депозити од 11 проценти произлегува од зголемените депозити на двата сектора, со поизразен придонес на секторот „домаќинства“ – се посочува во анализата на НБ.
Од централната банка појаснуваат дека вкупните депозити на домаќинствата, во октомври се зголемени за 0,7 проценти на месечно ниво, и тоа како резултат на растот на долгорочните депозити во денари и во странска валута, во услови на забележан пад кај краткорочните депозити и депозитните пари.
– Годишниот раст од 11,7 проценти се должи на повисоките депозитни пари и долгорочните депозити во денари и во странска валута, додека краткорочните депозити бележат намалување – појаснуваат банкарите.
За споредба, на крајот на 2023 година, граѓаните и компаниите во банките имале „депонирани“ 534,2 милијарди денари или 8,6 милијарди евра. За само десет месеци, вкупните депозити во Македонија ја надминаа бројката од девет милијарди евра.
Вицегувернерката на Народната банка, Емилија Нацевска, неодамна посочи дека по пандемијата, „заштедите“ на населението во македонските банки бележи раст од речиси 35 проценти.

– Заштедите на домаќинствата сочинуваат околу 60 проценти од нивната финансиска актива. Уште позначајно е што учеството на денарските депозити во вкупните заштеди на домаќинствата надминува 50 отсто, со што продолжува трендот на денаризација. Довербата во банкарскиот систем се гледа и во растот на долгорочните депозити со двоцифрени стапки на раст, највисоки во последната декада, при што во август учеството на долгорочните депозити достигна 30 проценти – потенцираше Нацевска.
Вицегувернерката укажа дека еден од клучните предуслови за поттикнување на штедењето во домашните банки е одржувањето на стабилноста на финансискиот систем. Притоа посочи дека, иако банките се соочија со неколку последователни кризи, нивните капитални и ликвидносни позиции се зајакнати.
– Банкарскиот сектор ја зголеми својата отпорност, што јасно се гледа од повеќе показатели. Адекватноста на капиталот е значително зголемена на 19 отсто, што е највисоко ниво во изминатите две децении. Ликвидноста на банките е на високо ниво. Квалитетот на кредитното портфолио е подобрен во однос на претпандемичниот период, со учество на нефункционалните во вкупните кредити од околу 3 отсто – посочи Нацевска, истакнувајќи оти и понатаму е потребно внимателно следење на состојбите, заради заштита од евентуални нови шокови, кои би можеле повторно да ја тестираат издржливоста на банкарскиот систем во иднина.
Наспроти овој континуиран раст на депозитите, кој секако треба да биде предмет за понатамошна анализа во смисла на мотивирање за продуктивно активирање во стопанските текови, изминативе денови бевме сведоци на преговорите меѓу Владата и претставниците на банкарскиот сектор околу каматата по која компаниите ќе ги добијат парите од унгарскиот кредит. Ова беше причина да реагира и првиот човек на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, кој укажа на потребите што ги имаат компаниите.
– Бизнисот секогаш има потреба од пари за инвестиции и од она што го знаеме од анкетите ќе има инвестициски програми што чекаат на реализација. Заеднички, банките со смалување на нивните редовни каматни стапки за инвестициски активности и државата со оваа помош треба да помогнат бизнисот да направи чекор и да не се срамиме веќе од бројките од 1,8 процент раст на БДП, туку да се дигне како што е предвидено на 3-4 отсто за да можеме да бидеме во рамноправна трка со сите. Вака со просек што е на ниско ниво 30 години, практично ја загрозуваме иднината на нашите деца и не можеме да го спречиме процесот на иселување – потенцираше Азески.
Потоа дополни дека банките во делот на бизнисот се со најпрофесионална структура, а Владата има голема одговорност.
– Така што мислам дека бизнисот овој пат ќе има добивка, нема каде да се оди, едните треба постојано да се докажуваат, другите се на почеток на мандатот, а ние сме тие што треба да ги искористиме тие средства на најадекватен начин. Тоа значи и понатаму извозот да остане приоритет број еден, со тоа да се подобрат продуктивноста и иновативноста и можеме на тој начин да создадеме додадена вредност со која ќе ги враќаме долговите што ги направил некој пред нас – порача Азески. Е.Р.