Некои ставови и размислувања поврзани со испорачаните барања и одговори на тоа, во врска со промената на нашиот највисок конститутивен политичко-правен акт
Во еден динамичен тек на политичка размена на размислувања на темата „Уставни промени“ ги издвојуваме пораките на нашиот премиер Мицковски и на еврокомесарката за проширување Марта Кос.
– Ние нашите црвени линии ги дефиниравме. И од тоа ниту ние,ниту кој било ќе се помести, ниту милиметар. Не затоа што имаме какви било причини за да правиме напред или назад, туку едноставно доволно отстапија граѓаните на Македонија и македонскиот народ – изјави премиерот Христијан Мицкоски.
– Да, ние очекуваме Северна Македонија да го смени Уставот, бидејќи тоа е нешто на што сметаме, ништо помалку, ништо повеќе, и сигурна сум дека тоа може да се направи. Тогаш можеме навистина многу брзо да напредуваме – изјави Марта Кос, веднаш откако беше избрана за еврокомесарка за проширување.
Изјавите на нашиот премиер и на носителката на висока функција во европската влада не се докрај противречни, а сепак содржат суштински елементи на конфронтација: Прво, тоа е временската рамка (кога со измените?), а втората точка на конфронтација е содржинска (за тоа какви измени да се направат?).
Во еден таков контекст на различни политички ракурси, го издвојуваме цврстиот став на македонскиот премиер и на Владата: „Ние нема да бидеме жртва на билатерализација на процесот на приклучување на Македонија кон ЕУ. Ние кажавме што можеме да направиме и тоа е максимумот што можеме да го направиме. И тоа им е кажано на сите светски фактори, на сите луѓе што одлучуваат генерално или имаат некаква улога во светската политика“!
Тоа веќе значи дека нашиот предлог е ставен на европската маса и треба да се работи на него.
Во очекување на решавањето на едниот „камен на сопнување“, имено првата конфронтација што се однесува на тајмингот на уставните измени (односно – „веднаш“, како што инсистира ЕК, или пак „со одложено дејство“ – онака како што е нашето стојалиште), ќе обрнеме внимание на вториот „камен на сопнување“, имено на „содржинските промени во македонскиот Устав“ (попрецизно кажано, какви измени би се направиле). А сето тоа заради исполнување на вториот бриселски (француско-бугарски) предуслов, преговорите со ЕУ – да се откочат.
И овој втор т.н. „содржински предизвик“ за измена на Уставот е исклучително битно прашање за кое треба да бидеме однапред и здраво подготвени, бидејќи апетитите на нашите „уценувачи“ растат континуирано, загрозувајќи го карактерот на нашата држава како унитарна, вклучувајќи ја и природата на македонскиот Устав како највисок правно-политички конститутивен акт.
Применливоста на хрватската формула
Едно од првите размислувања за кои потсетуваме е за тоа колку е остварлива хрватската формула како предлог за измени на Уставот на Република Македонија. Неодамна, кога беше актуелна измената по оваа формула, претходниот претставник на ЕУ во Македонија, Дејвид Гир веднаш ја поддржа.
Во разговор со низа соговорници, редакцијата уште одамна доби одговори на прашањето дали со хрватската формула Македонија ќе се зачува како држава на македонскиот народ и малцинствата или, пак, ќе значи поттикнување нови лавини незадоволства, на пример за актуелните бугарски испорачани „конститутивни статусни“ барања, а уште повеќе за новоиспорачаните барања на привилегираниот албански блок.
Според нашиот соговорник, професорот Ферид Мухиќ, повеќе конститутивни народи во една држава – значи федерализација и создавање нови проблеми. За тоа имаме жив пример во регионот, со Босна и Херцеговина, каде што има три конститутивни народи и постојано има проблеми со функционалноста на државата и институциите!
– Моделот на преамбулата на хрватскиот устав е во ред, но е неприменлив како решение за да ги задоволи бугарските барања за измени на македонскиот устав пред сѐ зашто на Бугарите не им одговара таквиот пристап. Не знам зошто сите избегнуваат да ја констатираат реалноста, дека Бугарите не сакаат во македонскиот устав да бидат внесени како малцинство туку како конститутивен народ. Тие очекуваат измените што ги бараат да бидат во насока на целосна предефиниција на Уставот на Македонија, за Бугарите да бидат конститутивен народ еднакво како Македонците. Самата таа идеја претставува отворање на Пандорината кутија. Повеќе конститутивни народи во една држава – значи федерализација и создавање нови проблеми наместо да се реши постојниот проблем. За тоа имаме пример во регионот, со Босна и Херцеговина, каде што има три конститутивни народи и постојано има проблеми со функционалноста на државата и институциите. Само целосна примена на моделот на преамбулата од хрватскиот устав, за „национална држава на македонскиот народ и држава на припадниците на националните малцинства“ (кои би биле наброени), е прифатлива за Македонија. Но да бидеме реални, тоа не е идејата на барањето на Бугарија вградено во францускиот предлог. Тоа е првата причина што овој модел нема да биде прифатен како решение за измените што се бараат за македонскиот устав, покрај некои други што произлегуваат од внатрешните политички состојби во нашето општество – вели филозофот Ферид Мухиќ.
Да инсистираме на меѓународното право и чистите формулации предвидени со него
Носителот на државноста и на унитарниот карактер на македонската држава е македонскиот народ, како државотворен. Сите други етнички ентитети се малцинства и таа дистинкција е правно и политички исправна и педантно дефинирана според меѓународното право, каде што прецизно се дефинирани статусот на категоријата „народ“ и статусот на „малцинство“.
Сите други изведени кованици, како што е на пример „делови на народи,“ во нашиот устав не само што не се препознатливи во правото туку создаваат и тешки забуни, недоразбирања, па дури и конфликти.
А, рака на срце, обврски и привилегии имаат сите државјани на Македонија: и државотворниот народ, како мнозинство и конститутивен елемент во државата, но обврски и привилегии во различна форма и обем имаат и малцинствата во државата, според важечките меѓународни конвенции. За споменување е фактот што малцинствата си имаат свои матични држави во кои го уживаат статусот на „народ“.
Постојат точни дефиниции за тоа што значи и како се дефинира малцинство (или повеќе малцинства) во една национална држава. Во нашиот случај, во Македонија, односно и според меѓународното право, „етничко, религиозно или јазично малцинство е секоја група на лица што сочинува помалку од половина од населението на целата територија на една држава чии членови споделуваат заеднички карактеристики на култура, религија или јазик, или комбинација од која било од нив“… Во хрватскиот устав, на пример, малцинствата имаат атрибут дека се „автохтони“, што значи „дека се по потекло од местото каде што живеат, односно дека се староседелци“. Во нашиот случај можеби би можело да се размислува за атрибутот „конститутивни“ малцинства, заради тоа што неспорно е дека дел од нив активно учествувал и во конституирањето на македонската држава низ историјата. Така што атрибутот конститутивни дава особено значење на нивниот удел како малцинства во создавањето современа македонска држава. П.Р.
Во рамките на уставноправната материја претставуваме едно размислување за да се даде што поблиско објаснување за да може да се дефинира претставената категорија „конститутивно малцинство“
Ако Хрватска како членка на ЕУ има 22 „автохтони малцинства“ во својот устав, тогаш не би требало да има пречки во нашиот устав да има повеќе „конститутивни малцинства“
Македонците во Уставот се НАРОД,
сите други да бидат КОНСТИТУТИВНИ МАЛЦИНСТВА
Со терминот „конститутивно малцинство“ се дава степен на интегрираност во националната држава што е значително повисок од статусот „автохтон“, кој го има во хрватскиот устав. Наедно атрибутот „конститутивно“ ја идентификува одредницата со која малцинствата во Македонија активно учествувале и учествуваат во градењето и одржливиот развој на македонската држава. Токму тоа во некаква своја форма го бараат и Албанците во Македонија, а и Софија преку Париз и Брисел, имено да бидат вградени како конститутивен елемент.
Така, покрај тоа што тие ентитети би ги уживале сите придобивки како малцинство, (имено, според резолуциите на СЕ и меѓународното право), ним како малцинство им се оддава признание дека заедно со македонскиот народ, нивните предци како „делови на други народи што живееле надвор од својата матична држава“ се бореле рамо до рамо со државотворниот македонски народ како носител за конституирање своја држава и заедничко ослободување (национално, социјално и ослободување на татковината од окупаторот).
Терминот конститутивно малцинство како категорија природно им припаѓа и на сите оние што по дисолуцијата на Југославија се изјаснија „за“ при прогласувањето на највисокиот државноправен и политички акт, односно гласале за Уставот на Р Македонија.
Тој чин од 1991 година беше исто така чин на извојување јасна победа (како и во Втората светска војна, при конституирањето на првата македонска држава во рамките на една поширока федерација).
Додуша, треба да се потсетиме на фактот дека во прогласувањето на конституцијата на Р Македонија албанските пратеници не гласаа, пропуштајќи ја можноста да бидат искрен и чист конститутивен елемент во формирањето и изгласувањето на основниот правно-политички столб на државата. За разлика од нив, другите малцинства гласаа за Уставот на својата држава и татковина.
Денес, сите тие, вклучувајќи го и најмногубројното албанско малцинство, уживаат највисоки малцински бенефиции. Така би било и со евентуалното внесување на „бугарското малцинство“ во Уставот.
Зголемувањето на бројката на одреден малцински ентитет (во нашиот Устав) не значи менување на категоријата малцинство во (државотворен) народ. Народ е еден, а малцинства (конститутивни, на пример) може слободно да има повеќе. Токму такво нешто може да биде препознаено во внатрешното право и истото тоа може без никакви нејаснотии да го препознае и меѓународното право!
Да заклучиме. Сепак, носител на државноста во Македонија е македонскиот народ, а карактерот на државата е унитарен. Сите малцинства имаат свои матични национални држави во кои истите тие се државотворни како народ. Концептот на национални држави е оној што е присутен на Балканот во услови на малку подоцнежното национално освестување на балканските народи. Граѓанскиот концепт на држави (и устави) е за малку поразвиени (западни) демократии и држави, а балканските земји сѐ уште не се во таа група. П.Р.
Нашиот ценет колега, искусниот новинар Свето Тоевски, независен социоекономски и политички аналитичар, магистер по политички науки, докажан експерт од областа на меѓународното право, кој во вчерашниот број имаше забележителна компаративна опсервација на некои устави на европските и светските држави во врска со (не)постојни етнички идентификациски одредници, денес изнесува интересни размислувања за преамбулата на македонскиот устав
Размислувања за преамбулата на македонскиот устав
Врз основа на споредбената анализа на уставите на споменатите шест држави и одделно на Македонија (во бројот од 29.11.2024 година), авторот на оваа анализа создава сопствен можен модел на нова преамбула на новиот устав на Македонија и го изнесува на критичка оценка пред најшироката општествено-политичка јавност во Македонија:
„Ние, македонската нација, горди и свесни за нашата историја, преземајќи ја одговорноста да ги заштитиме и да ги зачуваме своето минато од какви било ревизии и присвојувања, нашата сегашност и иднината на македонските поколенија, оддавајќи им почит, признателност и благодарност на своите предци за нивните жртви и за нивната борба за градење независна држава Македонија, со неотуѓив внатрешен и надворешен суверенитет – во согласност со државотворните традиции на Самоиловата држава, на македонското Кресненско востание, на Крушевската Република и одлуките на АСНОМ и на референдумот од 8 септември 1991 година, почитувајќи ги многувековните стремежи за развој и афирмација на нашиот македонски национален, јазичен, културен и духовен идентитет, искажувајќи, во согласност со меѓународните конвенции и право, легитимна грижа за помагањето за животот, колективните и индивидуалните права на припадниците на македонската нација во Егејска Македонија – во Грција, во Пиринска Македонија – во Бугарија, како и во Косово, Албанија и Србија, штитејќи ги и развивајќи ги македонското културно наследство и традиции, искажувајќи почит и решеност за запазување на фундаменталните човекови права и слободи, на духот на толеранцијата, верскиот соживот и етничкиот соживот на македонската нација со албанската, турската, српската, ромската, хрватската и еврејската етничка заедница, преку своите претставници во Собранието на Македонија, избрани на слободни и демократски избори, го донесуваме овој Устав и ја конституираме Македонија како унитарна, демократска, национална држава на македонската нација, која ќе се гради и ќе функционира во дијалектичко единство и суштинско надополнување со карактеристиките и елементите на граѓанската држава, ефективно вградени во политичкиот систем, со неделив и неповредлив територијален интегритет, не дозволувајќи создавање никакви автономни политичко-територијални формации на територијата на Македонија, со длабоко уверување дека правдата, мирот, хармонијата и соработката меѓу народите се меѓу највисоките вредности на човештвото.“
Но, ваквата можна нова преамбула ќе може да биде вградена во Уставот на Македонија, значи, само низ постапка на донесување нов устав на Македонија.
Од суштинско значење е да се возобнови статусот на македонскиот народ и на Македонија како држава. Со статус на Македонците како „етничка заедница“, не како државотворен и единствен конститутивен народ, и на Македонија претворена во „мултиетничка држава“, со стремеж кон „двонационална држава“, незамисливо и недозволиво е какво било менување на Уставот. Св.Т.
Ниту Бугарија (а ниту Албанија) во своите устави не ги наведува малцинствата, туку тие прашања се регулирани со Законот за национални малцинства
ОТВОРАЊЕТО на Уставот за да се направат измените на конститутивниот акт ќе активира и други политички апетити и барања
Отворањето на Пандорината кутија бара однапред прецизно сценарио за нејзино успешно затворање
Претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров, смета дека секое отворање на Уставот е исклучително деликатна работа. Според него, никако не треба да се игнорираат апетитите на поединци и организирани групи во албанскиот кампус-партии. Тие се одамна познати, при што таквите барања се исклучително компатибилни со амбициите и барањата на Софија.
– Отворањето на Уставот на Македонија ги отвора апетитите на сите и, логично, потоа сите опции влегуваат во игра. Особено што Албанците веќе ги испорачаа своите барања за отворањето на Уставот. Идејата за уставни измени според моделот на хрватскиот устав е особено деликатна. Имено, Бугарите не бараат да бидат внесени само во преамбулата туку постои и друга мотивација, да бидат наведени и во членот 78 од Уставот.
Сметам дека со впишувањето на Бугарите во македонскиот устав не би направиле никаква дистинкција меѓу Македонците и Бугарите. Бугарија и понатаму ќе остане на ставот дека Македонците се Бугари. Покрај сето ова, со наметнувањето на Македонија да направи уставни измени за внесување на Бугарите се нарушува основниот принцип на меѓународното право, на суверена еднаквост. Впрочем, ниту Бугарија (а ниту Албанија) во своите устави не ги наведува малцинствата, туку тие прашања се регулирани со Закон за национални малцинства – вели Тодор Петров.
Претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров, на крајот на својата изјава уште еднаш ја потврдува својата категоричност зошто не треба да се излезе во пресрет на ваквиот облик и форма на бугарските ултимативни барања за измена на нашиот устав во врска со внесувањето на бугарскиот народ, покрај преостанатите „делови од народи“ што стојат во преамбулата.
– Ајде да бидам што појасен со мојот став: етнички Бугари во Македонија, Албанија и во Косово – нема. Во прашање е основен логички принцип: не може да биде впишано нешто што не постои! Тие што се декларираат како Бугари во Македонија се врховистички креирани елементи и со нивно внесување во Уставот ние самите би си институционализирале петта колона за бугаризација на македонскиот национален идентитет. Националниот идентитет не се сведува само на јазикот туку во него се вградени историјата, културата, името на државата. А сите овие елементи, особено бугарската историја е антипод на македонската историја. П.Р.