Aкадемик Живко Попов / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Извадоци од обраќањето на претседателот на МАНУ, академик Живко Попов, по повод одбележувањето на 57-годишнината од формирањето на МАНУ

Претседателот на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), академик Живко Попов, во завчерашното обраќање по повод одбележувањето на 57-годишнината од формирањето на МАНУ, се осврна на повеќе актуелни прашања поврзани со работата на МАНУ, пречките пред Македонија на патот до зачленување во Европската Унија, последиците од договорите со Бугарија и со Грција, Законот за употреба на јазиците, како и на постоењето на т.н. албанска академија во Македонија… Во продолжение ви пренесуваме дел од неговиот говор, кој ќе го објавиме интегрално во викенд-изданието на „Нова Македонија“.

За јубилејот на МАНУ

– Денес, по 57 години од нејзиното формирање, МАНУ претставува најзначајна национална научна и уметничка институција од посебен општествен интерес во нашата држава, која со децении, со својата научноистражувачка дејност, творештво и советодавна улога, претставува столб во градењето и зачувувањето на идентитетот, македонскиот јазик, историјата и државноста на македонскиот народ и деловите од другите народи што живеат во земјата.

За т.н. албанска академија

Во Македонија, како и во сите унитарни земји од регионот и насекаде во светот, постои само една национална академија што ја претставува државата во европската и во други меѓународни асоцијации на академии, па оттука актуелниот притисок за формирање моноетничка албанска академија е нерационален и неоснован.

За законот за употреба на јазиците

Во контекст на употребата на јазиците во науката, која нема и не признава етнички предзнак, би се осврнал малку и на Законот за употреба на јазиците на сите етнички заедници во РМ, кој моментално е предмет на дискусија во јавноста и е на разгледување во Уставниот суд. Никој во академијата, вклучувајќи ме и мене, не смета дека употребата на албанскиот и на јазиците на преостанатите немнозински заедници во државата, како придобивка од Охридскиот рамковен договор и уставна категорија треба да се укине, туку напротив, таа треба во законското решение да се доуреди и допрецизира во одредени области, со цел да се подобри нејзината применливост.

За евроинтеграциите и договорите со Бугарија и со Грција

На патот за членство во ЕУ македонскиот народ стана пример за мирољубива коегзистенција со соседните земји, а на внатрешен план пример за соживот во услови на мултиетничка и мултикултурна заедница организирана на рамноправни и демократски принципи. Пријателството, подготвеноста за соработка и отворениот дијалог со сите, а особено со соседните земји не секогаш беше возвратено на соодветен начин, напротив, некои од нив покажаа неразбирање и нерационално однесување. Евроскептицизмот што се јавува во последно време е резултат на пречките што ЕУ неправедно ни ги постави на нашиот европски пат, а кои најмногу се однесуваат на меѓународно преземените обврски во врска со договорите со Грција и оној за добрососедство со Бугарија, кои во најмала рака беа референдумски прашања што треба да се почитуваат, чии последици се евидентни и сѐ уште не им се гледа крајот. За нив земјата направи болни компромиси, при што си го промени прво државното знаме, а потоа и државното неприкосновено име, но и покрај тоа изостана отворањето на процесот на преговори со ЕУ. Н.М.