Фото: „Нова Македонија“

Вицепремиерот и министер за транспорт и врски ја презентира стратегијата за инфраструктурен развој, со акцент на заедничкото решение за тунелот кон Бугарија, приоритетите на коридорот 10 и напредокот на автопатот Охрид-Кичево

Презентиран дел од стратегијата за инфраструктурен развој

Значењето на транспарентноста и стратегискиот пристап во решавањето на клучните прашања поврзани со пругите, коридорите и автопатиштата деновиве во неколку наврати го истакна вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски, презентирајќи ги најновите информации за железничките и патните инфраструктурни проекти.
Најпрво, во врска со коридорот 10, министерот Николоски, квалификувајќи го правецот север-југ како врвен приоритет, рече дека железничкото поврзување преку солунското пристаниште е реална потреба на стопанството, на бизнисот и на земјата.
– На коридорот 10 работиме многу интензивно, во железничкиот дел нема споредба меѓу двата коридора. Ќе има реконструкција на постојната пруга и изградба на нова, во јануари веќе има конкретни работи што ќе ги презентирам – нагласи министерот.
За состојбата со пругата кон Бугарија, вицепремиерот и министер за транспорт и врски изјави дека е постигнато договорено решение за заедничка работа на тунелот, што претходно не било јасно дефинирано. Тој рече дека Бугарија прифатила да го гради својот дел од пругата, а рокот за завршување е пет години и нема натамошно одложување. Министерот стриктно нагласи дека тунелот ќе се гради заеднички со Бугарија и дека проектот ќе се ревидира од македонска страна за неговата изводливост и цена.
Осврнувајќи се на автопатот Охрид-Кичево, министерот се изјасни дека таа делница ќе биде пример за ефикасно реализирање на инфраструктурни проекти. Министерот Николоски ја нагласи посветеноста на Владата за подобрување на инфраструктурата, поставувајќи нови стандарди за транспарентност и ефикасност.
Во врска со делницата од Куманово до границата со Бугарија, министерот рече дека таа ќе биде во категоријата „експресен пат“ и ќе биде готова до крајот на годината.
Министерот Николоски истакна дека, и покрај предизвиците, проектите за железничко и патно поврзување со Бугарија, како и автопатот Охрид-Кичево, ќе бидат реализирани во предвидените рокови.


Хотелиерите се надеваат на зголемување на бројот на туристи

Хотелиерите од Охридско-Струшкиот Регион се надеваат дека со изградбата на автопатот ќе се зголеми бројот на туристи, како и дека ќе се избегнат поплаките од посетителите за лошата инфраструктура до двата туристички центри. Тие посочуваат дека досегашните претрпени штети се огромни, но остануваат оптимисти бидејќи гледаат дека е направена мобилизација на работниците и на машините на терен. Според последните најави, до почетокот на следната летна сезона се очекува да биде пуштен во функција делот од автопатот Врбјани-Охрид во должина од 40 километри, додека целата делница треба биде пуштена во употреба до крајот на 2026 година. Е.Р.