Меѓународните притисоци за новата и насилна тенденција за инстантна промена на нашиот устав како повод
- Додека светот во овие мигови се подготвува за можна глобална војна, па и нејзина ескалација во нуклеарна катаклизма, Македонија не смее да размислува во насока како (и кога) да внесе „нуклеарна бомба“ во своите и онака разнишани илинденско-асномски темели со впишувањето на „Бугарите како конститутивен народ“ во преамбулата на својот Устав?! Треба да се внимава исклучително многу, бидејќи зад тоа стои не само „уставен инженеринг“ туку и нов идентитетски, историски и јазичен инженеринг, овој пат во „санстефанска верзија“, по веќе случената „преспанска верзија“ на таквиот инженеринг врз македонскиот народ
- Што да се прави понатаму? Штом Бугарија тврди дека „направила доволно компромиси со своето национално чувство и достоинство“, иако е нејасно какви се „компромисите“ што ги направила, и укажува дека нема намера пак да ги „прави“, тогаш што ѝ преостанува на македонската влада да прави? Македонија има и право и обврска пред себе, а и пред идните македонски поколенија, да не прави нови компромиси со своето национално чувство и достоинство, какви што досега и навистина направи, и тоа премногу!
- Македонија и македонскиот народ преку своите политичко-дипломатски претставници треба ефективно да ги земат работите во свои раце и радикално да го сменат пристапот, со свест и подготвување за сето усложнување и многу веројатни последици, кои ќе следуваат потоа и на домашен и на меѓународен план, откако ќе им се каже „не“ на сите и сечии домашни и меѓународни притисоци за новата насилна тенденција за инстантна промена на нашиот устав
Очекувам С. Македонија да го смени Уставот, ништо повеќе и ништо помалку“, со ваков отсечен тон ја кажа својата порака Марта Кос, новата еврокомесарка за проширување на Европската Унија, дополнително целосно оградувајќи се политички дека таа не може да дава гаранции, како одговор на прашањето дали нема да има нови блокади на Македонија ако се усвојат уставните промени.
Составен дел на забревтаниот „меѓународен булдожер“ за дробење на спротивставувањето на македонската влада кон беспоговорниот налог да ги вметне Бугарите во Уставот е и „дипломатската офанзива“ меѓу Скопје и Софија на Мануел Сарацин, специјалниот претставник на Германија за Западен Балкан, во обид да им се даде нова „динамика на евроинтеграциите“. На Сарацин бугарската потпретседателка Илијана Јотова му нагласила дека „бара С. Македонија да се придржува до европските договори и да ги внесе Бугарите како конститутивен народ во Уставот“. Напоредно со оваа „дипломатска офанзива“ доаѓа најновата изјава на македонскиот вицепремиер Александар Николоски дека „Македонија ги промовира своите позиции – уставни измени со одложено дејство“, подвлекувајќи го во тој контекст „значењето на средбата на премиерот Христијан Мицкоски со претседателот на Франција Емануел Макрон, на Франција како играч број еден во ЕУ, со Макрон лидер во ЕУ со најголем легитимитет“.
Четири дена пред Николоски да го каже тоа, францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер веќе го изнесе ставот на неговата земја околу споменатата позиција на македонската влада: „Преземените обврски мора да се почитуваат, но не може да постои апсолутна гаранција за евроинтеграцијата на С. Македонија“.
Само два дена по изјавата на францускиот дипломат, исто така и службениот премиер на Бугарија Димитар Главчев речиси целосно ја затвори вратата за каква било можност да се прифати предлогот на Владата на Република Македонија за промена на домашниот устав со одложено дејство.
– За Бугарија прашањето со С. Македонија е решено. Уставните измени со одложено дејство не се тема на разговор. Бугарија направи доволно компромиси со своето национално чувство и достоинство за да прави уште – нагласи Главчев.
Санстефанска верзија на веќе случената „преспанска верзија“ на инженерингот врз македонскиот народ
Што да се прави понатаму? Штом Бугарија тврди дека „направила доволно компромиси со своето национално чувство и достоинство“, иако е нејасно какви се „компромисите“ што ги направила, и укажува дека нема намера пак да ги „прави“, тогаш што ѝ преостанува на македонската влада да прави? Има ли право Македонија, но и обврска пред себе, како и пред идните македонски поколенија, да не прави нови компромиси со своето национално чувство и достоинство, какви што досега и навистина направи, и тоа премногу?! Се разбира дека има, и право и обврска!
Додека светот во овие мигови се подготвува за можна глобална војна, па и нејзина ескалација во нуклеарна катаклизма, Македонија не смее да размислува во насока како (и кога) да внесе „нуклеарна бомба“ во своите и онака разнишани илинденско-асномски темели со впишувањето на „Бугарите како конститутивен народ“ во преамбулата на својот Устав?! Треба исклучително многу да се внимава бидејќи зад тоа не стои само „уставен инженеринг“ туку и нов идентитетски, историски и јазичен инженеринг, овој пат во „санстефанска верзија“, по веќе случената „преспанска верзија“ на таквиот инженеринг врз македонскиот народ.
За да се амортизира масивниот меѓународен притисок за менување на македонскиот устав, Македонија и македонскиот народ преку своите политичко-дипломатски претставници треба ефективно да ги земат работите во свои раце и радикално да го сменат пристапот, со свест и подготвување за сето усложнување и многу веројатни последици што ќе следуваат потоа и на домашен и на меѓународен план, откако ќе им се каже „не“ на сите и сечии домашни и меѓународни притисоци за новиот бран за насилна инстантна (и што побрзо?!) промена на македонскиот устав.
Сега кога се чини дека Брисел (поточно Европската комисија, преку еврокомесарката Марта Кос) се обидува да ја затвори вратата за „одложената примена на уставните измени“, зборовите на Гоце Делчев уште од 1895 година, упатени до бугарскиот генерал Данаилов, се насоката по која треба да се движат понатаму Македонија и македонскиот народ „Ние, македонското население, народот, нема да им дозволиме на други да прават политика со Македонија….Нема да им дозволиме на други да решаваат дали да живееме, или да умреме и кога….кажете им на сите да не се мешаат… Ние не бараме покровители, а уште помалку господари“.
Потребно е вртење кон решавањето на внатрешните економски и политички проблеми, кон длабоки реформи во сите области во кои се дијагностицирани значајни стагнации и уназадување на системот. Имено, откако ќе се согледа дека државата не може и нема да спроведе уставни промени според барањето на Бугарија и Брисел, потребно е барање нови вистински меѓународни пријателства, кои ќе ѝ помогнат на Македонија да не западне во меѓународна изолација, или под можни и дури меѓународни економски и други санкции. Контактите со Унгарија и Виктор Орбан, според авторот на оваа анализа, еден од лидерите на новата Европа на суверените нации, се веројатно еден од важните веќе направени чекори во таа насока.
Бугарија, и другите европски држави, ЕУ и САД ја прекршуваат Повелбата на ООН во случајот со Македонија
Македонските политичко-дипломатски претставници треба со такт, трпеливо, но и неотстапно да им укажат на новата еврокомесарка Кос и на самата ЕУ, како и на водечките европски држави, на САД, дека барањето за новата промена на уставната преамбула е прекршување на Повелбата на Организацијата на обединетите нации, во овој случај со Македонија! Треба да се укаже дека уцените и диктатите за промената на македонскиот устав се не само крајно проблематични туку и недопустливи, имајќи ја предвид декларацијата на Генералното собрание на Организацијата на обединетите нации за недопустливост на интервенирањето и вмешувањето во внатрешните работи на државите, од 9 декември 1981 година, број A/РЕС/36/103. Со оваа декларација Генералното собрание потврдува, во согласност со Повелбата на Обединетите нации, дека ниту една држава, или група држави, нема право да интервенира или да се меша во каква било форма или од која било причина во внатрешните и надворешните работи на другите држави!
Во споменатата декларација на Генералното собрание на Организацијата на обединетите нации натаму се нагласува: „Генералното собрание го потврдува дополнително и основниот принцип на Повелбата на Обединетите Нации дека сите држави имаат должност да не се закануваат или да користат сила против суверенитетот, политичката независност или територијалниот интегритет на други држави….“
Мора да се нагласи и следниот став од таа декларација: „Принципот на немешање и немешање во внатрешните и надворешните работи на државите ги опфаќа следните права и должности: суверенитет, политичка независност, територијален интегритет… како и националниот идентитет; суверено и неотуѓиво право на државата слободно да го одредува својот политички, економски, културен и општествен систем… без надворешна интервенција, мешање, субверзија, принуда или закана во каква било форма…“
Членка на ООН е и Македонија: мора и за неа да важи применливоста на оваа декларација. Овие одредби од „декларацијата на Генералното собрание на Организацијата на обединетите нации за недопустливост на интервенирањето и вмешувањето во внатрешните работи на државите“ најдиректно значат дека ниту Бугарија, ниту ЕУ, ниту САД, Велика Британија или која било друга држава нема право да се меша во внатрешните и надворешните работи на Република Македонија, па ниту да ѝ го менува уставот во замена за „отворање на преговорите со ЕУ“. Како членка на ООН, и Македонија има право самата суверено, неотуѓиво и слободно да го одредува својот политички, општествен, но и уставен систем, во согласност со волјата на македонскиот народ, како и на сите други нејзини граѓани.
Со еден споредбен поглед за тоа што содржат одделните анализирани конститутивни акти (во врска со стипулирани етнички идентификациски одредници) на државите, кои ја „охрабруваат“ Македонија повторно да ја „прекрои“ преамбулата на својот Устав, слободно може да се констатира дека македонскиот устав би можело да се означи како подемократски и понапреден во однос на националните малцинства, споредено со анализираните устави!
Компаративна опсервација на некои устави на европските и светските држави во врска со (не)постојни етнички идентификациски одредници
Македонскиот народ има суверено право да си ја врши својата уставна моќ во сопствената држава – Македонија
1. Во преамбулата на Уставот на Бугарија пишува: „Ние, народните претставници… во настојувањето да ја изразиме волјата на бугарскиот народ… свесни за нашата неотповиклива должност да го заштитиме националното и државното единство на Бугарија…“ Значи, во највисокиот правно-политички акт на бугарската држава се наведува само „бугарски народ“, нема споменување на ниедно друго национално малцинство, а од Македонци, или македонско малцинство ја нема ниту буквата М, ниту какво било национално право! Но, од друга страна, Софија бара во македонскиот устав да се внесе „бугарски конститутивен народ“ со целата серија „државотворни“ и национални права што би следувале набрзо потоа.
Има уште еден важен момент поврзан со Уставот на Бугарија: во него се исклучува можноста за „создавање автономни политичко-територијални формации на територијата на Бугарија“. Но „бугарскиот конститутивен народ“, откако и ако би влегол во преамбулата на македонскиот устав, според предупредувања на меѓународни политички и правни експерти, би имал право на самоопределување, отцепување и создавање своја нова „државна единица“, било во рамките на Македонија било со отцепување од неа, и можно или веројатно припојување кон Бугарија. Во својот устав токму тоа Бугарија не дозволува да се случи на нејзината територија, а бара на македонската територија.
2. Во воведниот дел на Уставот на САД се наведува: „Ние, народот на Соединетите Американски Држави, со цел да ги… обезбедиме благословите на слободата за нас самите и за нашето потомство…“ Без оглед на сето етничко шаренило на најмоќната држава во светот, во нејзиниот устав не постои наведување ниедна и никаква друга етничка идентификациска одредница. Уставот на САД во 238-те години од неговото донесување доживеал само 27 амандмански измени, иако во тие безмалку два и пол века биле поднесени дури 12 илјади амандмани од судии, сојузни држави… Уставот на Македонија откако е донесен на 17.11.1991 година досега претрпел дури 8 промени и 36 амандмански дополнувања: за 33 години 36 амандмани, наспроти САД со 27 амандмани за 238 години! САД, чиј устав во светот се нарекува „замрзнат устав“ и е познат како најтежок за усвојување амандмани, се во редот на водечките држави, кои бараат нова „фризура“ на Уставот на нашата земја, и тоа баш во преамбулата.
3. Во втората воведна реченица на Уставот на Германија се наведува: „… германскиот народ, во вршењето на својата уставна моќ, го усвои овој основен закон (Устав)“. Значи, „германскиот народ има право да ја врши својата уставна моќ“, но зошто да нема право и македонскиот народ да си ја врши својата уставна моќ во сопствената држава Македонија? Точка 2 од членот 1 од преамбулата на Уставот на Германија гласи: „Германскиот народ ѝ ги признава неприкосновените и неотуѓиви човекови права како основа за мир и правда на секоја заедница во светот“. Дали германскиот канцелар Олаф Шолц и германската влада ја прекршуваат не само Повелбата на ООН туку и својот устав кога бараат од Македонија да си го менува Уставот, бидејќи тој ѝ ги признава „неприкосновените и неотуѓиви човекови права за правда“ и на македонската нација како една од „заедниците во светот“?
4. На третата страница во преамбулата на Уставот на Велика Британија пишува: „Со мандат на народот го востановуваме овој Устав… за да се заштитат и негуваат идентитетите на заедницата во рамките на четирите големи земји на унијата: Англија, Шкотска, Велс и Северна Ирска“. По примерот на Англија, Шкотска, Велс и Северна Ирска, има ли право и обврска и македонскиот народ да го заштитува својот национален, јазичен и културен идентитет, за кој Бугарија, но и Грција, велат дека не постои, покрај тоа што се негира и постоењето на македонскиот јазик?
5. Во Уставот на Велика Британија е набележан и овој принцип: „Свесни за одговорноста што ја носиме кон идните генерации – и за нивната улога во одбраната и регенерирањето на овој устав…“ Дали имаат и Македонците одговорност кон своите идни генерации да го бранат Уставот на Македонија?
6. Во членот 4 од Уставот на Грција од неговите „Основни одредби“, што претставува негова преамбула, се наведува само грчката национална идентификациска одредница. „Сите Грци се еднакви пред законот. Сите лица што ги поседуваат квалификациите за државјанство како што е наведено со закон се грчки државјани“, пишува во преамбулата, односно „Основните одредби“ на грчкиот устав.
7. Во преамбулата на Уставот на Франција и на неговиот член 1 прецизно се наведува само францускиот народ и ниедно национално малцинство, ниту кој било друг национален јазик на територијата на оваа европска држава. „Францускиот народ свечено ја објавува својата приврзаност кон правата на човекот и принципите на националниот суверенитет… Јазикот на Републиката е француски“, пишува во францускиот устав. Овој устав не дозволува и не признава постоење на ниедно малцинство на територијата на Франција, но владата на оваа држава и нејзиниот претседател Макрон, како творци на таканаречениот француски предлог, „грижејќи“ се за бугарските барања, бараат со „уставен инженеринг“ да се „инсталира“ не „бугарско малцинство“, туку „бугарски конститутивен народ“ на туѓа, на македонска територија. Парадокс и апсурд во ист момент!
Да заклучиме: во уставите на споменатите шест држави нема наведување никакви етнички малцинства, не се внесени никакви и ничии етнички идентификациски одредници, освен само „народот на САД“, „германски народ“, „француски народ“, „бугарски народ“ и „грчки народ“. Тие се таканаречени „национални устави“, засновани врз концептот на „национална држава“. А во Уставот на Македонија покрај Македонците, ги има албанската, турската, бошњачката, српската, еврејската заедница, а сега со „уставен инженеринг“ и со некаква кованица на уставна промена би требало да се генерира и нова категорија, и тоа над сите нив – „бугарски конститутивен народ“!? Со други зборови, македонскиот устав би можело да се означи како подемократски и понапреден во однос на националните малцинства споредено со другите споменати устави! Св.Т.
Вапцаров: Ние сме Македонци и сега треба да се впрегнеме, за да ја понесеме одговорноста на едно дело и на една епоха!
Спроти 115-та година од раѓањето на знаменитиот македонски писател и револуционер Никола Јонков Вапцаров, на 7 декември 1909 година, секој политичар и пратеник Македонец, секој припадник на македонскиот народ, во овие критични мигови ќе треба да ги има на ум неговите зборови, кажани при основањето на Македонскиот литературен кружок во Софија во октомври 1938 година: „Ние сме Македонци. Затоа и нашето творештво треба да биде во служба на македонската кауза. Нам, како Македонци, ни е неопходна една правична емоционална сила, што ќе ни ја раздвижи крвта, што ќе ни раздвижи многу претопени чувства, многу спомени… Ако тапка македонската револуционерна борба последните години во место, причината е во недостигот од жива творечка сила… Ако тагуваме за својата Татковина, ако во нас има капка македонска крв, ако во нас останала капка благодарен патриотизам, сега треба да се впрегнеме, ропски да се впрегнеме, за да понесеме дел од одговорноста на едно дело и жестоко величие на една епоха…“
Сега треба да се преземе и да се понесе одговорноста кон македонското дело и кон жестокото величие на оваа епоха, како што вели Вапцаров, сега треба Македонците да започнат сами да прават политика за Македонија, наместо другите за нив, како што вели Делчев, и да ја одбранат својата македонска национална кауза мудро пред меѓународните чинители што ја форсираат операцијата „Бугари во устав“. Оти таа операција е во суштината проект за распад на Македонија, а не за нејзино „влегување во ЕУ“!
Уставна практика во светот е преамбули на устав да не се менуваат со амандмани, туку само кога се носи нов устав
Во својата студија со наслов „Уставни преамбули – споредбена анализа“, објавена во 2017 година, Вим Воерманс, професор по уставно и административно право во Правниот факултет на Универзитетот во Лајден, Холандија, и Мартин Стремлер, професор по уставно право на Универзитетот во Мастрихт, Холандија, констатираат дека најчесто преамбулите се пишуваат и се менуваат заедно со целиот устав на односната држава. Во својата споредбена студија за преамбулите на државите во светот заклучуваат и дека само неколку устави содржат одредби како би можела да се промени преамбулата.
– Најголемиот број устави во светот остануваат тивки околу прашањето на амандманското менување на преамбулата на уставот. Само Уставот на Бангладеш експлицитно одредува дека амандманска промена на преамбулата на Уставот не е дозволена…. Но, од друга страна, само неколку устави содржат одредби како би можела да се промени преамбулата. Преамбулите најчесто се пишуваат за нов устав… Тие се фокусираат на нов почеток… Уставните моменти на кои се изразуваат таквите преамбули се еднократни: тие се случуваат само еднаш – нагласуваат професорите Воерманс и Стремлер.
Исто така и Тања Каракамишева, професорка од Катедрата за уставен систем и уставно право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, во изјава за медиумите на 18 мај 2023 година ќе предупреди: Со оглед дека преамбулата не е составен дел на Уставот, таа не може да се изменува и дополнува со уставни амандмани, туку само во постапка на донесување нов устав, во кој би требало да се исправат сите досегашни грешки и фалинки во Уставот“. Во таа пригода Каракамишева изнесе во јавноста свој предлог-текст за нова преамбула за уставните измени, која треба да ги штити самобитноста на македонскиот народ и континуитетот од Крушевската Република, АСНОМ и 8 септември 1991 година.
Во анализата со наслов „Амандмански интервенции во преамбулата се преседан“, објавена во „Нова Македонија“ на 5 јуни 2023 година, Игор Јанев, професор по меѓународно право во Институтот за политички студии во Белград, укажа дека кога се менуваше Уставот во 2019 година требаше да се има предвид општиот принцип, оти ненормативен дел од Уставот (уставната декларација) не може да се менува со амандманите на Уставот.
– По потпишувањето на Преспанскиот договор во јануари 2019 година се направи преседан кога преамбулата на Уставот беше изменета со амандман 34. Кога е направен ваков преседан еднаш, тогаш се отвора простор уставната преамбула да ја сменат повторно и да ги внесат и Бугарите во неа, повикувајќи се на првиот ‘преседан’, независно дали тој бил легален или не – нагласи професорот Јанев.
Имајќи ги предвид овие укажувања и предупредувања на странски и македонски уставни експерти, се поставува оправданата дилема: колку е издржана уште една промена на преамбулата на највисокиот правно-политички акт на Македонија со амандмани, макар и со одложено дејство, заради внесување „бугарски конститутивен (читај: државотворен) народ“?
Свето Тоевски