Италијанската ѕвезда доживува доцна ренесанса во кариерата, вклучувајќи и моќен пресврт во познатиот ватикански трилер „Конклава“. Таа зборува за спокојството да се биде самостојна жена, да се ужива во подоцнежниот години од животот и што значи да се биде во сенка на своите успешни родители

Интервју на „Гардијан“ со легендарната италијанска актерка Изабела Роселини

Првото појавување на италијанската актерка Изабела Роселини ќе остане запаметено во веќе малку подзаборавениот мјузикл на Винсент Минели од 1976 година, „Прашање на време“, каде што таа на 24-годишна возраст се појави во мала улога спроти главната улога на својата мајка, веќе популарната Ингрид Бергман, која веќе имаше добиено три „оскари“.
– Мајка ми глумеше ексцентрична грофица што умира и мислеше дека една од калуѓерките што ѝ помага да умре би можела да бидам јас. Бидејќи си наликувавме една на друга, таа мислеше дека би било интересно за грофицата да го види своето младо јас во мене, во некаква халуцинација. Но, исто така, мислам дека сакаше да ме искушува да бидам актерка бидејќи толку многу сакаше да глуми – се сеќава таа
Речиси половина век подоцна, таа повторно се појавува во една слична улога, во ватиканскиот трилер „Конклава“ на режисерот Едвард Бергер, глумејќи ја сестра Агнес, строга калуѓерка што го надгледува домаќинството на папата.
– Католичката црква е многу патријархална, кардиналите се само мажи, но калуѓерките не се потчинети. Имаат огромна моќ. Беше важно да се подвлече нивната покорност, но таа тишина не мора да биде немоќна. Пораснав во Рим и одев во католичко училиште. Знаев како да го играм тоа затоа што го живеев – вели Роселини.
На 72 години, Роселини е среќна што толкува помали улоги со помалку актерски линии и концентрирано влијание. Играјќи ја сестрата Агнес, таа се навраќаше на својата долга манекенска кариера и нешто што го научи од фотографот Ричард Аведон.
„Тој рече, ако се занимаваш со манекенство, тогаш глумиш. Вие сте како неми филмска ѕвезда бидејќи манекенките немаат зборови, но сепак се емотивни. Вие не сте присутни само ако имате дијалог. Како Агнес, немам многу дијалог, но јас сум дефинитивно присутна“.
Иако Роселини никогаш не направила подолга пауза на екранот, нејзината актерска кариера се чувствува подмладена во последниве години. Таа се појави во неколку споредни улоги во филмови, како на пример во „Ла Химера“ на Алис Рорвачер и „Радоста на Дејвид О’Расел“, додека нејзиниот непогрешлив итало-американски акцент ѝ помогна успешно да ја заврши својата работа дури и во анимирани филмови како што се „Марсел, школката со чевли“ и „Неверојатни 2“.
– И јас го чувствувам тоа. Мајка ми почина кога имаше 67 години, помлада од мене сега. Но таа ми рече дека понекогаш актерките имаат пад во кариерата независно од нивната возраст – вели таа за своето суптилно враќање на екранот.
Во подоцнежните години од нејзиниот живот, со заслуги како што е онаа во филмот „Синиот сомот“ на Дејвид Линч, Роселини почувствува потреба да се врати на тоа што најдобро го умее. Таа се врати на универзитетот, во академска работа многу поинаква од нејзините рани студии за костимографија на италијанската академија за костими и мода. Актерството повторно се врати во нејзиниот живот.
Не беа само водечките улоги што ја напуштија Роселини во нејзините 40-ти. Нејзината манекенска кариера, особено како заштитно лице на козметиката „Ланком“, исто така доби удар. На 43-годишна возраст, директорите на оваа компанија ѝ кажаа дека е премногу стара за да го претставува брендот, па така, таа накратко беше отфрлена.
– Во тоа време рекламирањето значеше дека луѓето сонуваат да бидат млади. Кога ги прашав моите пријатели дали сакате да останете млади засекогаш, тие рекоа не. Маркетиншкото истражување вели дека жените го ценат секој нивен период и повеќе ценат кога некој на четириесет години рекламира крем против стареење наместо дваесетгодишник. Отпрвин имаше реакција од некои клиенти, кои беа навредени дека сум отфрлена, па помислив, можеби ќе ме вратат назад. Но потоа поминаа 20 години – се присетува Роселини.
Во 2016 година, на 63-годишна возраст, Роселини беше изненадена кога доби повик од истата компанија што ја исфрли, поканувајќи ја да се врати назад.

Разликата сега е во тоа што меѓу режисерите има и жени. Тие ја разбираат идејата дека шминката што се користи само како алатка за заведување е редуктивна

– Разликата сега е во тоа што директорите се жени. И тие разбираат дека оваа идеја за шминка што се користи само како алатка за заведување е редуктивна. Бидејќи шминката е за секого. Таа е многу поинклузивна од порано и е алатка за креативност. Но, кога ми се јавија, ги прашав, ако сакате само постара личност затоа што сакате да бидете инклузивни, зошто да не ја повикате Хелен Мирен или Мерил Стрип? Со мене, повторно имате контроверзии во печатот. Но тие инсистираа лицето на „Ланком“ да бидам повторно јас, и никој друг – вели Роселини.
Таа со задоволство ја забележува иронијата на својата улога во „Смртта ѝ прилега“, сатира на Роберт Земекис за холивудското стареење, непосредно пред падот на „Ланком“.
– Бев воодушевена што се наоѓам во тој филм – вели таа.
Светскиот филмски хит „Супстанција“, кој ми изгледа како еден вид современа реплика „Смртта ѝ прилега“, повторно ја ревитализира темата за големата загриженост за тоа што Холивуд ги отфрла постарите жени.
– Тоа е брилијантно. Го сакам феминистичкиот бес на него и хуморот во тоа – се воодушевува таа. Таа беше полна со пофалби за својата колешка, актерката Деми Мур, која беше главна актерка во „Супстанција“.
„Мислам дека Мур совршено ја претставува таа вечна младост, а сепак е многу мудра и ја прифаќа староста“.
Како ќерка не само на Ингрид Бергман туку и на почитуваниот италијански неореалист, режисерот Роберто Роселини, таа вели дека никогаш не се плашела од сенката на нејзините успешни родители. Напротив, нивниот голем успех во работата ја поттикнувал да работи напорно и да создаде сопствена успешна приказна.
Сепак таа има измешани чувства на оваа тема, откако на почетокот на својата кариера се појави како ќерка на веќе славна личност, што за неа беше нешто како меч со две сечила.
– Секако дека успехот на моите родители ја отвора вратата, бидејќи луѓето се љубопитни да ве видат. Но не знам дали тоа беше предност – вели таа.
Таа се навраќа на првата значајна филмска улога што ја имаше, три години по нејзиното минливо појавување во „Прашање на времето“, во „Ливада“ од 1979 година, свечена социјалреалистичка романса на братското италијанско режисерско дуо Паоло и Виторио Тавијани. Проектот беше престижен. Браќата ја освоија „златната палма“ во Кан со нивниот претходен филм, Падре Падроне и многу критичари, особено на домашен терен во Италија, не беа нежни со своите коментари и критики.
– Тоа не беше лош филм и не направив лоша работа, сега кога ќе погледнам назад. Но имаше големи очекувања, а критиките беа понижувачки. Застанав и реков, нема да бидам актерка – вели Роселини.
Со појавувањето во комедијата на Роберто Бенињи од 1980 година „Во окото на папата“, таа го одржа зборот шест години, а нејзиниот личен живот се искомплицира. Тригодишниот брак со Мартин Скорсезе, кој заврши во 1982 година, не ја искушуваше да му се врати назад на филмот. Вториот брак, со колегата, моделот Џон Видеман, исто така беше краткотраен, но и ја даде ќерката Елетра.
Елетра е родена една година по смртта на нејзината мајка во 1982 година. Среде нејзината тага и предизвиците наречени мајчинство, Холивуд се јави и ѝ ја понуди првата улога во американски филм, сјајната танцова драма „Бели ноќи“ од 1985 година. Роселини конечно се почувствува подготвена да ја преземе кариерата што нејзината мајка ја посакуваше за неа. Таа се сеќава: „Мама рече, смешно е што не се обидуваш да глумиш, само затоа што чувствуваш дека ќе те споредуваат со мене. Ќе се споредуваш со мене на почетокот. И тогаш ќе заборават. И таа беше во право. Но на почетокот беше тешко“.
На прашањето кога сфатила дека нејзините родители се славни, таа вели: „Кога си мало девојче, не знаеш“. Мислев дека родителите се само малку познати. Се сеќавам дека одев на училиште и ги прашав моите пријатели, дали мајка ми е толку позната како Џоан Крафорд или Грета Гарбо?“
Дури и нејзината ќерка порасна навикната да го гледа лицето на својата мајка на билбордите, иако не го сфатила тоа веднаш. „Кога ги правев рекламите на ’Ланком‘, тие беа насекаде, на секој аеродром. Ќерка ми одеше на училиште, имаше пет-шест години и ги учеа децата да се сеќаваат на презимето и адресата за да не се изгубат“. Нејзината ќерка Елетра мислела дека сите реклами се постери на мајки и татковци, во случај нивните деца да се изгубат, се присетува со насмевка Роселини.

Ќерка ми мислеше дека сите реклами на билборди се постери на мајки и татковци, во случај нивните деца да се изгубат

Најславната улога на Роселини на екранот, како злоупотребена пејачка во ноќен клуб во приградскиот кошмар на Дејвид Линч, „Синиот сомот“, ја овековечи петгодишната врска со самиот Линч, во средината на 1990-тите. Таа беше свршена со Гери Олдман две години пред да раскинат. Сепак, по толку романси, таа на крајот е среќна без партнер во последните 25 години. На прашањето дали свесно ја донела таквата одлука, таа за „Гардијан“ вели:
„Мислам дека животот така се одвиваше. Имав деца и беше тешко да се има врска со човек што не беше нивен татко. Почнав да размислувам, во ред, ќе се грижам за децата, а потоа кога ќе пораснат, ќе бидам достапна за партнер. Но, тогаш, морам да кажам, најдов големо спокојство во својата самотија и дружењето со себеси. И да не го направев тоа, мислам дека немаше да можам да го направам сето она што го направив. Имам слобода на движење“.
Животот на Роселини е среќна рамнотежа на семејството, земјоделството, филмот и други поспецифични страсти. Таа е возбудена што ќе започне со турнеја на своето ново шоу. За некој што долго време е заштитно лице на производи против стареење, таа дефинитивно се залага за стареење.
– Знаете, добивате брчки, се здебелувате, тоа е вистина. Но тие никогаш не зборуваат за слободата што доаѓа со тоа. Повеќе од слобода. Леснотија. Кога си млад, имаш многу работи да докажеш. Мора да докажете дека сте интелигентни, дека сте финансиски независни, дека сте добар родител. Има толку многу обврски. Но кога си стар, повеќе не се докажуваш. Јас сум тоа што сум. Ако не го правам тоа што сакам сега, никогаш нема да го направам. Во староста животот е сепак позабавен – вели во интервјуто за „Гардијан“ Изабела Роселини.
– Ужасно ми недостигаат моите родители, не само како родители туку и поради нивната брилијантност, нивната интелигенција. Единственото нешто што навистина го имам од нив се нивните филмови. Затоа ги гледам сѐ повеќе и повеќе за да се обидам да дознаам. Можам да го почувствувам татко ми во неговите филмови. Затоа гледам многу филмови од него. Тоа е мојот начин да бидам со него – вели Роселини.
– Татко ми секогаш ја поттикнуваше љубопитноста и секогаш наоѓаше неверојатно задоволство во својата работа. И за мене најдоброто нешто во животот е да чувствуваш љубопитност, да се надградуваш себеси, да ја исполниш својата најдлабока љубопитност со своето знаење. За мене тоа е среќа – завршува Изабела Роселини.