Пред да се имплементираат нови системски решенија треба ревизија на старите системи и процеси и да се овозможат услови за обезбедување интегрирани услуги со кориснички пристап преку систем за професионални корисници. Благоја Грозданов, претседател на Комората на сметководители на Македонија, смета дека УЈП има лидерски и човечки потенцијал за да го спроведе овој процес во соработка со сметководствената фела, но потребна ќе биде сериозна инвестиција во хардверски и софтверски решенија со кои ќе се овозможи функционирање на системот
Некои поенти од разговорот со претседателот на Комората на сметководители на Македонија (КСМ), м-р Благоја Грозданов (2)
Во разговорот за „Нова Македонија“, претседателот на Комората на сметководители на Македонија (КСМ), м-р Благоја Грозданов, нагласува дека е неопходна заедничка борба против сивата економија и даночната евазија преку системски реформи. Грозданов истакнува дека еден од главните проекти што се најавуваат во последно време е проектот за воведување е-фактура.
– Е-фактурата дефинитивно може да биде моќна алатка во процесот на борба против даночното затајување и да ја зголеми даночната дисциплина. Ако умешно се спроведе, е-фактурата може да биде огромен исчекор во процесот на обезбедување барем делумно претпополнета ДДВ-пријава кај даночните обврзници, со што ќе го овозможи и дополнително ќе го забрза процесот на задолжително даночно усогласување и ќе се овозможи огромно зголемување на ефикасноста на процесот на даночна контрола. Во таа насока комората дава максимална поддршка за проектот и доколку е поканета со задоволство ќе даде свој инпут, анализира Грозданов.
Тој нагласува дека, од друга страна, би сакал да повика на претпазливост во дефинирање на чекорите во процесот на креација и имплементација на овој проект.
– Имено, Управата за јавни приходи (УЈП) има низа посебни и засебни системи: е-даноци, потоа системот преку кој главно се поднесуваат ДДВ-пријави и даночни биланси за цели на данокот на добивка, е-ПДД преку кој се поднесуваат пресметките за личен доход на физички лица, стариот МПИН-систем за процесирање и пресметка на плати, е-УЈП (е-даночни услуги), кој требаше да овозможи интеграција, но, наместо тоа, во пракса се сведе на само уште еден, дополнителен и во дискусија со многу колеги едногласно оценет како непотребен систем итн. – набројува Грозданов и дополнува: „И сепак, покрај сите овие електронски системи има низа услуги што УЈП наместо да ги дава електронски и трошочно-ефективно, ги спроведува физички, со поднесоци во хартиена форма, во понекогаш долги и неефикасно спроведени постапки, со одделни редундантни и бавни проверки, што ги чини даночните обврзници време и резултира со промашени рокови за други поврзани постапки, пропуштени повици за учество на јавни набавки и слично“.
Грозданов смета дека даночното сметководство на УЈП е уште еден дел од големата слика за кој е пожелно да се осовремени и ажурира, за сметководителите во секој момент да имаат пристап до точна и прецизна даночна евиденција со која ќе може да се усогласат и на која ќе може да се потпрат во комуникацијата со даночните обврзници. Во една ваква затекната моментална ситуација смета дека е најважно, пред да се имплементираат какви било нови системски решенија, да се направи ревизија на старите системи и процеси и да се обезбедат услови за обезбедување интегрирани услуги со кориснички пристап преку еден систем за професионални корисници. Тој смета дека УЈП има лидерски и човечки потенцијал за да го спроведе овој процес во соработка со сметководствената фела, но потребна ќе биде сериозна инвестиција во хардверски и софтверски решенија со кои ќе се овозможи функционирањето на системот.
– Дури потоа, по спроведување на една системска консолидација, сметам дека може да зборуваме за додавање нови слоеви како на пример е-фактура. Дополнително, самиот процес на имплементација мора да биде многу внимателно испланиран и сметам дека би било најдобро како прв чекор да се оди со тестирање на системот од страна на најголемите, помеѓу 100 и 200, даночни обврзници, пред, во втора фаза, да се имплементира, на пример, само кај големите даночни обврзници, по што во наредната фаза би се ставил во функција за сите ДДВ-обврзници. Во ваква суштинска реформа, сметам дека е многу поважно да се заврши со квалитетен и добро осмислен и истестиран продукт отколку да се избрза со неквалитетно решение, кое само ќе додаде товар кај стопанството без да обезбеди реална дополнителна вредност ниту за државата ниту за корисниците – исцрпно анализира Благоја Грозданов.
Тој потенцира дека „затоа апелираме за усвојување на еден холистички пристап за интеграција на системи и услуги, креација на добро осмислени и функционални системи и воспоставување оптимизирани и дигитализирани постапки за овозможување лесен пристап до услуги за приватниот сектор. Секој процес мора да има дефинирано соодветно одговорно лице што носи одговорност за функционирањето на процесот во целина и кој ги координира чинителите во одделните фази. Само на ваков начин може да се оди напред со спроведување на суштинските реформи без да се згази на гнила штица, односно со, можеби побавни но многу, посигурни чекори“.
Најкраток рок за поднесување годишни сметки во Европа – убедливо најголемиот товар паѓа на плеќите на сметководителите
Грозданов потсетува дека, иако веројатно најголем дел од работното време на еден просечен сметководител поминува во третирање даночни проблеми и комуникација со УЈП, не смее да се заборави дека основната сметководствена услуга се однесува на финансиско, а не на даночно известување. А за целите на соодветна евиденција на настаните и за правилно финансиско известување, потребни се време и фокус.
М-р Грозданов споредбено лоцира дека секако оти постои општоприфатен заменски однос меѓу должината на расположивото време за финансиско известување (рокот за поднесување на годишната сметка) и квалитетот на известувањето. Цени дека колку повеќе време имаат сметководителите за подготовка на извештаите, толку истите тие ќе бидат подобри, но истовремено и толку подоцна ќе стигнат информациите до државните органи. Од темелната пракса, тој вели дека умешноста за поставување соодветен краен рок за изготвување на извештаите од страна на државните регулатори е во тоа да се најде вистински баланс меѓу квалитетот и навременоста на информацијата.
– Во таа насока, сметководителите со години апелираат за продолжување на рокот за поднесување на годишните сметки. Зошто? Едноставно, затоа што Македонија го има најкраткиот рок за поднесување годишни сметки во Европа. Ние сме екстремен случај. Едноставно пребарување преку Гугл ви е доволно за да откриете дека вообичаени рокови за поднесување на финансиските извештаи во Европа се меѓу 30 април и 30 јуни наредната година за претходната година, додека кај нас рокот е 28 февруари, односно 15 март доколку поднесувањето е електронски, аналитичен е Грозданов.
– Досега усниот одговор на институциите вообичаено беше во насока на тоа дека ним им треба повеќе време за обработка на податоците што сметководителите им ги доставуваат, со што не се согласуваме, не само сметководителите туку и, во најголем дел, стручната фела, знаејќи дека многу поголеми економии од нашата, со многу поголем обем на податоци за обработка, успеваат да постигнат побрзо процесирање на податоците. Индиректниот одговор за овој, од законодавецот наметнат, според нас, екстремен и неразумен рок, досега беше дека тој е поставен така за администрацијата да има време за обработка на податоците. Со овој одговор ефективно се доаѓа до заклучок дека убедливо најголемиот товар паѓа на плеќите на сметководителите, а сето ова цениме дека е поради делумна системска неефикасност – посочува Грозданов.
Тој потсетува дека во насока на подобрување на квалитетот на финансиското и даночното известување, како и заради заштита на дигнитетот на струката, сметководителите повеќе години апелираат да се продолжат роковите за финансиско известување. Грозданов смета дека сега постои поволна констелација за конечно барањето за продолжување на роковите да биде сериозно разгледано и прифатено од институциите.
– Ако го продолжиме наративот за инвестиција во дигитални системски решенија, кој го започнавме при образложување на проектот за е-фактура, сметам дека со правилно осмислување и интеграција на таквите решенија во секоја пора на државниот апарат би се овозможила поголема ефикасност на администрацијата при обработката на податоците, со што би се овозможил простор за продолжување на крајните рокови за поднесување, што, пак, ќе резултира со подобар квалитет на податоците. Со ова ќе се овозможи и носење многу подобри одлуки, поради зголемениот квалитет на достапните податоци на највисоко ниво каде што се креираат државните политики, од што бенефиции ќе имаат сите – ги образложува Грозданов ваквите стручни предлози од струката.
Живко Здравкоски
Продолжува