Фото: „Нова Македонија“

Посредувањето како правен институт (во кое посредникот им помага на страните по пат на преговори да дојдат до заеднички прифатливо решение) е инструмент за поефикасно да се дојде до решение. Но токму на овој правен инструмент официјална Софија во изминатиов период покажа една таква хипокризија, политичкоправно и процедурално лицемерство, што уште еднаш излезе на виделина политиката на двоен колосек и непринципиелен пристап, целосно спротивен на европските и универзалните вредности. Имено, Бугарија прифаќа унгарско посредништво само кога е таа блокирана (засегната), но не го прифаќа истото посредништво кога таа ја блокира Македонија. Тоа е само уште една јасна потврда дека Софија одбива (принципиелни) разговори бидејќи веќе има утврдена цел кон која отворено се стреми: бришење на македонскиот идентитет, јазик, култура и историја, во замена за продолжување на евроинтеграциите под нов идентитет воспоставен од 1944 година, а сето тоа во корелација со новото име на државата

Посредувањето на Будимпешта како повод:
Со помош на унгарското посредување Австрија ја крена рампата за влез на Бугарија во шенген-зоната

Без оглед на тоа колку бугарските политичари изјавуваат дека сакаат да ја видат Македонија во Европската Унија што поскоро, сѐ повеќе излегува на површина нивното лицемерство и се открива вистинската бугарска намера, да ја држат земјава што подолго во блокада за да можат полесно да ги остварат своите асимилаторски цели.
Решавањето на билатералните прашања подразбира отворен дијалог меѓу двете страни, без уцени и користење на позицијата на членка на ЕУ за да се наметнуваат нереални барања за историјата, јазикот, културата и идентитетот на еден народ како услов да се овозможи нејзина евроинтеграција.
Токму таквата пат-позиција неодамна се обиде да ја реши Унгарија, како земја претседавач со Европската Унија, со намера да одигра еден вид посредничка улога за да се надминат отворените разлики и на тој начин да се отвори македонскиот пат кон ЕУ, на цивилизиран и достоинствен начин.
Сепак, подадената посредничка рака од страна на Унгарија беше експресно одбиена од официјална Софија, со образложение дека не е дозволено посредништво меѓу Унијата и земја кандидат.
– Процесот на европска интеграција се заснова на сопствените заслуги и не допушта посредување меѓу ЕУ и земја кандидат. Единствена гаранција за успех е исполнувањето на воспоставените критериуми и услови – се истакнува во соопштението со кое бугарското МНР го одби унгарското посредништво.
Од друга страна, никаде во декларациите на ЕУ не се наведува дека не е дозволено посредување меѓу земја кандидат и земја членка, а најдобрата потврда дека е така е примерот со хрватското пристапување во ЕУ, кога токму Унијата посредуваше меѓу земјата кандидат Хрватска и земјата членка Словенија за надминување на територијалниот спор околу Пиранскиот Залив.
Да биде апсурдот уште поголем, ЕУ посредуваше и за самата Бугарија, која првично беше одбиена од некои земји членки да стане полноправна членка во 2004 година, бидејќи тие оцениле оти државата според степенот на корупција и според невладеењето на правото не заслужува членство. Токму Брисел, заедно со САД, беше посредник во пеглањето на разликите меѓу Бугарија, тогаш земја кандидат, и дел од земјите членки на ЕУ, за на крајот бугарското зачленување во Унијата да се случи во 2007 година, исклучиво со политичка одлука, без целосно да се исполнат критериумите, но благодарение токму на посредувањето и пеглањето на разликите.
Се покажа дека Бугарија е крајно кооперативна и подготвена за посредништво кога станува збор некој друг да ја тргне блокадата и да овозможи зачленување на земјата во ЕУ или, како што сега е случајот, во шенген-зоната. Имено, Австрија неколку години ставаше вето на бугарската апликација за членство во шенген-зоната бидејќи смета дека Бугарија е далеку од подготвена за влез во безграничната зона, но се согласи Унгарија да биде посредник и да се надмине спорот за да може да се одблокира целата постапка. Тоа говори за демократскиот капацитет на Австрија, која препознава колку е важно за самата ЕУ да се прошири шенгенот и Унијата да почне да ја добива вистинската форма на Европа без граници, без оглед што Бугарија реално не ги исполнува условите да биде дел од таа зона.

Токму тоа е моќта на посредништвото, да се најдат точките на поврзување и да се работи во насока на остварување на повисоките европски, наместо на поединечните интереси. Со други зборови, Бугарија прифаќа унгарско посредништво само кога е таа блокирана, но не го прифаќа истото посредништво кога таа ја блокира Македонија.
Тоа е само уште една јасна потврда дека Софија не сака никакви разговори бидејќи веќе има утврдена цел кон која отворено се стреми, бришење на македонскиот идентитет, јазик, култура и историја, во замена за продолжување на евроинтеграциите под нов идентитет воспоставен од 1944 година, а сето тоа во корелација со новото име на државата.
Дипломатот во пензија Драган Јањатов смета дека бугарскиот прагматизам уште еднаш се покажува на дело.
– Бугарскиот прагматизам се покажува на дело, тука се велемајстори. Кога им е нешто во интерес, сѐ ќе направат, а кога тие треба да направат нешто, забораваат дека постои некаква можност за разговор и за наоѓање решенија. Тие со мал прст не мрднале во однос на Македонија. Се фатиле слепо за тој Договор за добрососедство и пријателство и готово, не сакаат за ништо понатаму да разговараат. А самите што не направија да влезат во тој шенген. Ги блокираше Австрија, и тоа со издржани забелешки, а не како што тие ја блокираат Македонија со идентитетски прашања што никој не ги разбира. Австрија го прифати посредништвото и, еве, сега Бугарите ќе влезат во шенген-зоната – вели Јањатов.

Тој додава дека бугарската теза дека Унијата не посредувала меѓу земја кандидат и земја членка не држи вода и дека во минатото имало многу примери кога токму Унијата била во некаква посредничка улога со земјите кандидати, вклучувајќи и со Македонија, со намера да се наоѓаат решенија и процесот на проширување да тече според напредокот во реализацијата на европските критериуми.
– Унијата посредуваше меѓу Словенија и Хрватска за територијалниот спор. Впрочем, нели и францускиот предлог е посредништво меѓу ЕУ и Македонија бидејќи Франција го упати до македонските власти? Значи, кога им одговара на Бугарите, тогаш посредништвото е во ред, но кога треба тие нешто да одблокираат, тогаш не се расположени за посредништво. Вистината е дека тие сакаат да ја држат Македонија подалеку од ЕУ за полесно да си ги остварат своите намери. ЕУ е премногу толерантна кон Бугарија цело време. Зошто на пример не ја притисне да ги спроведе пресудите на Судот за човекови права? Бугарската политика кон Македонија нема да се смени и затоа тие не сакаат посредништво кога станува збор за туѓ интерес, но кога станува збор за нив, тогаш гризат максимално и бескомпромисно – заклучува Јањатов.