Повеќе од очигледно е дека Македонија презема засилена дипломатска офанзива, особено ако се има предвид фактот дека и внатре во земјата има сѐ поголем консензус меѓу политичките чинители да се опстои на идејата за уставни измени со одложено дејство, како гаранција дека нема да има нови блокади
Македонија гради принципиелни сојузништва за пробив низ бугарската непринципиелна блокада
Во насока на подобро позиционирање на земјата на меѓународен план, како и на презентирање македонски аргументи пред меѓународните партнери околу уставните измени, забележлива е засилена дипломатската активност последните месеци, особено во пресрет на декемврискиот самит на Европската Унија.
Она што и претходно беше најавувано, тоа сега и се остварува во рамките на дипломатијата, почнувајќи со координирани активности и средбите, кои во последниот период ги имаше претседателката Гордана Силјановска-Давкова со артикулирање на таканаречената културна дипломатија, до оние на премиерот Христијан Мицкоски со воспоставување сојузништва меѓу земјите членки на ЕУ. Овој пример го следат и повеќето министри и вицепремиери, кои ја користат секоја можност да ги изнесат македонските позиции и аргументи околу решението за уставни измени со одложено дејство на сите средби што ги имаат, како гаранција дека земјата нема да се соочи со дополнителни блокади и разочарувања.
Дипломатска активност со нудење конкретни решенија
Потврда дека ваквите активности даваат плод се и сѐ поголемиот број сојузници во рамките на Европската Унија, за кои уставните измени со одложено дејство се разумно решение за излез од ќор-сокакот во кој Бугарија ги доведе македонските евроинтеграции и кои не бараат промена на преговарачката рамка и дополнително комплицирање на процесот.
– Во разговори со претставници од ЕУ, тие ни велат вие сторивте сѐ, дури и невозможното, сега на потег сме ние. Добиваме вербална поддршка. Имаме отворена поддршка од земјите од Вишеградската група, како и од Белгија. Добивме позитивни пораки и во Тиват на самитот Брдо-Бриони – истакна претседателката Силјановска-Давкова, притоа додавајќи дека поддршка пристига и од Словачка, земја што ја користи секоја можност да ја критикува блокадата на македонската евроинтеграција.
Според македонската претседателка, решението што Македонија го предлага пред своите соговорници е во интерпретацијата на преговарачката рамка.
– Протоколот не е запишан во камен. Ако постои волја, треба да се биде креативен – категорична е претседателката Силјановска-Давкова.
Таа веќе има покана од францускиот колега Емануел Макрон да присуствува на отворањето на обновената катедрала „Нотр Дам“ на 7 декември, што е уште една добра можност да се разменат идеи во врска со креативниот пристап на ЕУ за надминување на бугарската блокада.
И премиерот Мицкоски на маргините на самитот на Европската политичка заедница имаше средба со францускиот претседател Макрон на почетокот на овој месец, на кој се разговарало како да се откочи македонскиот евроинтегративен процес.
– Отворено разговаравме за одблокирање на патот на Македонија кон Европската Унија. Оптимист сум за нашата иднина, се бориме за нашите аргументи и вистината, која е незаобиколива. Ќе дадеме сѐ од себе да ги зачуваме државните и националните интереси – напиша по средбата Мицкоски на Фејсбук.
Во своевидна дипломатска офанзива се и сите владини министри и вицепремиери, кои ги користат средбите што ги имаат со своите колеги од другите европски земји, да ги промовираат македонските позиции и решенија за уставните измени.
– Ако можеме добро да сработиме со Франција и со уште неколку западноевропски земји, мислам дека нашите аргументи можат лесно да се прифатат. Ако ова се промени, убеден сум дека еден дипломатски тешкаш од Западна Европа во едно претпладне во Софија ќе го реши проблемот – рече вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Запрашан од колку земји во ЕУ Македонија очекува поддршка за предлогот на Владата во Скопје измените на Уставот да стапат во сила откако земјата ќе стане членка на ЕУ, во интервју за вестите на ТВ Сител, Николоски рече дека поважен е „не квантитетот, туку квалитетот“ на земјите пред кои премиерот Христијан Мицкоски го претставил својот предлог.
Кон општествена кохезија за решение што е гаранција дека нема да има „мек стомак“
Повеќе од очигледно е дека Македонија презема засилена дипломатска офанзива, особено ако се има предвид фактот дека и внатре во земјата има сѐ поголем консензус меѓу политичките чинители да се опстои на идејата за уставни измени со одложено дејство, како гаранција дека нема да има нови блокади.
Дел од аналитичарите се согласуваат со констатацијата дека како никогаш досега во последно време има координација во дипломатските настапи на македонските политичари околу идејата за уставни измени со одложено дејство.
– Видливо е последните два-три месеца дека постои координација и обединување околу идејата за уставни измени со одложено дејство, а тоа се слуша и од некои политичарите што сега се во опозиција, а претходно беа во власта. Она што е уште позабележително, тоа е офанзива што има цел да бара пријатели и сојузници внатре меѓу земјите членки на ЕУ, за да може во пресрет на декемврискиот самит Македонија да ја добие потребната поддршка да почне да отвора преговарачки поглавја. И официјален Брисел гледа дека Бугарија во овој момент освен гола блокада нема никакви други аргументи зошто ја држи рампата за Македонија спуштена, така што редно е Европа да не го оспорува начинот на кој земјава ќе ги прави уставните измени кога самата не е подготвена да даде какви било гаранции дека тоа нема да биде последното бугарско условување – велат аналитичарите.
Од друга страна, политичката криза во Бугарија уште повеќе се продлабочува и веќе е повеќе од јасно дека земјата се движи кон осми парламентарни избори за четири години, кои би требало да се случат во март следната година.
Дека ситуацијата е повеќе од хаотична во оваа земја членка на ЕУ говорат и изјавите на поранешниот премиер Бојко Борисов, чија партија иако победи на последните избори, не може да формира влада. Тој најави враќање на мандатот за состав на нова влада, оценувајќи дека не сака да биде премиер на државата што е оставена во хаос и тиња и на која ѝ нема спас.
Овие зборови изречени од устата на поранешниот бугарски премиер најдобро говорат за длабоката политичка криза во Бугарија на која не ѝ се гледа крајот, што од друга страна е пречка за каков било дијалог меѓу двете земји околу надминување на отворените прашања и за прифаќање на подадената рака од македонска страна.
Токму затоа на потег е ЕУ, доколку е искрена во најавите дека сака да се прошири со земјите од Западен Балкан, како што вчера потврди и претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, при претставувањето на нејзиниот нов тим комесари и новата програма во Европскиот парламент.
– Ќе се подготвиме со реформите што ни се потребни на наша страна. Ние ќе ги поддржуваме овие земји на секој чекор од патот во нивниот процес заснован на заслуги додека не бидат подготвени да се приклучат на нашата унија – изјави Фон дер Лајен.
Ако ЕУ е доследна и ги оценува земјите во согласност со нивниот процес на заслуги, тогаш Унијата мора да покаже доследност во своите заложби, односно да го почитува правото на Македонија да ги донесе уставните измени онака како што смета, а оценките за подготвеноста и напредокот на земјата да ги заснова врз постигнатите резултати во делот на владеењето на правото и борбата со корупцијата.
Дополнително, дипломатската офанзива, која е започната од македонска страна, резултира со тоа што сѐ повеќе европски земји јасно истакнуваат дека билатерализацијата на процесот на проширување е погубна, така што официјален Брисел, доколку сака, може да најде креативен начин како да ја бајпасира бугарската блокада и да овозможи земјава конечно да почне да отвора преговарачки поглавја и да исполнува услови што беа поставени пред сите земји кандидати, наместо да останува блокирана поради јазикот, историјата и идентитетот.