Благоја Грозданов

„Добрата вест е тоа што имаме впечаток дека и од страна на претставниците на државата е јасно идентификувана потребата за суштински системски реформи. Следен, можеби и најважен, чекор за процесот на реформирање се транспарентноста на процесот и вклученоста на сметководителите „на масата“ при носењето на одлуките поврзани со реформирањето на законските решенија, од една страна, и системите, процесите и постапките, од друга страна, кои нѐ засегаат нас како сервис на стопанството, а со тоа и целото стопанство“, вели претседателот на КСМ, која на 29 ноември (петок) одбележува 15 години постоење

РАЗГОВОР СО М-Р БЛАГОЈА ГРОЗДАНОВ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА КОМОРАТА НА СМЕТКОВОДИТЕЛИ НА МАКЕДОНИЈА (КСМ)

Комората на сметководители на Македонија (КСМ), која од лани функционира како самостоен правен субјект, овој петок, на 29 ноември, ќе организира настан за одбележување на петнаесетгодишнината од своето постоење. Од април годинава нејзин претседател е искусниот експерт м-р Благоја Грозданов, кој од 2016 година континуирано е член на Управниот одбор (УО) на КСМ, која сѐ до лани беше една од членките во Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ). Од 2013 до 2017 година, Грозданов беше член на Надзорниот одбор на Институтот за сметководители и овластени сметководители на Македонија (ИСОС).
Во разговор за „Нова Македонија“, кој ќе го презентираме во денешниот и во следните два броја, претседателот Грозданов вели дека КСМ е најголемо и најактивно професионално коморско здружување на сметководителите и сметководствената бизнис-заедница во Македонија, во кое членувањето е целосно на доброволна основа. Тој додава дека КСМ во континуитет активно се залага за подобрување на состојбата на сметководствената професија во Македонија и во таа насока се стреми да одржува активна комуникација и соработка со државните институции со кои сметководителите се во постојан контакт. По повод јубилејот на КСМ, во продолжение ги пренесуваме неговите ставови за моментната состојба во македонската економија.

Сметководителите се нервниот систем на економијата, спрегата меѓу стопанството и државата, па затоа мора да бидат присутни во клучните разговори во врска со системските и даночните реформи

Грозданов ни потенцира дека во интерес на сите е да постои постојано активен и партнерски тековен дијалог меѓу институциите и сметководителите. Тој смета дека е непроценливо важно сметководството, како и неговото значење како професија во процесот на носење на одлуките поврзани со даночните и финансиски политики на земјата, а во тој контекст и значењето на оваа професија за развојот на македонската економија.
– Ние, сметководителите, постојано се наоѓаме „меѓу чеканот и наковалната“, постојано сме во контакт со стопанството и државните институции заради подготовка на финансиските и даночните извештаи. Еден сметководител во просечен ден, освен редовните стандардни работни обврски поврзани со тековната евиденција на деловните настани во сметководствениот систем на обврзникот за водење на сметководствена евиденција, може да има потреба да размени различни информации со низа интерни и екстерни корисници на сметководствените податоци: менаџментот, банки и слични финансиски институции, Управата за јавни приходи, Народната банка на РСМ, Државниот завод за статистика итн. – ни појаснува претседателот на КСМ, Благоја Грозданов.
Нашиот соговорник додава дека, имајќи го предвид претходно кажаното, „јасно е дека ние, сметководителите, примаме „импулси“ од двете страни, па можеме многу прецизно да ги лоцираме недостатоците и неефикасностите во системот во кој оперираме“.
– Сметам дека не е никакво изненадување ако констатирам дека имаме идентификувано некои нелогичности, недоволни ефикасности и редундантности при нашата комуникација со дел од државните органи што се поврзани со начинот на функционирање на некои од нивните системи за давање услуги кон стопанството и собирањето податоци од приватниот сектор и имаме конкретни идеи како истите тие да се коригираат и подобрат.
Добрата вест е тоа што имаме впечаток дека и од страна на претставниците на државата е јасно идентификувана потребата за суштински системски реформи. Како следен, можеби и најважен, чекор од круцијално значење за процесот на реформирање се транспарентноста на процесот и вклученоста на сметководителите „на масата“ при носењето на одлуките поврзани со реформирањето на законските решенија, од една страна, и системите, процесите и постапките, од друга страна, кои нѐ засегаат нас како сервис на стопанството, а со тоа и целото стопанство. Всушност, целосното осмислување на чекорите за имплементацијата на законите однапред и постапувањето на институциите во процесот на спроведување на законите некогаш се дури и поважни од самиот текст на законот. Затоа сакаме да бидеме присутни во секоја фаза од дискусијата. Во тој контекст, Комората на сметководители секогаш била максимално отворена за соработка со државните институции, сѐ додека од другата страна искрено се слушаат нашите предлози – напоменува Грозданов.

Предвидливоста во начинот на спроведување на законите и правната сигурност се основни предуслови за развој на поволна бизнис-клима

Грозданов оценува дека еден од главните проблеми со кои досега се соочувале сметководителите, а и целото стопанство, било носењето одделни ад хок законски измени и нови закони, во сферата на даноците и финансиите, кои имаат ефект од моментот на носењето без соодветен период на приспособување. Тој потсетува дека дури имале „и ситуации на носење нови законски решенија со ретроактивно дејство, што е апсолутно страшно и неприфатливо за стопанството во целина“.
Грозданов ги поддржува стручните забелешки дека, освен тоа што засегнатите страни од стопанството секогаш мора да бидат присутни во соодветно структурираниот процес, за нивниот глас да биде слушнат и да бидат имплементирани нивните забелешки при носењето законски реформи, мора да се внимава да се определи соодветен период од моментот на носењето до стапувањето во сила. На тој начин, стопанството во целина би се запознало со новите законски одредби, а кај државните органи под чија надлежност би бил процесот на постапување и контрола на новите одредби, би можело да се дефинираат соодветни процеси и постапки и истите тие би можеле да се пренесат до јавноста и да се објаснат.
Ценетиот експерт додава дека на овој начин ќе се избегнат тие „лоши изненадувања“, кои се најголем трн во окото на стопанството. Еден од основните предуслови за развој на поволна бизнис-клима е токму тоа – поставувањето соодветни процеси при носење решенија и менување на постојните решенија, преку кои ќе може да се постигне консензус од сите засегнати, како и предвидливоста во постапувањето и постоењето правна сигурност.
– Дополнително, иако секому му е јасно дека е невозможно законските решенија да одат во детали за начинот на нивното спроведување, токму начинот на постапување од државните органи е од најголемо значење за стопанството. Усогласувањето на праксата при постапување по одредени законски одредби во некои случаи е уште поважно од текстот во самите закони. За жал, кај нас, премногу често се практикува дискреционото право за одлучување во спорни ситуации од страна на дел од овластените лица во некои од органите на државата, така што неретко ќе сретнете прашања за кои две стручни лица имале и две-три различни мислења. Воспоставувањето јасни и недвосмислени пракси при постапувањето во спроведувањето одредени законски одредби и запознавање на засегнатите страни со нив е уште еден основен предуслов за раст и развој на нашата економија – посочува Грозданов на очекуваните големи придобивки за сите страни, доколку сметководителите би се сретнале со таква воспоставена пракса.

Живко Здравкоски

(Продолжува)