Ексклузивно интервју со Бруно Долбонел, годинашен лауреат на „златна камера 300“ на „Браќа Манаки“

Францускиот кинематографер Бруно Делбонел беше годинашен добитник на наградата „златна камера 300 за животен опус“ на јубилејното 45. издание на фестивалот „Браќа Манаки“. Бруно Делбонел, авторот на волшебните слики на „Франкофонија“, „Фауст“, „Долга веридба“ и најзначајниот „Амели Пулен“ со кoj го достигнa зенитот на славата, е еден од најголемите живи мајстори на филмската камера, кој во континуитет ја создава визуелната убавина на филмот. Има шест номинации за „оскар“, четири номинации за БАФТА, две награди на престижното Американско друштво на кинематографери и три номинации на Друштвото, награда на „Европските оскари“ и уште многу други.

Пред сѐ би сакал да Ве запрашам како започна одисејата во светот на филмската камера?
– Тоа е долга приказна, но ќе се обидам да направам реконструкција; претходно имав напишано сценарио за краток филм што го режирав, а снимател беше Анри Аком, кој го снимаше филмот „Убавицата и ѕверот“ и тоа беше влезот во магијата на филмот, но осознав дека повеќе припаѓам во светот на камерата отколку на оној на режисерската палка, па тоа беа моите првите импулсни жаришта.

Што претставува за Вас „златната камера 300“ на нашиот фестивал?
– Oваа награда за мене е од особено значење бидејќи директно е поврзана со пионерите на филмската камера, браќата Манаки, и почетоците на создавањето филмови во Македонија.

Колкаво беше влијанието од Вашите родители врз Вас?
– Моите родители немаа никакво влијание врз мене, татко ми строго реагираше при мојот избор за камерата, во своите очи тој гледаше иден бизнисмен, правник или нотар, што за мене беше незамисливо.

Сепак одбравте навистина интересна професија што содржи безброј предизвици и пречки. Низ какви соочувања минувавте при снимањето на сцената од филмот „Амели“ кога таа се топи од капките како кула од карти, а нејзиниот освојувачки поход пропаѓа?
– Има моменти кога е воено поле, но има и моменти на целосна реалност каде што се снимаат сцените.

Неодамна Ве рангираа во самиот врв меѓу десетте најдобри сниматели на сите времиња, каква беше Вашата реакција при оваа селекција?
– Не би рекол на сите времиња, можеби е и претенциозно, но ми годи овој комплимент, има врвни мајстори на филмската слика што се многу подобри од мене.

Имате препознатлив снимателски ракопис, но зенитот на креативноста се чини го постигнавте со Амели Пулен, што имате да додадете кон ова? Пред сѐ овде мислам на соработката со Oдри Тату, за која тогаш никој не можеше ни да претпостави дека токму со оваа улога ќе се вивне во самиот врв на ѕвездите, во споредба со Матје Касовиц, кој од претходно го знаеме како режисер на култниот филм „Омраза“?
– Тука сте во право, како што велите, немав многу контакти не само со Одри Тату туку и со целата филмска екипа. Има специфична позиција кога е во прашање светлината, но најчесто ако им треба(м) нешто на актер(к)ите прво се консултирам со режисерот, бидејќи тој е највлијателен. Можам да кажам дека соработката со Касовиц беше одлична, затоа што пред сѐ тој е актер, а потоа режисер. Работев со него и кога беше режисер, но и асистент на снимателот во режија на Жак Одијар, а Матје отсекогаш се стремел кон режијата.

Посочивте многу интересни факти поврзани со омилените дела од Бергман, особено филмскиот класик „Седмиот печат“, кој бруи со меланхолична содржина, но сепак според мојот сензибилитет симпатиите одат кон љубовната мелодрама „Лето со Моника“. Зошто речиси секогаш „Седмиот печат“ е меѓу највисоко рангираните филмски дела и што лично Ве фасцинира Вас?
– Пред сѐ мислам дека филмот е одличен, но она што ме воодушевува при секое мое гледање е остроумноста на Гунар Фишер, кој исто така го снимаше „Лето со Моника“, а не помали заслуги може да припишеме и за Свен Никвист, едно од најголемите светски имиња, па тогаш сфатив дека добро сум постапил при одлуката за мојата идна професија.

Иако сум љубител на некои од филмовите на Александар Сокуров, за обичниот гледач би ги препорачал „Руска арка“ снимен во „Ермитаж“ и „Франкофонија“ во „Лувр“. Кое место Ви одговараше повеќе, музејските колекции во Санкт Петербург или оние во Париз, каде што ги овековечивте делата на Тицијан, Енгр, Ботичели…?
– Тоа се два музејски трезора, секој во себе носи убавина и секој е убав на специфичен начин. „Ермитаж“ каде што го снимавме „Фауст“ има суптилност, додека „Лувр“ е оригинален и автентичен. „Франкофонија“ не беше поврзан само тематски за сликите туку и за Втората светска војна, а главните носители се еден Германец и еден Французин, кои сe обидуваат да ги зачуваат сликите. Секако прашањето зошто сакаат да се спасат сликите за мене беше привилегија бидејќи сами снимавме во „Лувр“ пред „Мона Лиза“, за разлика од препознатливиот џагор што владее најчесто.

Мојата љубопитност не ми дава за право да не Ве прашам, можете ли да издвоите некоја анегдота или интересна случка за време на снимање што Ви останала во сеќавање?
– Хмм… интересно Ви е прашањето, мора признаам, имало многу анегдоти, но сепак овој одговор ќе го оставам за мене бидејќи е личен.

Дали во Вашата богата листа на одгледани филмови од светските меридијани си најде место и некој македонски филм?
– Не се сеќавам дека имам гледано многу, но во еден дејствието се одвиваше на просторите на поранешна Југославија, во Македонија, но доколку ме потсетите и наброите некои филмови можеби ќе се присетам.

Можеби „Пред дождот“ од Милчо Манчевски, кој не е само нашиот најнаградуван македонски филм туку е и единствен добитник на „златен лав“ во Венеција во 1994 година?
– Да, токму тој е, го имам гледано и многу ми се допадна.

Дали ова е Ваша прва посета на Македонија?
– Не, ова е моја втора посета на Македонија, а точно пред дванаесет години бев првпат тука, тогаш примив награда со помало значење од годинашнава и од тогаш не сум бил во Македонија.

Љубител сум на филмовите на Лик Бесон, но најмногу ми одговара милјето каде што се одвива „Големото синило“, а сметам и Вие имате сличен ентузијастички порив како Бесон, се согласувате ли со мојата констатација?
– Можеби од една страна сте во право, а од друга – имаме различна визура.

Мојот тaтко Ѓорѓи Василевски беше реномиран филмски критичар, па би сакал да го цитирам: „За светот на Пандорината кутија веќе имаме чуено, но за златното срце на Aмели Пулен во режија на Жан Пјер Жено не знаеме многу“. Кое е Вашето мислење на ова прашање?
– Знаете, кога работите на филм, тоа е чудна врска, дали работите шест или седум месеци не знам, но јас немам таква навика да ги гледам своите филмови. Првпат го гледав „Амели Пулен“ вчера по дваесет години.

Сакате да кажете дека не сте доволно критичен кон Вашите филмови?
– Да, токму тоа.

Доколку Ви се укаже можност да снимате во Македонија, како Ентони Дот Ментл, кој спомена дека следениот свој филм ќе го снима во Битола, би го направиле ли тоа?
– Секако дека би сакал, пред дванаесет години бев во Охрид и многу ми се допадна, оваа година не бев, но се надевам ќе имам можност во иднина.

Александар Василевски