Фото: „Нова Македонија“

Електричната енергија повторно станува главна тема на економските и индустриските дискусии, откако цените на берзите достигнаа алармантни нивоа, надминувајќи 400 евра за мегават-час. Според соговорници од реалната економија, токму од овој тренд се стравуваше во домашното стопанство, кој носи ризик за нова спирала на поскапувања, која би можела сериозно да ги загрози производителите и потрошувачите

Што доколку продолжи да расте цената на струјата на берзите?

Енергетската криза, според повеќе наши соговорници, енергетичари и економисти, е далеку од завршена. Таа во наредниот зимски период ќе има голем удар врз домашното стопанство. Клучен елемент е снабдувањето на домашните компании со енергија, при што се истакнува дека стабилноста на пазарот на електрична енергија ќе биде клучен фактор за избегнување нови ценовни шокови.
Експертите за енергетика алармираат дека само во еден месец регистрирале дека „цената на струјата пораснала за над 200 проценти“. Економистите, пак, предупредуваат дека „ако продолжи растот на цената со ова темпо, ќе се најдеме во ситуација кога многу производители ќе бидат принудени да ги зголемат цените на производите, а тоа ќе влијае на инфлацијата“.
Претставници од домашниот бизнис-сектор, поточно од реалната (производствена) економија, веќе се обратија до Владата за да се направи заедничка краткорочна стратегија по овој основ. На итната средба со министерот за економија од страна на претставниците на реалниот сектор на маса беше ставен предлогот „да не се воведуваат ограничувања на цените на производите, со оглед на силниот тренд на раст на цените на струјата“. Според нив, таквите мерки би можеле дополнително да ја дестабилизираат индустријата. Наедно, претставниците од реалниот економски сектор истакнале дека треба да се најдат заеднички сили за Владата да препознае некакво „избалансирано решение, со кое ќе се заштитат и производителите и потрошувачите“! Во тој контекст експертите истакнуваат дека единствено во синергија на реалната економија со Владата треба да се оди на планирање и реализација на подолгорочни решенија што вклучуваат домашно производство на струја, без разлика на ограничувањата што ни ги наметнува ЕУ. Само на тој начин може да се спаси домашното производствено стопанство. Враќањето на регулираниот пазар е опција, но тоа не смее да биде краткорочна мерка, туку дел од поголема стратегија, објаснуваат експертите.

Регулаторната комисија за енергетика за враќањето на малите потрошувачи на регулираниот пазар

Од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) појаснуваат дека малите потрошувачи имаат можност да се вратат на регулираниот пазар. Според РКЕ, тоа би им донело поголема стабилност во ваква ситуација.
– Поголемиот дел мали потрошувачи, кои лани во ноември се префрлија на слободниот пазар поради пониските цени, сега се соочуваат со нови предизвици. Регулираниот пазар може да биде решение за нив, но секој потрошувач мора да направи детална анализа пред да донесе одлука – изјавуваат од РКЕ.
Имено, префрлањето на слободниот пазар започна минатата година, кога цените на струјата беа пониски. Минатата година околу 17.000 мали потрошувачи, поради пониските цени на струјата, преминаа на слободниот пазар. Сепак, со новиот тренд на покачување на цените, многумина од нив размислуваат за враќање на регулираниот пазар, кој нуди поголема предвидливост.
Во тој контекст, за потсетување се и размислувањата за цената на струјата за домаќинствата. Премиерот Мицкоски неколкупати рече дека нема да има скок на цената, а ако дојде до тоа, ќе биде до 3 проценти. За неколку дена ЕСМ треба да достави нова понуда со цена на својата електрична енергија до универзалниот снабдувач „ЕВН хоум“, од која всушност најмногу ќе зависи каква ќе биде цената за граѓаните. Од Владата тврдат дека и новата понуда од ЕСМ ќе се движи помеѓу 58 и 62 евра.