Конференцијата на Обединетите нации за климата (КОП29) во Баку ја напуштија повеќе држави
- Некои од присутните делегати жестоко ги критикуваа богатите нации што не сториле повеќе. Претставници на посиромашните земји изразија незадоволство, вклучувајќи и кон домаќинот Азербејџан, поради штурото „брзо поминување низ оспоруваниот план“. Претставниците од помалку развиените земји, од повеќе од десетина земји, го напуштија консултативното заседание на КОП29 во знак на протест. Нацрт-предлогот, како несоодветен на потребните, бил категорично отфрлен од африканските земји и десетина мали островски држави
- Битката“ е сѐ пожестока, а поделбата помеѓу богатите и сиромашните држави е сѐ понагласена. Побогатите земји, како што се САД, Канада, Велика Британија и Германија, ги зголемија своите економии и се збогатија преку користење нафта, гас и јаглен, па сега имаат пари да се префрлат на позелени извори(?!). Тие сега наметнуваат „зелени агенди“ за строга употреба на обновливи извори на енергија, на тој начин инхибирајќи ги земјите во развој да влезат во економска кондиција за раст и развој
Земјите учеснички на климатската конференција на Обединетите нации (КОП29) во Баку, Азербејџан, завчера усвоија глобална финансиска цел од 300 милијарди долари годишно за да им помогнат на посиромашните нации да се справат со влијанијата на климатските промени. Но договорот од страна претставниците на земјите во развој беше критикуван како „исклучително недоволен“.
Некои од присутните делегати ги критикуваа богатите нации што не сториле повеќе, а изразија незадоволство и кон домаќинот на Азербејџан поради брзо поминување низ оспоруваниот план. На пример, претставниците на десетина мали островски држави и на најмалку развиените земји го напуштија консултативното заседание на КОП29 во знак на протест против финансискиот договор, уште пред да биде усогласен.
– Со жалење можам да кажам дека овој документ не е ништо повеќе од оптичка илузија. Ова, според наше мислење, нема да одговори на огромниот предизвик со кој се соочуваме сите. Ние сме екстремно разочарани. Затоа се спротивставуваме на усвојувањето на овој документ – рече претставничката на индиската делегација Чандни Рајна на завршната седница на самитот, неколку минути по потпишувањето на договорот.
Најмалку развиените земји како Мозамбик и островските држави како Самоа се гневни што нивните апели се игнорирани.
– Тука сме да преговараме, но заминавме. Во моментов чувствуваме дека таму не нè слушаат – истакна самоанскиот министер за природни ресурси и животна средина Седрик Шустер, заканувајќи се пред да ја напушти средбата дека неговата земја целосно ќе излезе од КОП29.
Нацрт-предлогот на договорот категорично отфрлен од африканските држави
Нацрт-предлогот, како несоодветен на потребните, бил категорично отфрлен од африканските земји и малите островски држави, според првичните информации.
– Предвидената сума е помала од барањата на земјите во развој и не е во согласност со трилионите долари што ќе им бидат потребни во следната деценија. Но тоа беше веројатно најдоброто што можеа да го добијат во време на геополитички турбуленции и заострување на поделбите меѓу побогатите и посиромашните нации – наведува реномираниот медиум „Политико“.
На развиените земји сега им е потребно надворешно финансирање од приближно еден трилион долари годишно до 2030 година за да ги исполнат своите климатски цели, според студијата на експерти поддржани од Обединетите нации. Јавните финансиски текови треба да изнесуваат 300 милијарди долари до 2030 година, а таа бројка треба да се зголеми на најмалку 390 милијарди долари годишно до 2035 година, се наведува во студијата. Групата од 77 земји во развој, кои преговараат како блок, не сака да прифати сума под 500 милијарди долари годишно.
Сѐ поизразени поделбите меѓу богатите и сиромашните
Битката е сѐ подлабока, а поделбата помеѓу богатите и сиромашните држави е сѐ понагласена. Побогатите земји, како што се САД, Канада, Велика Британија и Германија, ги зголемија своите економии и се збогатија преку користење нафта, гас и јаглен, па сега имаат пари да се префрлат на позелени извори(?!). Тие сега наметнуваат „зелени агенди“ за строга употреба на обновливи извори на енергија, на тој начин инхибирајќи ги земјите во развој да влезат во економска кондиција за раст и развој. Развиените држави многу добро знаат дека обновливите извори на енергија имаат далеку помалку моќен енергетски потенцијал за разлика од енергијата произведена од т.н. базни извори (базна енергија), така што „зелената енергија“ не може да ги движи енергетски интензивните индустрии на пример во примарниот (екстрактивен) сектор, а уште повеќе во секундарниот (производствен) сектор (како челичната, хемиската индустрија итн.). На тој начин развиените земји го продлабочуваат јазот на разлика со земјите во развој и ја опструираат нивната линија на развој и економски раст.
Тука се засегнати сите земји во развој, на сите континенти како што е Африка, а тука се заливските земји богати со нафта и економиите во развој, како што се Бразил и Индија итн.
На конференцијата во Баку голем број претставници на земјите во развој истакнаа дека „во земјите во развој десетици милиони луѓе сè уште немаат електрична енергија, а владините буџети се ограничени, честопати поради отплатата на долгови“.
Но поделбата е уште посложена од тоа. Малите острови и десетици длабоко сиромашни земји придонеле малку од емисиите за загревање на планетата, а сепак се многу ранливи на топлотните бранови, поплавите и другите природни непогоди.
Финансиската битка траеше долго време. И земјите ги поминаа изминатите три години подготвувајќи се да ја решат на овие разговори, познати како КОП29. Новата цел го заменува ветувањето старо 15 години во кое побогатите земји се заложија дека ќе испорачуваат 100 милијарди долари годишно од 2020 до 2025 година. Тие не го исполнија тоа ветување сѐ до 2022 година. Р.С.