За потсетување на јавноста, особено е контроверзно отуѓувањето на македонското културно наследство од страна на царска Бугарија во текот на Првата светска војна, бидејќи отуѓувањето имаше цел да го скрие, поточно украде македонскиот идентитет, но и македонското културно наследство да се претстави како бугарско културно наследство. Всушност, откритијата кај селото Корошишта ги засилија идеите во експертските кругови Македонија како држава да започне официјална постапка за враќање на отуѓеното македонско културно наследство, а предмет на враќање не треба да бидат само златните маски од некрополата Требениште туку и големиот број реликвии што ѝ припаѓале на Охридската архиепископија, како што е митрата на охридските архиепископи од крајот на 17 и почетокот на 18 век, која денес се наоѓа во Националниот историски музеј во Софија
Рефлексии од неодамнешните епохални археолошки откритија од периодот на Античка Македонија кај с. Корошишта, Струшко (2)
Современата македонска држава изобилува со богата материјална култура, како што се артефакти, ракописи, книги итн., но голем дел од ова значајно македонско културно наследство е отуѓен и не може да се види во македонските музеи или други институции. Совршен пример за тоа се артефактите, вклучувајќи и златни погребни маски, кои беа пронајдени во некрополата Требеништа, а денес се наоѓаат во Националниот институт и музеј при Бугарската академија на науките во Софија и Народниот музеј во Белград.
Македонското културно наследство го зачувува начинот на кој нашите предци го восприемале светот околу себе, оттука не случајно се вели дека културното наследство од минатото е и наше наследство, наше сеќавањe. Ова наше наследство може да биде поврзано со предмети, нематеријални верувања и практики, како и со физички места. И светската практика потврдува дека секоја сериозна држава е насочена кон зачувување и негување на сопственото културно наследство, затоа што во суштина тоа е зачувување на нештата што го обликувале животот во минатото, а се во корелација со сегашноста и иднината.
Златните маски се неразделен дел од македонското културно наследство
Некрополата Требеништа се наоѓа југозападно од селото Горенци и еден и пол километар јужно од селото Требеништа. Во текот на Првата светска војна бугарската армија случајно открила неколку гроба. Откритието било пријавено во Народниот музеј во Софија, но воените услови не дозволиле веднаш да биде испратен специјалист археолог на локацијата. Во меѓувреме, откриени се уште четири гробници, чиј инвентар исто така е собран од надлежните. Подоцна бугарската владата го испратила во Охрид познатиот археолог Карел Шкорпил од музејот „Варна“. Тој заедно со Богдан Филов презел нови истражувања на локалитетот и открил уште два гроба. Во 1927 година за првпат беа публикувани наодите од некрополата.
Некрополата Требениште има аналогија со некрополата Синдос (Текелиево) во близината на Солун, двата археолошки локалитета имаат идентична материјална култура, меѓу другото имаат идентичен погребниот култ, кој вклучува златни маски, што не е хеленски и не е посведочен во Стара Грција. Некрополата Требениште им припаѓа на Енгеланите, племе што го населувало Охридско-Струшкиот Регион и ги основало градовите Лихнид (Охрид) и Енхалон (Струга), но е составен дел од македонската група племиња познати како Дасарети, кои живееле на север од Епир, односно од реките Апсос и Еордеик. Наде Проева ја докажа поврзаноста на Енгеланите со Бригите, како и нивното учество во формирањето на етногенезата на Античките Македонци.
Енгеланите односно Дасаретите, заедно со Пајонците (живееле по текот на реката Аксиј, од Демир Капија до Таорската Клисура на север), Пелагонците (го населувале денешниот северен дел на Пелагонија), Едонците (населени на север од Пиерида и североисточно од Пангајските Планини), Крестонците (живееле во горниот тек на реката Ехедор, на север од Мигдонија и северозапад од Бисалтија) и Ситонците ја сочинуваат бригиската група на племиња, односно потекнувале од стариот балкански народ Бриги.
Бригите ја населувале целата територија на Македонија и се спомнуваат во „Илијадата“ како сојузници на Троја. Како стари жители на Македонија ги спомнува и Херодот, кој го дава и името на бригискиот крал Мида – запаметен во митологија по неговата способност сѐ што ќе допре да претвори во злато, а Хесихиј запишал дека Бригите биле македонско племе што живеело во соседство на Илирите. Коста Аџиевски констатира блискост меѓу бригискиот јазик и јазикот на Македонците и Пајонците, според него бригискиот јазик, ономастиката и нивната материјална култура станале дел од наследството и културите на Старите Македонците и Пајонците.
Македонското културно наследство се отуѓуваше во интерес на санстефанскиот идеал
Отуѓувањето на златните маски и артефакти од некрополата Требеништа од страна на официјална Софија во 1918 година е особено проблематично и контроверзно. Повеќе документи и сведоштва потврдуваат дека Бугарија како држава во екот на Првата светска војна плански спроведува т.н. научна експедиција предводена од еминентни бугарски научници, експедиција што има цел да го докаже бугарскиот национален карактер на Македонија и македонскиот народ.
Според добро упатени во оваа проблематика, т.н. бугарска научна експедиција од 1916 година во суштина е отуѓување на македонското културно наследство, отуѓување што било насочено кон видоизменување на македонскиот идентитет во бугарски национален идентитет. Дека царска Бугарија плански го отуѓувала македонското културно наследство потврдуваат и извештаите на етнографот Антон Поп Стоилов при Втората бугарска армија. Поп Стоилов по влегувањето на бугарската армија на територијата на современата македонска држава во текот на Првата светска војна посетил неколку македонски града, како што се Крива Паланка, Скопје и Велес, а подоцна и Дојран, Кавадарци, Неготино, селото Ваташа, селото Моклиште и манастирот „Св. Никола“. Од овие места, бугарскиот етнограф отуѓил подвижно македонско културно наследство, кое ѝ го предал на Народната библиотека на Бугарија.
Антон Поп Стоилов во својот извештај со број 35 од 13 февруари 1916 година со началникот на штабот на Втората армија во Струмица информира за својата посета на Дојран и Тиквешко, нагласувајќи: „Со ваша дозвола, господине полковник, од седми до тринаесетти месецов за научни цели ги посетив Дојран и Тиквешко. Ми преставува чест да ви ги претставам резултатите од оваа обиколка… Во Дојран ми беше дадена можност да соберам некои информации за животот на архимандритот Теодосиј, основачот на првата… печатница во Солун во 1838 година, од неговата правнука баба Христена Ташова“. Бугарскиот етнограф исто така во свој извештај истакнува: „Една камена плоча со четири фигури – римска. Осумте споменати споменици им беа предадени на окружниот управител во Кавадарци со извештај бр. 34 од 10 – и со молба истите тие да бидат испратени во Националниот археолошки музеј во Софија“.
Во тој контекст може да се спомене и извештајот од 20 октомври 1916 година, испратен до Главниот штаб на бугарската армија, од страна на бугарскиот етнограф Стефан Лазаров Костов. Во споменатиот извештај Костов информира дека во Софија е однесена Самуилова надгробна плоча од селото Герман. Во извештајот, меѓу другото, се наведува: „По наредба на началникот на штабот на Првата армија… поминав низ селата Нижо Поле, Брајчино, Љубојно, Долно Дупени за селото Герман, во окупираната од нашите војски грчката територија во близина на Преспанско Езеро. Мојата цел беше да го земам од тоа село познатиот натпис на Самуил и да го пренесам во Софија“.
Како резултат на тие активности, Македонија и македонскиот народ беа лишени од сопственото културно наследство. Во тој контекст треба да се спомене и митрата на охридските архиепископи од крајот на 17 и почетокот на 18 век. Таа е подарок од Венеција и е изработена од тамошните златари за охридскиот архиепископ Јосиф (1719-1745). Тежи 1,5 килограм чисто злато и е украсена со 329 скапоцени камења. Се чувала во охридската црква „Света Богородица Перивлепта“ сѐ до 1916 година, кога во екот на Првата светска војна бугарската војска заедно со многу други вредни артефакти ја носи во Софија. Денес митрата е изложена во Националниот историски музеј во Софија. Според некои истражувања, околу 80 реликвии што ѝ припаѓале на Охридската архиепископија денес се наоѓаат во бугарските музеи и други бугарски институции.
Да си го вратиме македонското културно наследство што ни беше отуѓено
Повиците за враќање односно враќањето на отуѓеното подвижно културно наследство, како што се вредните експонати што биле отуѓени и се изложени во голем дел од музеите во светот, се секојдневие. Во тој правец се постојаните апели на Атина до Британскиот музеј трајно да ги врати скулптурите стари 2.500 години, кои британскиот дипломат лорд Елгин ги отстранил од храмот „Партенон“ во 1806 година, за време на периодот во кој Грција била под османлиска власт.
Активностите за враќање на отуѓеното подвижно културно наследство честопати имаат ефект. Таков пример е колеџот „Џизс“ во Кембриџ, кој ја врати статуата на петел украдена од страна на британските војници во 1897 година, еден од стотиците бронзени предмети ограбени од некогаш моќното Кралство Бенин (1180-1897), кое се наоѓало во денешна Нигерија. Станува збор за некои од културно најзначајните африкански артефакти. Овој настан се покажа како пресвртница во долгогодишната борба на африканските земји за враќање на артефактите ограбени од западните истражувачи и колонизатори, во време кога многу европски институции се борат да се справат со културното наследство на колонијализмот.
Што се однесува до враќањето на дел од македонското подвижно културно богатство изнесено во странство, македонските институции досега поведоа постапка за враќање од Албанија на 20 украдени икони, но многубројните артефакти што се наоѓаат во бугарските музеи не се предмет на постапката.
– Доколку се земе предвид дека во Република Бугарија се наоѓа значајно македонско културно наследство, наследство што беше нелегално отуѓено од страна на бугарската држава, како што потврдува примерот со т.н. научна експедиција од 1916 година, македонската држава треба да поведе официјална постапка за нивно враќање – вели наш соговорник што е добро упатен во оваа проблематика.
Според нашите соговорници, ако внимателно се проследат современите текови, Македонија како држава има право да побара враќање на нејзиното отуѓено културно наследство, слично како што бараат Грција или африканските држави. Од друга страна, Бугарија како членка на Европската Унија и во духот на добрососедските односи треба да се согласи на враќање на македонското културно наследство. Тој чин ќе биде унапредување на односите помеѓу Македонија и Бугарија. Д.Ст.