Илустрација: „Нова Македонија“

Кој и зошто сака да ги присвои епохалните археолошки наоди на локалитетот Корошишта, кои им припаѓаат на Античките Македонци

Лицитирање со археолошките наоди во близината на селото Корошишта – во политикантски цели

  • Откриените артефакти од локалитетот Корошишта и најновите археолошки наоди од тоа наоѓалиште добија и пошироки, регионални димензии. За жал, дел од нив добија и карактер на извртени, ненаучни, политикантски тези, кои не се во функција на археолошката наука и на вистината. Имено, обрнуваме внимание дека од некои „центри“ почнаа да се лиферуваат тези за НЕмакедонски карактер на откритијата
  • Имено, извонредно вредното значење на тие артефакти мотивира тврдења дека „археолошките артефакти во Корошишта не се античкомакедонски“, туку дека се „грчко-хеленски“, односно, други, пак, тврдат дека дури се и „илиро-албански“. (!?) Што всушност се случува? Според наши соговорници, одредени центри на моќ повторно и повторно сакаат уште еднаш да присвојат, да ревидираат и да фалсификуваат историски факти, давајќи им фингиран карактер на вредните наоди. Историјата на крадење на културниот идентитет и наследство се повторува, исто како со „златните маски од нашето село Требеништа“, кои сѐ уште се во Софија и Белград

Свето Тоевски

Голема тревога се крена во одредени албански кругови, по откривањето на епохалното археолошко наоѓалиште кај струшкото село Корошишта. ТВ Алсат и редица други медиуми на албански јазик во Косово, Албанија и во Македонија веднаш почнаа да информираат дека се пронајдени „илирски артефакти стари 2.600 години кај Корошишта“.

Одредени медиуми се ставија во функција на ретуширање на историските факти и артефакти

Археолози и историчари Албанци се огласија со барања во натамошните истражувања да се вклучат задолжително и стручњаци Албанци. Во емисијата „Програма 200“ на ТВ Алсат на 17 ноември 2024 година, Фитни Далипи, како што е наведено, „единствениот албански археолог на истражувањата кај Корошишта“, се огласи со тврдењето дека „артефактите во Корошиште кај Струга се илирски“!
– Нема дилема дека археолошките артефакти во Корошиште кај Струга се илирски! Ова го признаваат и македонските археолози – кажа Далипи во „Програма 200“.
Тој заедно со археологот Сали Ислами, кој, исто така, бил интервјуиран во оваа емисија, упатил повик за вклучување професионалци во институциите, како и за оддалечување на политиката од археологијата. Со други зборови, да има и експерти Албанци, а не само Македонци во натамошните истражувања кај Корошиште, но и во стручната експертиза на стоте наоди.
Во статија објавена во информативниот портал на албански јазик „Коха“ на 16 ноември 2024 година, Фитни Далипи ќе нагласи дека „покрај брегот на Охридско Езеро и во околината на Струга живеел илиро-албанскиот род Енкелејти“ и оти „археолошките наоди во Корошишта ѝ припаѓаат на илиро-албанската култура“.
– Енкелејтите живееле на овие простори и тие се Илири. Ние, Албанците сме наследници на Илирите и затоа етнички носители на таа култура сме ние, Албанците – рече Далипи. Во истата таа статија д-р Миџаит Положани, археолог и професор по историја на уметноста во државниот Универзитет во Тетово, се придружи кон тврдењата на Фитни Далипи дека „Корошишта е илиро-албански археолошки локалитет“. Како што имаат објавено порано информативните агенции, во една друга опширна статија за порталот „Коха“ уште на 2 август 2017 година, Миџаит Положани има изнесено тврдење дека „поголем дел од територијата на денешна Македонија е илирски“.
– Илирски докази има во огромниот дел на Македонија, кои се наоѓаат во антички пишани извори, стари историски карти, археолошки материјали, епиграфски материјали. Да ги споменеме илирските племиња: Дарданците, Пајонците, Линкестите, Пенестите, Дасаретите и откриените и неоткриени антички илирски градови: Лихнидос, Енкелана, Ускана, Драудакум, Онеум, Скупи, Дамастиони, Ламуд(ава), Хераклеја и други, кои се идентификувани на денешната територија на Македонија – има напишано Миџаит Положани.

Грабање за македонската историја: Грчките тврдења дека артефактите се „грчко-хеленски“ се нападнати од Албанија од каде што се тврди дека наодите се „илиро-албански“?!

Докажувањето на „илирскиот карактер“ на локалитетот Корошишта и на најновите археолошки наоди оттаму доби и пошироки, регионални димензии, па премина во тврдења дека археолошките артефакти во Корошишта не се ниту македонски ниту „грчко-хеленски“, туку „илиро-албански“. Во овој контекст се вклучи и информативниот портал „Еуроњуз“ од Албанија, кој направи интервју со историчарката Арбнора Муса и го постави на видеоплатформата Јутјуб. Како што пренесуваат информативните агенции, Арбнора Муса, „која присуствувала на најновите ископувања“, констатира дека „80-те откриени артефакти се илирски“. Таа во интервјуто „силно се спротивстави на апсурдните грчки тврдења дека ова се хеленски, а не илирски артефакти“.
– Најновите наоди во Корошишта се од епохално значење. Но не само Корошишта, туку и Требеништа е илирски археолошки локалитет. На овој поширок простор живееле илирските племиња Енкелејти и Дасарејти. Во Требеништа во 1916 година биле пронајдени 800 важни артефакти, кои ги однеле Бугарите и Србите – тврдеше историчарката Арбнора Муса во споменатото интервју за „Еуроњуз“ од Албанија.
Ова е само дел од медиумските кампањи однадвор со кои преку присвојување на нашите очигледно античкомакедонски артефакти, всушност се продолжува тенденцијата на фалсификување на историјата, а со тоа и на осакатување на нашиот македонски супстрат, односно продолжува поткраднувањето на клучните историски извори од мозаикот на нашиот идентитет.


Македонската академија на науките и уметностите во своето „Обраќање по повод ‘Платформата за решавање на албанското национaлно прашање’ на Академијата на науките на Албанија“ ќе истакне дека македонските Словени се основен етнички чинител во Македонија, а постоење на Илири по текот на Вардар до денес не е утврдено ни од археолошката ни од другите сродни научни дисциплини

МАНУ уште во 1999 година аргументираше дека „Корошишта и голем дел на Македонија не се илиро-албански“!

Уште на 13 мај 1999 година, Претседателството на Македонската академија на науките и уметностите во своето „Обраќање по повод ‘Платформата за решавање на албанското национaлно прашање’ на Академијата на науките на Албанија“ ќе истакне дека македонските Словени се основен етнички чинител во Македонија, а постоење на Илири по текот на Вардар до денес не е утврдено ни од археолошката ни од другите сродни научни дисциплини.
– Погледите, изнесени во Платформата на Академијата на науките на Албанија, се јасно искажана посесивност над македонскиот простор. Прогласувањето на повеќе од половината на македонската територија за милениумски етнички албански простор не може да го разбере ниту еден истражувач на минатото на Балканот што ја проучува етногенезата на кој и да било народ. Каква е историската вистина? Основната старобалканска популација на Македонија сигурно ја претставуваат Пајонците во нивниот допир со Античките Македонци, со јасно искажана државност и културни особености, кои покажуваат дека тие не се ниту Илири, ниту Тракијци. Во Платформата се подвлекува дека јужноилирската популација била етничка основа на албанскиот народ, но на територијата на Македонија овој етнос никогаш го немало – аргументираше МАНУ.
Македонската академија на науките и уметностите во тоа свое „Обраќање…“ беше категорична дека во етнокултурната и демографската историја на овој дел од Балканот Албанците како посебен етнос се регистрирани во историјата многу подоцна под албанско име.
– Во науката постои спор и нагласена поделеност за илирската основа на Албанците и за нивниот континуитет со илирскиот етникум. Словенски топоними во Балканот се документирани кај грчки и римски автори (Прокопиј, Јордан и др.) во шестиот век, а првиот познат податок за Албанци во византиски и јужнословенски извори е дури од 11 век, околу 600–700 години по последното спомнување илирски племиња. Првата писменост на албански јазик се појавува одвај во 15 век – има нагласено МАНУ тогаш.
Што е натаму во приказната за гробницата кај Корошишта и нејзините археолошки наоди, во секој случај од епохално археолошко значење за историјата и културата на овие простори? За едните, за Албанците, во наредните уште подетални ископувања и истражувања на стоте ископани артефакти ќе треба да се докажува нивното „илирско-албанско потекло“, а за другите, за Македонците, ќе се придодадат во античкомакедонското наследство и култура на македонскиот народ во неговата историја со континуитет уште од антиката до денешни дни.
Aлбанската коалиција Вреди, како дел на Владата на Република Македонија, веќе се огласи со повик „да продолжат ископувањата во Корошишта и другите археолошки локалитети во околината на Струга, со посебно барање: ’Да бидат присутни археолози без оглед на нивната етничка припадност‘. Што значи, не само археолози Македонци туку и археолози Албанци, при што коалицијата Вреди конкретизира дека археолозите Фитни Далипи и Миџаит Положани се веќе присутни во истражувањата цело време“.

Фото: Министерство за култура

За потсетување, нашиот медиум во својата опширна статија објавена на 11 ноември годинава ја презентираше научно фундираната аргументација за наодите на богатото археолошко откритие од селото Корошишта и непобитните инсигнии од артефактите што им даваат карактер дека истите тие им припаѓаат на Античките Македонци

Македонската наука аргументира: Локалитетот и наодите
од Корошишта им припаѓаат на Античките Македонци!

Македонските научници со научните факти и аргументи стојат на другиот, целосно спротивен крај на ваквите тврдења на албанската наука за археологијата и историјата во врска со „илиро-албански карактер на Корошишта, Требеништа, на тамошните археолошки артефакти, како и на големиот дел на денешната македонска територија“. Во своја опширна статија објавена на 11 ноември годинава, „Нова Македонија“ ја донесува научната аргументација дека наодите на богатото археолошко откритие од селото Корошишта им припаѓаат на Античките Македонци.
Во оваа своја статија „Нова Македонија“ објави: „Повеќе нови истражувања, особено она на проф. д-р Наде Проева, потврдуваат дека станува збор за гробни наоди што му припаѓале на античкото македонско племе Енгелани (Енхелејци). Енгеланите го населувале Охридско-струшкиот Регион и ги основале градовите Лихнид (Охрид) и Енхалон (Струга), но се составен дел од поголемата македонска група на племиња, познати под заедничкото име Дасарети. Наде Проева со своите истражувања ја докажа поврзаноста на Енгеланите со Бригите (стар балкански народ што ја населувал цела Македонија), како и нивното учество во формирањето на етногенезата на Античките Македонци. Според нашите соговорници, кои се добро запознаени со оваа проблематика, станува збор за нов локалитет, досега непознат во историската наука и археологија, но особено важен за дополнително запознавање со минатото од просторите на Македонија“.

Розетата од Корошишта е уште една потврда за распространетоста на сончевиот култ кај Македонците

„Според нашите соговорници, новиот богат гроб во струшкото село Корошишта потврдува дека станува збор за античко македонско племе и одделна култура што е поврзана со другите антички македонски племиња. Меѓу наодите се забележува и сонцето како симбол, а култот кон Сонцето бил најважен и најраширен култ кај Античките Македонците. Истражувањата покажаа дека кај Античките Македонци сончевата розета е еден од најчестите симболи. Оваа розета се сретнува на македонскиот штит, а ја има и на многу други предмети, како што се накитот и оружјето, што се потврди од новите наоди во селото Корошишта. Најран приказ на сончева розета е прикажан на една бронзена дијадема од деветти век пред нашата ера во некрополата во Кутлеш. Шематизирани прикази на розета се среќаваат на македонските штитови, како и на надгробните споменици од римско време, најчесто по средниот тек на реката Вардар, во некогашната Пајонија“.
Фактите изнесени во оваа статија на „Нова Македонија“ за распространетоста на сончевата розета, како еден од најчестите, но би се рекло и клучен симбол кај Античките Македонци не само на територијата на денешна Македонија туку и на целата некогашна етногеографска територија на Античка Македонија, се во судир со тврдењата на албанските археолози и историчари за „илиро-албански карактер на Корошишта, Требеништа и голем дел на денешна Македонија“.

Во овој контекст спаѓа и научниот труд „Ономастика и етничка структура на западниот дел на Македонија во античкиот период“ на професорката д-р Наде Проева, една од водечките македонски историчари, која се занимаваше со антиката. Македонските медиуми уште во 2015 година имаат објавено клучни делови од тој труд на Проева, објавен од страна на Центарот за балканолошки истражувања во Сараево во 1991 година (Годишник на Академијата на науките и уметностите на Босна и Херцеговина). Осврнувајќи се на Енхелејците во него, покрај другото, Проева има нагласено: „Што се однесува до Енхелејците, ‘македонските’ Енхелејци, за разлика од ‘беотските’, се спомнуваат околу Охридско Езеро и во најстарите извори не се Илири… Сочуваниот облик Енгелани, како и материјалната култура говорат против илирското потекло на Енхелејците… Некрополата и културата во Требениште немаат ништо заедничко со Илирите“.
Поодделно околу „илиричноста“ на македонската територија, особено нејзиниот западен дел, во споменатиот научен труд Наде Проева аргументира дека „ономастиката (наука за потеклото на имињата) не го потврдува илирското потекло на племињата во Западна Македонија: Династичките борби за македонскиот престол биле една од причините за слабеење на власта во македонската држава, така што доведува до повремени промена на границите и дел од македонските племиња во одреден период влегуваат во состав на илирската држава. Но тоа не значи дека се илирски, како што сакаат одредени историчари да ги прикажат. Разликата во материјалната култура меѓу илирските области и Македонија може да се следи уште од крајот на бронзеното време. Ономастиката не го потврдува илирското потекло на племињата во Западна Македонија“. Св.Т.


Петре М. Андреевски за тоа кој народ од Балканот што сака да си земе од македонскиот народ

Сите наши соседи и денеска нѐ одрекуваат и во исто време нѐ посакуваат!

Македонското археолошко друштво во своја реакција до јавноста, покрај другото, деновиве порача: „Во археологијата не познаваме националност и етничка припадност, туку професионалци и дилетанти. Во Македонското археолошко друштво друштвото членуваат, а во институциите работат археолози со различна етничка припадност, чија работа е објективно толкување на откритијата. Во археолошките ископувања во Корошишта во стручниот тим беше вклучен припадник од албанска националност, кој одамна учествува во истражувањата во Охридско-струшкиот Регион поради неговата професионалност, а не поради неговата етничка припадност“.
Додека се судираат, од една страна „илиро-албанската приказна“ за Корошишта и Македонија, а од друга страна „античкомакедонската приказна“ за тоа, во меѓувреме низ Балканот и во македонската книжевно-национална меморија ќе продолжи да одекнува предупредувањето на македонскиот книжевен гениј Петре М. Андреевски до македонскиот народ, изнесено во интервјуто за „Пулс“ во октомври 1993 година, околу тоа кој народ во Балканот што сака да си земе од македонскиот народ: „Сите наши соседи и денеска нѐ одрекуваат и во исто време нѐ посакуваат. Грците го бараат ексклузивното право над Македонија и нејзиното име. Србите и Бугарите со нашата историја ги пополнуваат своите празни места. Албанците бараат простор за живеење“.