Фото: „Нова Македонија“

Експертите укажуваат дека со оглед на природните богатства, земјата има што да понуди, особено на полето на алтернативниот туризам, но инвестициите во рехабилитација на старите и во нови сместувачки капацитети се неопходност за да се „окупира“ или да се привлече вниманието на туристите, кои сѐ повеќе бараат креативност и алтернативи. Македонија нуди колосален потенцијал, а вложувањата (наспроти понудата) би биле минимални

Туризмот има многу форми и голем потенцијал, ќе знаеме ли да развиеме до совршеност барем еден облик на туризам во Македонија?

Како да се постигне подолг престој на туристите што ја посетуваат Македонија и како да се поттикнат посетителите од странство да посетуваат повеќе места во земјава? Ова се едни од клучните прашања што можат да водат до поголем раст на туристичкиот сектор во Македонија.
Последните податоци на Државниот завод за статистика покажаа дека во септември Македонија ја посетиле 134.829 гости, при што 33.165 се домашни, додека 101.664 се странски посетители. За периодот од почетокот на годината, па сѐ до крајот на септември, нашата земја ја посетиле 1.030.681 турист, од кои 360.140 се домашни гости, додека 670.541 странски. Бројките откриваат дека за периодот јануари – септември годинава, во споредба со истиот период минатата година има раст на туристите од 8,3 проценти.

Македонија има навистина многу да понуди, податоците покажуваат потенцијал за раст на туризмот

Но Македонија има потенцијал за многу поголем раст на туризмот, особено ако се видат деталите од податоците на ДЗС. Имено, најголем дел од туристите што нѐ посетуваат се сконцентрирани во главниот град Скопје или, пак, во езерските места, поточно Охрид и околината на Охридско Езеро.
Бројките говорат дека од вкупниот број посетители во септември, најголем дел престојувале во „езерските места“ или 58.874 туристи, додека веднаш зад нив во посетеност е Скопје со 43.893 гости. На трето место според бројот на туристи се „други места“ каде што сме примиле 23.518 туристи.
Со оглед на тоа што Македонија поседува многу природни убавини, има потенцијал за поголем број посетители, но потребни се голем број „интервенции“, кои може да придонесат за поголем број посетители во земјава. Паралелно со растот на посетителите, потребно е да растат и локациите што ќе примат повеќе туристи.
Експертите укажуваат дека со оглед на природните богатства, земјата има што да понуди, особено на полето на алтернативниот туризам, но инвестициите во рехабилитација на старите и во нови сместувачки капацитети се неопходност за да се „окупира“ или да се привлече вниманието на туристите, кои сѐ повеќе бараат креативност и алтернативи. Македонија нуди колосален потенцијал, а вложувањата (наспроти понудата) би биле минимални
– Со развојот на алтернативните форми на туризам, на пример во македонската туристичка понуда може да се вклучат рурален, авантуристички, културен, еногастро-туризам и други форми, со што има голем потенцијал за привлекување повеќе туристи. Македонскиот туристички продукт е мешавина од богато културно наследство и неисцрпно природно богатство. Треба да се работи на интензивна промоција на севкупната туристичка понуда. Со тоа би се зголемил бројот на странски туристи и ноќевања, но ќе се зголеми и атрактивноста на дестинацијата и конкуренцијата – укажуваат туризмолозите.
Податоците покажуваат дека најмногубројни туристи последниве месеци, но и години се гостите од Турција, кои доаѓаат најчесто на еден-два дена, а престојуваат претежно во главниот град, но во летните месеци се зголемува и бројот на туристи од соседството, како и од Полска, Романија и Холандија, кои, пак, ги посетуваат Охрид, езерата и престојуваат пет-седум дена.
Па така, во септември нѐ посетиле 34.844 гости од Турција, кои се убедливо најмногубројни. Потоа доаѓаат гостите од соседна Србија, од каде што пристигнале 8.155 гости, а потоа следуваат гостите од Германија, од каде што во септември дошле 5.607 лица. Веднаш зад нив се гостите од Полска, од каде што дошле 4.717 лица, па следуваат гостите од Романија и Холандија. Имено, од Романија пристигнале 3.458 гости, додека од Холандија 3.594 лица.
Директорката на Агенцијата за поддршка и развој на туризмот, Билјана Стефаноска, неодамна укажа дека во нашата земја најмногу доаѓаат туристи преку групни посети, кои прават кружни тури, а индивидуалните посети се претежно од скандинавските земји, но се во многу помал број.
– Индивидуални посети се забележани кај туристи од скандинавските земји и кај гостите од Србија. Тие се наедно и во топ 10 најредовните туристи кај нас. Од Холандија, Турција, Полска има најчесто групни посети. Холанѓаните и Полјаците се задржуваат приближно една недела, овде не се работи за транзит-туристи, кои, за жал, се во многу поголем број од туристите што остануваат подолго. Како на пример Турците, тие во Македонија остануваат максимум до две ноќевања. На тоа сакаме да работиме малку повеќе во иднина, како да ги задржиме подолго – вели Стефаноска.

Потребни се национална стратегија за туризам и промоција

Според Стефаноска, коренот на проблемот е тоа што Македонија нема национална стратегија за туризам, а за нејзина изработка е потребна поддршка од Владата.
Туризмолозите објаснуваат дека е сосема очекувано први и најчести гости да бидат соседите или гости од земји во поблиската околина, бидејќи се поблиску, и тие треба да бидат прва дестинација за привлекување туристи.
– Овие месеци доминираат туристите од Турција, претходно тоа биле гостите од Бугарија или од Србија. Од година на година се менува состојбата, но тие се најблиску географски и тие најчесто може да нѐ посетуваат. Дополнително меѓу најмногубројните гости ни биле и Полјаците и Холанѓаните, кои ги привлековме на поинаков начин, со помош на промоција и субвенционирани чартер-летови – вели туризмолог познат на редакцијата.
Друг начин за привлекување туристи е преку промоции и реклами, бидејќи тие се начинот луѓето во другите земји да дознаат за нашите убавини. Но паралелно со промоцијата, мора да се работи и на понудата, да има капацитети што ќе ги прифатат гостите, но да има и соодветни услови за нивно уживање или да имаат исполнети денови со разни активности.
Битен фактор за подолг престој се и мобилноста, превозните опции, од рентакар, па сѐ до други форми на превоз, поволни патишта за побрзо поврзување на една со друга дестинација, како и до сите лица ангажирани во туристичкиот сектор. Е.Р.


Алтернативниот туризам во фокусот

Има повеќе видови алтернативен туризам, а најчесто споменуван е екотуризмот, потоа следуваат винскиот туризам, руралниот туризам, планинскиот велосипедизам, нуркачкиот туризам, алпинизмот, параглајдерството, хербалниот туризам, спелеолошкиот туризам.
Сите овие форми на алтернативен туризам се современи форми и облици на туризам. На пример, екотуризмот претставува туристичка алтернатива што произлегува од суштествената потреба на човекот за враќање кон природата, во услови кога под наплив на урбанизацијата и индустријализацијата доаѓа до потиснување на „чистата природа“. Сѐ поретки се можностите да се биде во простор со автентични вредности. А тоа во Македонија е можно. Така туристите се поттикнуваат за посета и престој во средини во кои екосистемите како вредност претставуваат основа за заштита. Заштитените средини се подрачја во кои постојат потенцијали за туристички екоактивности.
Македонија изобилува со природни убавини и реткости, но и со богато историско културно минато. Таа сѐ уште е „бисер на Балканот“. Основни региони со можност за развој на алтернативниот туризам се националните паркови (Галичица, Маврово, Пелистер), природните езера, различни локалитети со карактеристична историја и природа со богат биодиверзитет (голем број ендеми), пештери, водопади и друго. Затоа, туристичките работници генерираат волја во годините што следуваат да се развива алтернативниот туризам во Македонија.