• Регистриран е пресечен телекомуникациски кабел што ги поврзува Финска и Германија. Настанот се случил во шведски територијални води јужно од островот Еланд, на околу 700 километри од финскиот главен град Хелсинки. Дополнително, оштетен е и телекомуникациски кабел што го поврзува шведскиот остров Готланд со Литванија
  • Истражителите се обидуваат да ја решат мистеријата за тоа како два подводни интернет-кабли во Балтичко Море биле пресечени во рок од неколку часа, при што европските власти велат оти веруваат дека прекинот бил чин на саботажа, а американските власти сугерираат дека најверојатно станува збор за несреќен случај

Два подводни интернет-кабли во Балтичко Море беа ненадејно прекинати. Во вакви турбулентни политичко-безбедносни околности, светските медиуми веднаш истрчаа со мислење дека се подлабоки сомнежите за извршена диверзија или за саботажа. За издвојување е дека некои од традиционалните медиуми напишаа дека е можно и дека станува збор за несреќен случај.
Истражителите се обидуваат да дојдат до одговори за инцидентите, кои беа регистрирани од надлежните телекомуникациски оператори во ноќта помеѓу неделата и понеделникот (17 и 18 ноември).
Засега е познато дека „кабел што ги поврзува Финска и Германија бил пресечен во шведски територијални води јужно од островот Еланд, на околу 700 километри од финскиот главен град Хелсинки. Дополнително, оштетен е и телекомуникациски кабел што го поврзува шведскиот остров Готланд со Литванија“.
– Можеме да потврдиме дека прекинот на интернет-сообраќајот не е предизвикан од дефект на опремата, туку од физичко оштетување на оптичкиот кабел – соопштија од шведската компанија „Телија“ надлежна за кабелот што ги поврзува Готланд и Литванија, врз основа на информациите од нивните системи за следење на активностите.
Кабелот што ги поврзува Финска и Германија, исто така, бил прекинат, според државната финска компанија „Синија“, која е надлежна за телекомуникациската врска. Кабелот „си-лајон“ – единствената директна врска од ваков вид помеѓу Финска и Централна Европа – се протега на речиси 1.200 километри, заедно со други клучни инфраструктурни врски, вклучувајќи и гасоводи.
Во тек се поправки на каблите за кои вообичаено се потребни помеѓу пет и 15 дена, како што соопштија надлежните.

Различни ставови на Европа и на САД за инцидентот

Истражителите се обидуваат да ја решат мистеријата за тоа како два подводни интернет-кабли во Балтичко Море биле пресечени во рок од неколку часа, при што европските власти велат оти веруваат дека прекинот бил чин на саботажа, а американските власти сугерираат дека најверојатно станува збор за несреќа.
Европските лидери брзо ги изразија своите сомнежи по ненадејниот прекин на каблите. Германскиот министер за одбрана Борис Писториус рече дека „никој не верува оти овие кабли биле случајно пресечени“. Шведскиот министер за цивилна одбрана Карл-Оскар Болин, пак, изјави дека вооружените сили и крајбрежната стража на земјата откриле движења на бродови што одговараат на прекинот на двата телекомуникациски кабли во Балтичко Море.
Министрите за надворешни работи на Финска и на Германија во заедничка изјава рекоа дека се „длабоко загрижени“ за инцидентот и ја истакнаа можноста дека тоа е дел од „хибридна војна“, конкретно спомнувајќи ја Русија во нивната изјава. Нивната процена се должи на обвинувањата кон Русија за водење хибридна војна против Европа.
Прекинот на каблите следува неколку недели откако САД предупредија дека Москва најверојатно ќе ја нишани критичната подморска инфраструктура. Истовремено, западни медиуми известуваат и за засилени активности на руска тајна поморска единица задолжена за испитувања на морското дно, како и за забележано движење на руски бродови во европските води во изминатите неколку месеци.
Но двајца извори од американските надлежни служби запознаени со првичната процена за инцидентот изјавија за „Си-ен-ен“ дека не се верува оти штетата е резултат на намерна активност од страна на Русија или од која било друга нација. Наместо тоа, тие посочија дека веруваат оти инцидентот најверојатно е предизвикан од сидро од брод што минувал во близината на каблите. Вакви несреќи се случувале и претходно, иако не толку брзо последователно, како двете со подводните кабли во Балтичко Море.
Кремљ завчера ги отфрли „смешните“ сугестии дека Русија е вмешана во инцидентите, велејќи дека е „апсурдно постојано да се обвинува Русија за што било без никаква основа“.
Од друга страна, данските одбранбени сили соопштија дека го следат кинескиот товарен брод „Ји Пен 3“ што поминал во теснецот Категат помеѓу Данска и западниот брег на Шведска, објави специјализираната веб-страница „Маринтрафик“, притоа нагласувајќи дека нема докази што го инкриминираат пловилото што е во сопственост на кинеска компанија. Р.С.