Фото: Архива на „Нова Македонија“

За вчера беа свикани вонредни седници на Советот на Град Скопје и на Владата на кои требаше да се расправа за проблемот со јавниот градски превоз во обид да се најде решение. Незадоволните граѓани, како и дел од партиите, побараа оставка од скопската градоначалничка Данела Арсовска, во ситуација кога колапсот на градскиот превоз е последниот во низата проблеми што го измачуваат Скопје, вклучувајќи ги и несоодветното одржување на јавната хигиена и глутниците кучиња скитници. Во таква ситуација можеби би било доблесно од градоначалничката да размислува за повлекување од функцијата во интерес на граѓаните и заради наоѓање решение за ќор-сокакот, кога веќе актуелните градски власти не се во можност да одговорат на предизвиците за управување со градот

Скопските улици оставени без автобуси, граѓаните на Скопје без јавен превоз, а градските власти без образ

Повеќемесечните тешкотии со одвивањето на јавниот автобуски превоз во Скопје, во текот на изминатите два дена достигнаа критична точка, оставајќи ги скопјани да се снаоѓаат за превоз како знаат и умеат при извршување на секојдневните обврски, со што беше забележан и голем сообраќаен метеж низ улиците на главниот град. Ненамирените долгови, техничката неисправност на застарените возила, а потоа и недостигот од гориво на автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) резултираа со тоа во Скопје да возат 25 автобуси, наместо 352 колку што се потребни за јавниот градски превоз да функционира.
За вчера беа свикани вонредни седници на Советот на Град Скопје и на Владата на кои требаше да се расправа за проблемот со јавниот градски превоз во обид да се најде решение. Незадоволните граѓани, како и дел од партиите, побараа оставка од скопската градоначалничка Данела Арсовска, во ситуација кога колапсот на градскиот превоз е последниот во низата проблеми што го измачуваат Скопје, вклучувајќи ги и глутниците кучиња скитници и несоодветното одржување на јавната хигиена. Во таква ситуација можеби би било доблесно од градоначалничката да размислува за повлекување од функцијата во интерес на граѓаните и заради наоѓање решение за ќор-сокакот, кога веќе актуелните градски власти не се во можност да одговорат на предизвиците за управување со градот.

Граѓаните оставени на цедило

Граѓаните во утринските часови сами се организираа за превоз за да стигнат до посакуваните дестинации. Евидентиран беше и поголем метеж на улиците, како последица на тоа што сите излегоа со автомобили за да можат да ги завршат дневните обврски. На социјалните мрежи се мобилизираа самите граѓани, па секој превезуваше патници од соседството или, пак, застануваше на постојките и ги качуваше патниците на кои им одговараше трасата на движење. Граѓаните, гневни поради ваквата состојба, велат дека вакво нешто досега во главниот град немало, но и нагласуваат дека тоа не смее да се случува.
– Како главен град може да си дозволи вакво нешто? Доцниме сите и тоа со месеци се случува, сега само го достигна врвот. Автобусите не се редовни, тие што сообраќаат прашање е уште колку ќе издржат, а сите ние некаде треба да стигнеме. Кој на работа, кој на лекар, кој на училиште… Мислам дека градот со ова го допре дното. Подолу едноставно е невозможно да се падне – вели Лилјана Здравковска, скопјанка што си купува месечна карта за користење на автобускиот превоз.
Сосема легитимна е нивната реакција, особено затоа што некои од нив дале пари за месечни карти, а сега немаат како да ги користат.
– Секој месец си купувам месечна карта. Кој ќе ми го надомести сега трошокот што користам такси-услуги или, пак, што го возам моето возило, кое не го користам за да одам на работа – прашува Сузана, која исто така редовно го користи автобускиот превоз.
И во изминатиот период граѓаните беа принудени со часови да чекаат автобуси, а доста често се случуваше возилата воопшто и да не дојдат на постојките. Како една од многуте причини за доцнењето на автобусите беше нивната техничка неисправност, па голем број од нив останаа во невозна состојба, поради тоа што не беа безбедни за сообраќај. Во прилог на тоа говореа и речиси секојдневните инциденти на градските автобуси по скопските улици. Некои од нив останаа паркирани на улиците поради дефекти, а патниците мораа да менуваат автобуси, додека имаше и случаи на избивање пожар во автобусите. Уште поголем проблем на ЈСП, кој трае веќе подолго време, се всушност недостигот од нафта и големиот долг, кој ЈСП го акумулирал кон приватниот снабдувач со нафта, а за кој претпријатието не платило, па така, всушност и секнала доставата на гориво за да можат автобусите да возат.

Протест за да се искаже револтот

Целата ситуација ја прелеа чашата, па гласот го кренаа и некои од градоначалниците, кои повикаа на мирен протест. Еден од нив е градоначалникот на скопската општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, кој ги повика сите граѓани да се приклучат на протестот, кој треба да се одржи денеска, од 13 часот, пред канцелариите на Град Скопје, поради хаосот со јавниот градски превоз.
– Со цел изразување на своето незадоволство од нефункционирањето на јавниот сообраќаен превоз, Општина Шуто Оризари ги поддржува своите граѓани во организација на голем сенароден протест на граѓаните на општина Шуто Оризари пред просториите на Град Скопје и ги повикува сите граѓани на Скопје да се приклучат. Очекуваме преку протестот да пренесеме пораката до градоначалничката на градот Скопје и до ЈСП дека граѓаните на општината Шуто Оризари и воопшто граѓаните на Скопје треба да добиваат услуги за кои плаќаат и дека нефункционирањето на јавниот превоз веќе втора година не само што влијае на влошување на економската состојба на граѓаните, кои треба да користат приватен превоз, туку влијае и на губење на нивните работни места поради нередовност на работа, отсуство од часови на учениците и непосета на лекари од страна на постарите и болните лица – вели Дудуш.
На протестот ќе се приклучат и студентите, затоа што доцнат на предавања и на испити, бидејќи нема автобуси низ Скопје што би ги однеле до факултетите. Во соопштението доставено до медиумите од Универзитетското студентско собрание при УКИМ стои дека по спроведената анкета, на која одговориле над 3.150 студенти, дошле до заклучок дека 93,4 отсто од нив не се задоволни од квалитетот на јавен градски превоз.
– По добиените многубројни интерни поплаки од страна на студентите за време на одржување на колоквиумската недела и предавања при Универзитетот,,Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и спроведената анкета за евидентната катастрофална положба во која се наоѓа градскиот превоз (нередовност на линии, неисправност на автобуси, долго чекање на постојки), која секојдневно го нарушува студентскиот стандард, ви го доставуваме следниот ултиматум: ЈСП – Скопје и градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, до крајот на утрешниот ден да воспостават итна и неодложна редовност на автобуските линии и враќање во нормална функција на јавниот градски превоз во градот Скопје, со цел зачувување на интегритетот на студентите и студентскиот стандард. Доколку не се добие повратен одговор на ова барање и не се регулира сообраќајниот режим, како легитимно тело, кое претставува над 28.000 студенти при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Универзитетското студентско собрание ќе му се приклучи масовно на организираниот протест в петок со цел изразување на огромното незадоволството од менаџирањето на ЈСП – се вели во нивната реакција.

Решение нудат приватните превозници

Решение за проблемот понудија приватните превозници. Но и тука состојбата не е толку едноставна. За да почнат да сообраќаат, тие бараат да им се исплатат долговите. Приватните превозници „Јофи бус“, „Вестор транс“ и „Радос компани“ деновиве апелираа до надлежните за свикување проширен состанок со цел решавање на проблемот со јавниот превоз во главниот град. Оттаму истакнаа дека располагаат со 200 автобуси што не се максимално искористени, а со кои може да се пополни недостигот од автобуси на Јавното сообраќајно претпријатие. На дневно ниво, како што велат оттаму, во Скопје недостигаат од 160 до 200 автобуси.
Како причини поради кои не сообраќаат според зададениот возен ред, приватните превозници ги наведуваат ненамирените долгови кон нив од јуни годинава, недостигот од верификувани извештаи за јули, август, септември и октомври, како и ниската цена што им се плаќа за изминат километар, со која, како што велат, не можат да ги покријат основните трошоци.

Од Независниот синдикат на возачите велат дека состојбата е многу сериозна

Во Скопје од вчера попладне сообраќаат само 25 автобуси, а другите се паркирани во автобазите на ЈСП „Скопје“ во Автокоманда и во Ѓорче Петров поради недостиг од гориво. Африм Муча, претседател на Независниот синдикат на возачите во ЈСП „Скопје“, за МИА изјави дека состојбата е алармантна бидејќи, како што рече, речиси 70 проценти од возилата се паркирани.
– Одговорот е едноставен, нема нафта. Возачите беа повикани да дојдат на работа, но тие се во базите во Автокоманда и во Ѓорче Петров заедно со автобусите бидејќи нема нафта и ТНГ. Во моментов мислам дека околу 70 проценти од автобусите на ЈСП се паркирани во базите. Низ градот сообраќаат мал број двосменски автобуси, кои имаат наточено нафта пред два дена, како и возилата со ТНГ. За нормално функционирање на ЈСП на дневна основа се потребни 25 тони нафта, што не ја добиваме. Нафтата вообичаено ни ја доставува „Пуцко петрол“ во базите на ЈСП „Скопје“, но бидејќи должиме поголема сума пари, деновиве не ни доставуваат нафта. Во ЈСП „Скопје“ работат 1.200 луѓе и нема да дозволиме некој да си поигрува со нивните судбини – рече Муча.