Никола Петров Русински

Под влијание на левичарските идеи, Никола Петров Русински влегува во Македонската социјалистичка група на Васил Главинов, која имала јасен став за македонското прашање, односно за создавање одделна македонска република. Русински целиот живот го посветил на идејата „Македонија за Македонците“, како и за економска правичност за сите жители без разлика на нивната етничка или религиозна припадност

Повод – 149 години од раѓањето на Никола Петров Русински

Деновиве се одбележуваат 149 години од раѓањето на Никола Петров Русински, кој во македонската национална историја останува запаметен како близок соработник на Гоце Делчев, Васил Главинов и на други истакнати македонски револуционери, но и како еден од основачите на четничкиот институт на Македонската револуционерна организација (МРО). Под влијание на левичарските идеи влегува во Македонската социјалистичка група на Главинов, која имала јасен став за македонското прашање, односно за создавање одделна македонска република. Русински целиот живот го посветил на идејата „Македонија за Македонците“, како и за економска правичност за сите жители без разлика на нивната етничка или религиозна припадност. Користел повеќе псевдоними, како: Апостол Скитов, Атила Елонски и сл.

Соработник на Гоце Делчев и на Васил Главинов

Никола Петров е роден на 21 ноември 1875 година, во селото Русиново, Малешевско. Во периодот од 1893 до 1895 година престојувал во Цариград, каде што се образовал и тогаш се запознал со левичарските идеи, а од септември 1895 до март 1897 година учел во подофицерското училиште во Софија и им бил близок пријател на Гоце Делчев и на Васил Главинов. Во 1895 година се вклучил во редовите на македонското револуционерно движење. Во 1897 година, Русински станал четник во првата чета на Македонската револуционерна организација (МРО) во Малешевијата, предводена од војводата Васил Чочов. Истата година, учествувал во киднапирањето на Назлим-бег, кое го раководел Гоце Делчев, а подоцна се приклучил и во четата на Гоце Делчев.
Во 1898 година, Никола Петров Русински се запознал со Васил Главинов, кој во Софија ја формирал Македонската социјалистичка група. Русински како социјалист се вклучил кон групата во која членувале Велко Марков, Никола Карев, Димо Хаџи Димов, Лазар Главинов и др. Тргнувајќи од ставот дека без национално ослободување нема ни економска слобода, социјалистите, меѓу кои и Русински, се залагале за ослободување на Македонија и ги истакнале слоганите „Македонија за Македонците“ и „Ослободувањето на Македонија е работа на Македонците“.
Собирно место на групата била дрводелската работилница на Васил Главинов. Во неа Русински најпрво се вработил, а потоа се сместил да живее. Во своите спомени, Русински вели: „Дрводелската работилница… стана храм на просветата, клуб за собранија, беседи и размислувања: го пополнувавме нашето знаење… разгледуваме разни политички, економски и просветни прашања… Кога некој од нас рецитираше од надвор се собираа… и со задоволство не слушаа. На тој начин работилницата се претвараше во слушална за скитниците и случајните минувачи. Почнаа да читаат реферати и овие слабописмени луѓе кои ги слушаа и повисоки интелектуалци… законите на државата… ни даваа широка слобода за самообразование и ние брзо се развивме во орлов лет“.
Русински исто така вели дека во дрводелската работилница била создадена првата Македонска комуна. Во неа сите беа еднакви меѓу себе. Приходите од надниците не се делеа, а се даваше според потребите. Преостанатиот дел од парите бил наменет за весникот „Политичка слобода“. Неговиот прв број излегол на 6 февруари 1898 година, како орган на македонските социјалисти револуционери. Според Русински, Васил Главинов и Веле Марков биле иницијатори за излегувањето на весникот. Голема заслуга за уредувањето на весникот имал Андон Шулев.
МСРГ сѐ потешко обезбедуваа парични средства за печатење на „Политичка слобода“. Според Русински, „весникот престана да излегува кога еден дел од членовите на македонската револуционерна-социјалистичка група замина за внатрешноста на Македонија. Членовите на МСРГ се договориле еден дел од нив да заминат за Македонија, каде требало да формираат социјалистички групи, а воедно да обезбедат и пари за да го продолжиме животот на весникот Политичка слобода… и за издавање на социјалистички брошури со силна револуционерна содржина, наменета за растурање внатре во Македонија и Одринско“.

Инструктор на четничкиот институт на Македонската револуционерна организација (МРО)

Во 1900 година во Битола била формирана социјалистичка група. Нејзини активни членови биле: Никола Петров Русински, Веле Марков, Иван Дренски, Петар Иванов и Никола Карев. Во исто време била основа група и во Крушево, од страна на Лазар Главинов, а слична група била основана и во Скопје. Алексо Мартулков во своите спомени истакнува: „Но да се мисли дека при тогашните услови можеше да се создаде масовно социјалистичко движење во Македонија… би било наивно. Недостасуваше најглавниот елемент за социјалистичката дејност – индустрискиот пролетеријат“.
На 2 јуни 1900 година на Кале, североисточно од Крушево, се одржала конференција на која учествувале Никола Русински, Најдо од Ракитница, Никола Карев, Иван Дренски и Веле Марков. Била прифатена следната резолуција: 1) Групите се расформираат, за да се запази единството на Внатрешната организација; 2) Во името на големата цел за ослободување, како и во името на легнатите принципи во уставот на Организацијата, кои се прифаќаат, групите се присоединуваат кон Организацијата; 3) За да се засили револуционерниот дух меѓу народот и главно сред интелигенцијата, групите ќе продолжат да ја распространуваат револуционерната социјалистичка литература. Иван Дренски бил незадоволен од решението, кое го сметал за опортунистичко и го напуштил Крушево.
На 3 март 1901 година, Битолскиот окружен комитет го назначил Никола Петров Русински за војвода на Крушевско–демирхисарскиот реон. На 16 март, Русински го напуштил Крушевско и заминал за Прилеп, а на негово место за војвода бил назначен Веле Марков, кој дотогаш бил обичен четник кај Русински. Истовремено со назначувањето на Веле Марков, за војвода бил назначен и Јордан Пиперката, притоа на Пиперката му бил доверен Демирхисарскиот реон, а Веле го презел Крушевскиот реон, како и села од Кичевско, Прилепско и од Битолско.
Христо Узунов во својот дневник напишал дека со организирањето на четите во Охридско и Струшко, суштински започнала организацијата за овој реон. Во тој правец било пристигнувањето на Никола Петров Русински. На 28 ноември 1901 година во селото Велгошти, Русински го презел раководството над охридската чета. Русински ги организирал следните села: Рамне, Велгошти, Конско, Елшани, Пештани, Трпеица, Св. Наум, Вапила, Речица, Плаке, Требениште, Селце, Буринец, Брезово, Оровник и др. Русински во сите села уредил комитети, терористички групи, каси, стражи, ракување со оружје и собирање средства за набавка на оружје. Русинки како војвода во Охридско и Струшко останал до ноември 1902 година. Четата на Никола Петров Русинки ликвидирала неколку потисници на народот и предавници. Меѓу нив биле: Александар Терзијанов, Паункица Георгиева, Бежет Тршан, Шакир Песочани и Риза Кривошиев.
Русински учествувал и на Смилевскиот конгрес. Бил против масовно востание бидејќи сметал дека четите и населението не биле доволно подготвени, но ги прифатил одлуките донесени на Смилевскиот конгрес. Истовремено, заедно со Петар Ацев, Тале Христов, Јордан Тренков и Георги Пешков, тој бил член на штабот на Прилепското горско начелство (за Мариовско). Во текот на Илинденското востание, Никола Русински, чиј помошник војвода бил Тодор Златков, дејствувал во Мариово и командувал и со леринските чети, кои се засолниле во Мариовско, откако се извлекле од тешката ситуација во Леринскиот реон.

Подоцнежни години

По Младотурската револуција, во 1908 година, легално живеел во Битола, посветувајќи им се на социјалистичката пропаганда и синдикалното движење. Учествувал во Балканските војни, по чие завршување бил кандидат на парламентарните избори во пиринскиот дел на Македонија. Набрзо потоа, со почетокот на Првата светска војна, тој бил мобилизиран.
Меѓу двете светски војни, Никола Русински доживеал лична трагедија: по долго боледување му починале сопругата и двете ќерки. По семејната трагедија, тој целосно се посветил на социјалистичката кауза. Во времето на фашизмот во Бугарија учествувал во антифашистичкото движење и ги криел комунистичките илегалци. Никола Русински умрел во крајна беда, на 14 јуни 1942 година во Софија. Автор е на книгата „Придонес кон историјата на Внатрешната македонско-одринска револуционерна организација – за времето 1900 – 1903“, објавена во 1936 година. Во 1997 година, во Скопје, се издадени неговите „Спомени“.