Креаторот на вештачката интелигенција предупреди на опасностите
од нејзиниот развој
Џефри Хинтон, еден од „кумовите на вештачката интелигенција“, го напушти „Гугл“, предупредувајќи на опасностите од новонастанатата вештачка интелигенција. Хинтон е британско-канадски когнитивен психолог и компјутерски научник, познат по својата работа во вештачката интелигенција, особено невронските мрежи и длабокото учење, од 1980-тите. Неговото истражување ги поттикна клучните технологии во компјутерската визија, препознавањето говор и многу повеќе. Тој неодамна изрази етичка загриженост за пребрзиот напредок на вештачката интелигенција и нејзините ризици за приватноста, работните места и контролата.
Во интервју за американското шоу „60 минути“, на прашањето дали човештвото знае што прави кога станува збор за вештачката интелигенција, Хинтон рече: „Не. Мислам дека влегуваме во период кога за првпат има нешто што е поинтелигентно од нас“, изјави тој, а пренесува српска „Политика“.
Од интервјуто за „60 минути“
Дали верувате дека вештачката интелигенција нѐ разбира, го праша новинарот.
„Да“, одговори еден од креаторите на вештачката интелигенција.
Дали верувате дека роботите се интелигентни? – „Да“.
Дали мислите дека овие системи создаваат сопствено искуство и можат да донесуваат одлуки врз основа на нивното искуство на ист начин како што прават луѓето? – „Да“.
Дали се свесни? – „Мислам дека тие немаат многу самосвест во моментов, така што во таа смисла – сè уште не“.
Дали верувате дека вештачката интелигенција ќе стане самосвесна? – „О, да! Мислам дека со текот на времето ќе стекне свест“.
И така човечките суштества ќе бидат втори најинтелигентни на оваа планета, заклучи новинарот. – „Да. Но, штом ќе стане премногу комплицирано, веќе нема да знаеме што се случува во нивните мозоци“.
Мислите дека нема да знаеме како функционира вештачката интелигенција? – „Дизајниравме алгоритам за учење. Но тоа е како да го дизајниравме принципот на еволуција… Кога овој алгоритам за учење е во интеракција со податоците, тој создава комплицирани невронски мрежи, кои се добри во правењето некои работи. Сепак, не разбираме точно како ги прават овие работи. Значи, еден од начините на кои овие системи можат да излезат од контрола е тоа што тие ќе напишат сопствен код. И тоа е нешто за што треба сериозно да се грижиме“, изјави еден од креаторите на вештачката интелигенција.
Кој е д-р Џефри Хинтон
Хинтон, роден во Лондон во 1947 година, порасна со фасцинација за разбирање како функционира мозокот. Таа љубопитност го навела да го истражува полето на вештачките невронски мрежи. Во 1980-тите, кога светот во голема мера беше скептичен за невронските мрежи, Хинтон го виде нивниот потенцијал. Тој веруваше дека овие мрежи, моделирани по човечкиот мозок, можат да го револуционизираат начинот на кој машините учат и обработуваат информации.
Патот на Хинтон не беше без пречки. Тој беше еден од ретките гласови што се залагаа за потенцијалот на невронските мрежи.
На почетокот на векот повторно се зголеми интересот за вештачката интелигенција, а работата на Хинтон почна да го добива заслуженото признание. Неговото истражување ја постави основата за длабоко учење, техника што вклучува обука на невронски мрежи со големи количества податоци за извршување сложени задачи. Овој пристап е фундаментален во овозможувањето на вештачката интелигенција да постигне извонредни подвизи, од совладување игри како „Go“ до напредок во автономните возила.
Размислувајќи за иднината на вештачката интелигенција и нејзините можности, Хинтон еднаш рече: „Не гледам никаква граница. Во принцип, мислам дека невронските мрежи можат да направат сѐ што може да направи едно мало дете“.
Денес придонесот на Џефри Хинтон за вештачката интелигенција е основа за многу технологии што ги користиме секој ден. Од препознавање глас на паметни телефони до препораки за стриминг-услуги, неговата работа влијаеше на широк спектар апликации за вештачка интелигенција. Тој не само што ги помести границите на она што вештачката интелигенција може да го постигне туку и инспирира генерации истражувачи да го истражат неискористениот потенцијал на невронските мрежи.