Студијата за чија изработка им беа потребни пет години на научниците на ИНСЕРМ (Национален институт за здравје и медицински истражувања) и на АНРС (Национална агенција за научни истражувања за сида и хепатитис), а во која беа опфатени над 30.000 лица, предизвика големо внимание во француските медиуми. Таа се најде на насловните страници на водечките весници, во вестите во ударните термини на телевизиите и радиостаниците, како и на социјалните мрежи, бидејќи дава слика за сексуалноста на Французите: преиспитување на хетеросексуалната норма, возраста при првиот и последен сексуален однос, разликата во бројот на партнери меѓу мажите и жените… Во продолжение пренесуваме дел од заклучоците изнесени во студијата
Петгодишно мегаистражување за сексуалноста во Франција
Французите сѐ помалку водат љубов, но го прават тоа подобро. (?!) Ова е еден од заклучоците од големата национална студија за француската сексуалност, спроведена од Националниот институт за здравство и медицински истражувања (ИНСЕРМ) и Националната агенција за истражување за сида и хепатитис (АНРС), чии резултати беа објавени во јавноста минатата недела. Наречена „Контекст на сексуалностите во Франција“, таа беше спроведена со учество на повеќе од 30.000 луѓе на возраст од 15 до 89 години и ги доведува во прашање практиките на Французите во кревет (или на друго место), како и нивната перцепција за сексуалноста. Тоа е огромно и важно истражување, чии резултати може да се споредат со претходните изданија од 1970, 1992 и од 2006 година.
Затоа, денес, меѓу другото, дознаваме дека Французите ги имаат првите сексуални односи подоцна од нивните претходници, но и дека водат љубов подоцна во животот, дека сѐ повеќе луѓе, особено жените, признаваат дека мастурбираат и дека хетеросексуалната норма сè повеќе е доведена во прашање. Друг елемент, кој може да изгледа парадоксален: Французите водат љубов поретко, но нивните практики се разновидни, бројот на нивните партнери се зголемува – особено благодарение на состаноците преку интернет – и нивното задоволство се зголемува. Според тоа, мошне позитивната слика е заматена од набљудувањето дека мерките за превенција на ризик (сексуални преносливи болести и несакана бременост) се помалку забележани во последниве години.
– Сите резултати сведочат за поголема еднаквост меѓу половите и сексуалноста, и покрај зголемувањето на насилството – забележува Натали Бајос, истражувачка директорка во ИНСЕРМ и коавторка на истражувањето.
Истражувањето е спроведено од ноември 2022 година до декември 2023 година. Вкупно 31.518 лица на возраст од 15 до 89 години беа интервјуирани телефонски или онлајн во континентална Франција, како и во четирите прекуокеански територии.
Намалување на бројот на сексуални односи
Французите помалку водат љубов: „Сексуалната активност во последните дванаесет месеци, како и зачестеноста на односите во последните четири недели се намалуваат со текот на времето, за двата пола и за сите возрасни групи“, стои во истражувањето.
Така, нешто повеќе од три четвртини (77,2 отсто) од жените и 81,6 отсто од мажите на возраст од 18 до 69 години изјавиле дека имале сексуална активност со партнерот во текот на годината, додека во 1992 година, повеќе од 86 отсто од жените и 92 отсто од мажите имале имал сексуални односи во изминатата година.
– Падот е многу помалку изразен кај луѓето што живеат како двојка – објаснуваат истражувачите, кои сепак забележуваат дека „огромното мнозинство од населението имало сексуална активност во текот на годината, вклучувајќи и на најстарите возрасти“.
Резултатите потсетуваат на оние од студијата на Ифоп, пренесена од „Либерасион“, која покажа во февруари дека особено најмладите воделе љубов поретко од нивните постари.
Се доведува во прашање хетеросексуалната норма
Истражувањето сведочи за сè поизразеното преиспитување на хетеросексуалната норма во претставувањата и практиките. Општественото прифаќање на нехетеросексуалните сексуалности е многу посилно од порано, дури иако сè уште постои отпор, и иако дискриминацијата на хомосексуалните или трансличностите сè уште е честа. Голема промена во споредба со претходните анкети е тоа што жените за првпат пријавуваат повеќе искуства со луѓе од ист пол отколку мажите. Понатаму, значителен дел од населението изјавува дека не се строго хетеросексуалци, што е особено забележителен феномен кај младите жени (37,6 отсто од 18 до 29-годишна возраст).
– Се осврнуваме на различни аспекти: атракции, практики и би и хомоидентитет. И овие димензии не се сосема синхронизирани. Можеме да имаме привлечност без да имаме партнери итн. – наведува епидемиологот Каролин Моро (ИНСЕРМ), која ја водеше студијата. Речиси 15 отсто од жените на возраст од 18 до 89 години велат дека веќе биле привлечени од личност од ист пол во споредба со помалку од 10 отсто од мажите. Секоја петта жена вели дека не е строго хетеросексуална, во споредба со секој седми маж.
Студијата, исто така, забележува дека општественото прифаќање на хомосексуалноста е подобро кај жените, од кои 69,6 отсто ја сметаат хомосексуалноста како сексуалност како и секоја друга во споредба со 56,2 отсто од мажите. Тие, исто така, во поголем број од мажите се изјаснуваат дека не би имале проблем да ја прифатат хомосексуалноста на нивното дете (77,9 отсто од нив, наспроти 66 од мажите). Прифаќањето на трансродовоста е, сепак, помало и кај жените и кај мажите (41,9 отсто од жените и 31,6 од мажите).
Подоцнежен прв сексуален однос, но подолга сексуалност со текот на времето
Младите Французи се постари од нивните предци кога го доживуваат првото сексуално искуство. Во 2023 година, просечната возраст на првиот сексуален однос е 18,2 години за жени и 17,7 години за мажи. Истражувањето од 2006 година покажа дека најмладите, во тоа време, станале сексуално активни со 17,6 години за жени и 17,2 години за мажи. Додека половина век порано, мажите имале поголема веројатност да имаат 18,8 години, а жените 20,6 години кога имале прв сексуален однос.
Затоа, денес движењето е малку спротивно, со првиот сексуален однос на подоцнежна возраст. Меѓутоа, ако Французите почнуваат подоцна со водење љубов, тоа го прават и подолго во животот: во 2023 година, 56,6 отсто од жените и 73,8 отсто од мажите остануваат сексуално активни по 50-та година од животот.
Се зголемува бројот на сексуални партнери, а јазот меѓу половите се намалува
Французите подоцна почнуваат со водење љубов, но тоа го прават со повеќе партнери: жените имаат во просек 7,9 партнери во животот, наспроти 16,4 кај мажите. Јазот останува значаен, но се намалува во текот на изминатите педесет години: во 1970 година, жените во просек имале 1,8 партнер во текот на нивниот живот во споредба со 11,8 за мажите; во 2006 година, бројот на партнери на мажите беше 11,6 додека кај жените се искачи на 4,4. Овие анализи покажуваат дека самата дефиниција за сексуален партнер не е иста за мажот и за жената. Жените ги бројат само мажите што нешто им значеле, додека мажите ги бројат сите партнерки.
Забележуваме и благ пораст на сексуалното задоволство: 45,3 отсто од жените и 39 отсто од мажите велат дека се многу задоволни од нивниот сегашен сексуален живот. Овие бројки се релативно стабилни со текот на времето, но ситуацијата се подобрува.
Превенција на ризик: младите помалку користат кондоми
Забележуваме пад на превенцијата на почетокот на сексуалниот живот. Во 2006 година, речиси сите анкетирани мажи (97,1 отсто) и жени (98,3 отсто) изјавиле дека користеле контрацептивен метод за време на првиот сексуален однос. Ова се однесува само на 87,2 отсто од жените и 92,3 отсто од мажите во 2023 година. Пад што е забележан и во употребата на кондоми: само 75,2 отсто од жените и 84,5 отсто од мажите користеле кондоми при првиот однос, во ова издание. Друга загрижувачка бројка е тоа што само половина од жените и мажите користеле кондом при првиот однос во последните дванаесет месеци.
Тони Гламчевски, дописник на „Нова Македонија“ од Стразбур